23 јануари 2025
Скопје - Претседателот на Советот на амбасадори на Албанија, Генци Муцај е оптимист дека Северна Македонија наскоро ќе и се приклучи на Албанија, која ги започна преговорите со ЕУ со отворање на првиот кластер, и оти ќе се најде решение со бугарската страна за одблокирање на евроинтеграцијата.
-Не сме среќни што сте зад нас, би сакале да бидеме заедно на евроинтегративниот пат. Ние сме Европејци, досега требаше да станеме дел од ЕУ. Не гледам причина зошто вие наскоро не би ни се придружиле, без оглед на оддолжувањето. Сигурен сум дека ќе се најде решение со бугарската страна. Нема причина зошто европската интеграција на земјите од регионов би била блокирана, вели амбасадорот Муцај, од Советот на амбасадори на Албанија кој заедно со Советот на амбасадори на Република Северна Македонија е коорганизатор на регионалната работилница “Дијалог со граѓанското општество за промени во Западен Балкан”.
Скопје - Министерството за правда информира дека интензивно работи на измени на Законот за Судскиот совет и Кривичниот законик, укажувајќи дека во изминатиот период се формирани работни групи за изготвување на предлог измените и дека очекува во најскоро време работните групи да излезат со предлог законски решенија.
За претседател на работната група за изменување и дополнување на Законот за Судски совет именувана е Мирјана Лазарова Трајковска, судија во Врховен суд на РСМ.
Скопје - Сообраќајната полиција и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата (МЕБСП) на Министерство за внатрешни работи изминатиот месец извршиле вкупно 6984 контроли на возила што сообраќаат низ градовите во државата согласно „Акцискиот план за чист воздух за грејната сезона 2024 – 2025 година“.
Како што информира Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во доставениот извештај до Работната група за чист воздух на Министерството за животна срдина и просторно плнирање, во период од 13 декември 2024 до 13 јанаури 2025 година од страна на СВР Скопје, СВР Тетово, СВР Охрид, СВР Битола, СВР Велес, СВР Куманово, СВР Штип, СВР Струмица и МЕБСП се извршени вкупно 6984 контроли на возила.
Скопје - „ТАВ Македонија“, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродроми, Меѓународниот аеродром - Скопје и Aеродромот „Свети Апостол Павле“ - Охрид, ја известува и предупредува јавноста за лажни страници и профили на социјалните мрежи, преку кои наводно се продава изгубен багаж на аеродромот.
- „ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ Аеродроми“, сака да ја информира, а истовремено да ја предупреди јавноста дека, за жал, има лажни страници и профили на социјалните мрежи, на кои наводно се продава изгубен багаж на Меѓународниот аеродром - Скопје. Ова се лажни објави на социјалните мрежи преку кои се шират лажни информации за наводна продажба на изгубен багаж во име на Меѓународниот аеродром - Скопје, односно аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“, а понатаму, корисниците се пренасочуваат на линкови до веб-страници, каде што се бараат лични податоци и детали од банкарски сметки, со цел да бидат измамени да направат трансакција, појаснуваат од „ТАВ Македонија“ преку соопштение до јавноста.
Скопје - Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време, особено на повисоките места и на планините, поради што снежната покривка и понатаму ќе се намалува. По котлините ќе биде магливо и постудено, особено во претпладневните часови, информираат денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
За утре се прогнозира најтопло да биде во Гевгелија, каде се очекува максимална температура од 15 степени. Во Скопје, температурата утре се очекува да се движи од 1 до 6 степени.
Љубљана - Во Словенија утре ќе биде ден на жалост поради загинувањето на тројцата рудари во несреќа во рудник за јаглен, објавија словенечките медиуми.
Еден рудар е пронајден мртов, а по двајца се трагаше во рудникот за јаглен во градот Велене, североисточна Словенија. Телата на двете лица беа пронајдени вчера. Останатите 11 лица кои работеле во рудникот во моментот на несреќата успеале да излезат.
Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија „не гледа ништо ново во заканите“ од американскиот претседател Доналд Трамп за воведување нови санкции кон земјата доколку не се постигне договор за Украина.
- Не гледаме тука ништо особено ново. Трамп за време на својот прв мандат беше американски претседател кој најчесто прибегнуваше кон методи на санкции, изјави Песков, коментирајќи ги заканите од Трамп за воведување тарифи и санкции на рускиот извоз во САД доколку не се постигне договор за војната во Украина.
Либервил - Во Габон на 12 април ќе се одржат претседателски избори, соопшти воената хунта која е на власт по воениот удар од август 2023 година.
Уставниот суд на Габон треба да одобри контроверзен закон со кој воените лица ќе можат да се кандидираат на сите избори во земјата.
Рим - Папата Франциск ги повика политичките и економските лидери на Светскиот економски форум во Давос внимателно да го следат развојот на вештачката интелигенција (ВИ), предупредувајќи дека технологијата може да ја влоши се поголемата „криза на вистината“.
Во писмената изјава прочитана во Давос, папата ги пофали способностите на технологијата на вештачка интелигенција, но предупреди дека таа предизвикува „голема загриженост“ за иднината на човештвото.
Брисел - Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас ја именува Шпанката Белен Мартинез Карбонел за нова генерална секретарка на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Мартинез Карбонел, која ќе ја преземе должноста на 1 февруари, на ова позиција ќе го наследи Стефано Санино.
Давос - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска преку видео врска ќе им се обрати на учесниците на Светскиот економски форум, што се одржува во Давос.
Предвидено е обраќањето на Трамп да трае 45 минути, вклучително и сесијата прашања и одговори со директорите на големите компании.
Вашингтон - Американскиот претприемач Илон Маск изрази сомнеж во изводливоста на амбициозниот инфраструктурен проект за изградба на дата-центри на компанијата OpenAI во САД, наречен „Ѕвездена капија“ (Stargate), истакнувајќи дека инвеститорите нема да успеат да ги обезбедат планираните 500 милијарди долари.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека инвеститори, меѓу кои јапонската SoftBank и блискоисточниот фонд MGX, ќе обезбедат средства за „Ѕвездена капија“, но Маск тврди дека SoftBank нема доволно капитал, пренесува TechCrunch.
Teл Авив - Израел побара од САД дополнителни 30 дена за да ги повлечат своите трупи од јужен Либан, неколку дена пред крајниот рок од 60 дена предвиден во договорот за прекин на огнот со Хезболах, објави „Тајмс оф Израел“.
Според условите на договорот за прекин на огнот од 27 ноември, Израелските одбранбени сили (ИДФ) треба да ги предаде сите свои позиции во јужен Либан на либанските вооружени сили до 26 јануари.
Брисел - Бугарите и Грците се најмалку задоволни од животот меѓу нациите во Европската унија, а најзадоволни се Финците, покажуваат резултатите од истражувањето што го објави Евростат.
Просечната оценка за задоволство од животот во ЕУ во 2023 година, е 7,3 на скала од 0 до 10. Меѓу 27-те земји на ЕУ, 15 се околу или над просекот на ЕУ.
Бангкок - Тајланд денеска стана првата земја во Југоисточна Азија која легализира истополови бракови, а ЛГБТ+ групите се подготвуваат да го одбележат историскиот настан со над 1.000 истополови свадби во еден ден.
По децениски кампањи на активисти, Тајланд стана третата земја во Азија која ги легализираше истополовите бракови по Тајван и Непал, со новиот закон за брачна еднаквост кој стапува во сила денеска.
Давос - Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи денеска ја спореди „менталната зараза на woke идеологијата“ со „рак“ и го бранеше „својот драг пријател“ Илон Маск, кој беше обвинет дека испратил нацистички поздрав.
„Американскиот милијардер во изминативе неколку дена беше неправедно оцрнет од woke активистите заради невин гест, кој симболизира само благодарност кон луѓето“, изјави Милеи за време на своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос.