• четврток, 23 јануари 2025
МИА радио флеш

Скопје – Настаните на 27 април се навистина тешко дело против државата, но и тогаш, и сега, го повикуваме јавниот обвинител, вистински да истражи кои се организаторите, порача одбраната на обвинетите за случајот „Организатори за 27 април“, откако Основниот Кривичен суд Скопје денеска го уважи барањето за амнестија на обвинетите ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристески, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски. 

Според адвокатот Јордан Апостолски, после шест години, притвори, куќни притвори, понижувачки однесувања, Судот ја донел единствената можна одлука, а тоа е да ги ослободи и да ги амнестира обвинетите. 

Скопје- На владината седница што треба да се одржи следната недела се очекува да бидат завршени сите процедури околу кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите. 

Портпаролката на Владата Марија Митева денеска на прес-конференција во Владата рече дека согласно најавите на Владата оваа кредитна линија треба да стане оперативна до крајот на јануари. 

-Како Влада најавивме дека до крајот на јануари се очекува кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите да стане оперативна. Тоа е веќе следната недела и очекувам на таа владина седница сите овие процедури да бидат завршени со што компаниите ќе можат да ги користат овие финансиски средства, рече Митева во одговор на новинарско прашање.

Скопје - Како ЕУ делегација ќе се фокусираме да и помогнеме на Северна Македонија да ги испорача реформите, меѓутоа постои голем моментум во процесот на проширување што треба да го искористите, изјави денеска евроамбасадорот Михалис Рокас по посетата на Куманово.

-Во Бугарија има нова Влада, тоа е факт, и ги видовме пораките што се разменија за честитки за новата влада, ние го поздравуваме ова. Од наша страна како ЕУ делегација ќе се фокусираме да и помогнеме на земјата да ги имплементира реформите. Како што кажав, постои голем моментум и голема можност во процесот на проширување, треба да се искористи тој моментум, рече Рокас, во одговор на новинарско прашање дали по изборот на нова влада во Софија, се очекува Северна Македонија и Бугарија да седнат на маса за решавање на проблемот и дали ЕУ би се нашла во улога на медијатор во тој процес. 

Рокас потсети дека постои интензивна дипломатска активност за евроинтеграциите на земјава.

Скопје - Без оглед на најавените царини од страна на новиот претседател на САД Доналд Трамп за Европската унија, за земјава е важно да ги задржи двете клучни патеки - евроинтегративниот пат кон ЕУ и стратешкото партнерство со САД, истакна  амбасадорот Ѓорѓи Филипов во изјава за медиумите пред отворањето на работилницата “Дијалог со граѓанското општество за промени во Западен Балкан”.

Според амбасадорот Филипов, земјава е мала и треба да ги следи своите интереси, а тоа е следење на двете линии - јасната определба за приклучување кон ЕУ, и задржување на статешкото партнерство со САД. 

Скопје - Поттикнување силен циклус на економски раст, подобрување на транспортната инфраструктура, зголемување на животниот стандард, создавање квалитени работни места, модернизирање на образовниот систем и забрзување на дигиталната трансформација, се само дел од стратешките приоритети за периодот 2024 - 2028 година. Во функција на нивна реализација е и Програмата за работа на Владата во 2025 година што беше донесена на последната седница.

Како што информира денеска владиниот портпарол Марија Митева, презентирајќи ја Програмата, економското заживување на државата е врвен приоритет.

Според Митева, одредена е динамика по месеци за реализација на Програмата, што е потврда за транспарентноста и предвидливоста на Владата.

Скопје - Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) потенцираат дека бројот на пациенти е во постојан пораст и однапред најпрецизно не може да се предвиди и определи динамиката на потрошувачката, но дека како Клиника располагаат со преглед на потрошувачка на количините за постојните пациенти.

Како што подвлекуваат, Клиниката за онкологија е на располагање за обезбедување регистар во форма неопходна за потребите на ФЗО, со цел обезбедување јасен и транспарентен начин за евиденција на биолошката терапија.

Став на стручниот колегиум на Клиниката е дека генеричките - постари лекови треба да се стават на Позитивната листа, бидејќи преку условен буџет, како што појаснуваат, сѐ уште се набавуваат лекови постари од 20 години што не е иновативна терапија.

Скопје - Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски денеска изјави дека усвојувањето на Платформата за национално единство и е потребно на државава и оти има разговарано со претставници на политички партии за нејзино усвојување, но оти прецизни разговори би се случиле на ниво на делегации на партиите.

-Тоа не е само платформа за национално обединување, туку сеопшто обединување на ниво на нација која што се однесува и за нас Македонците како основоположник народ, основоположник на нашата дражва, а и за сите етнички заедници коишто живеат во нашата држава. Македонија заслужува да оди напред, а ова е една добронамерна платформа. Во минатото имало вакви обиди, но за жал доаѓале од лево или од десно, и секогаш по пат на политички биле отфрлувани, рече Димитриевски во одговор на новинарско прашање какви се сигналите од политичките партии за тоа дали може да се усвои платформата.

Потсети дека ЗНАМ веќе ја поднел таа платформата пред коалициските партнери со коишто партиципираат во работењето на Владата и оти очекуваат нивен одговор.

Софија - Бугарскиот премиер Росен Жељазков на средба со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, искажал поддршка за проширувањето на ЕУ, но според принципот на сопствени заслуги, односно исполнети обврски, пренесува БТА.

Жељазков по средбата со Кошта во Стразбур, изјави дека разговарале за важни прашања поврзани со агендата на ЕУ во однос на проширувањето.

-Го потврдивме нашиот став, кој се однесува на земјите од Западен Балкан - дека се придржуваме до принципот на сопствени заслуги, како што повеќепати и постојано кажуваме, истакна новиот бугарски премиер.

Сараево - Владејачката коалиција во БиХ е на прагот на распаѓање две години по нејзиното формирање, откако партиите од пробошњачкиот политички блок одлучија да го прекинат овој сојуз со СНСД на Милорад Додик, чии претставници денеска не поддржаа два европски закони, додека ХДЗ БиХ и српските опозициски партии ги поддржаа.

На вонредната седница на Претставничкиот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина во Сараево беа донесени два закони за заштита на личните податоци и гранична контрола, кои Европската комисија ги постави како еден од предусловите за отворање на преговорите за членство со Босна и Херцеговина.

Брисел – Европската Унија ги поддржува организациите на граѓанското општество во сите земји опфатени со процесот на проширување, вклучително и Србија, и нагласува дека почитувањето на нивните права е дел од обврските од преговорите за членство во ЕУ, изјави портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.  

-Граѓанското општеството и независните медиуми играат витална улога во развојот на здраво и демократско општество, рече Мерсие во одговор на прашањето за коментар на ЕК на информациите за протерување на 13 активисти на странски невладини организации од Србија, меѓу кои и државјани на ЕУ и на земјите опфатени со процесот на проширување.

Братислава - Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека планира да преземе превентивни мерки, поради протестите кои би можеле да доведат до соборување на неговата влада.

Фицо рече дека опозицијата планира да ги интензивира протестите со окупација на владини згради и тврди дека затоа биле ангажирани странски експерти кои учествувале во демонстрациите во Украина и Грузија.

Целта на овие демонстрации е да се создаде хаос, со можен конфликт со полицијата, рече Фицо, пренесуваат британските медиуми.

Киев - Началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, денеска изјави дека на Украина и е потребна европска поддршка за да ја заврши војната „која воопшто не ја сакаше“.

„Ние сме жртви на оваа агресија и навистина сакаме да се воспостави праведен мир. Сакаме оваа војна да заврши. „Оваа година, се разбира, говорот на претседателот во Давос беше конкретно насочен кон Европа“, рече Јермак во интервју за „Еуроњуз“ на англиски јазик.

Берлин - Речиси секој осми млад човек во Германија никогаш не ги слушнал термините „Холокауст“ или „Шоа“, покажуваат резултатите од анкетата е направена во време на растечката популарност на екстремната десница, пренесе ДПА.

Во Германија, 12 отсто од анкетираните млади лица на возраст од 18 до 29 години им кажале на анкетарите дека термините не им се познати.

Процентот е уште поголем во Австрија со 14 отсто, во Романија е 15 отсто и во Франција каде 46 отсто од младите луѓе се изјасниле дека овие термини им се непознати.

Варшава - Полската армија ја прими првата пратка од 28 најмодерни американски тенкови „Абрамс“ (Abrams M1A2 SEP V3), што сега ја рангира на второто место по бројот на модерни тенкови во НАТО, по САД.

Со добивањето на американски тенкови Полска ќе има речиси 500 модерни тенкови од прва линија – „Леопард 2“ во различни варијанти, „Абрамс“ ( во А1 и А2 варијанта“, корејски „К2 Црн Пантер„ и полскиот „ ПТ-91“, што е радикално модернизирана варијанта на советскиот тенк „Т. -72“, објави порталот балканска безбедносна мрежа.

Во однос на апсолутниот број на тенкови во НАТО и натаму водат Турција и Грција, чии количества се уште се изразени во четири цифри. Меѓутоа, повеќето од нив се постарите генерации на тенкови „Леопард 1“, „Патон„ и „М-60“, што се помалку одговараат на предизвиците на модерното војување, додека секоја од нив има и по околу триста модерни тенкови.

Брисел - Европска Унија го нотира прогласувањето на јеменското движење Поддржувачи на Алах, познати под името Хути, за странска терористичка организација од страна на САД, но во оваа фаза нема таква одлука од ЕУ, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни. 

 - За нашиот режим на санкции, односно за т.н. „терористичка листа“, потребна е едногласна одлука на Советот на ЕУ. Тоа е се што можам да кажам за ова прашање во оваа фаза, рече Ел Ануни, во одговор на прашањето дали ЕУ планира да го следи примерот на САД и да ги прогласи Хутите за терористичка организација. 

Тој додаде дека ЕУ ги спроведува санкциите во врска со Јемен воведени од ОН и со нив се опфатени 120 команданти и други истакната личности и е воведено ембарго за извоз на оружје. 

Варшава – Германија летово ќе испрати авиони „Јурофајтер“ (Eurofighter) во Полска, за да помогне во заштитата на воздушниот простор на источното крило на НАТО, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус за време на посетата на полскиот воен аеродром Јасионка.

Тој додаде дека два система Патриот ќе бидат распоредени во југоисточна Полска и од 27 јануари ќе бидат целосно оперативни. Системите Патриот ќе го штитат воздушниот простор во регионот шест месеци.

Москва - Испраќањето на трупи на земјите-членки на НАТО во Украина би довело до неконтролирана ескалација на конфликтот и е целосно неприфатливо за Русија, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Захарова, пренесуваат руските медиуми, реагираше на изјавата на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој вчера изјави дека најмалку 200.000 европски војници како мировна мисија треба да бидат распоредени во Украина за да се спречи евентуален нов руски напад врз неговата земја по склучувањето на примирјето.

Зеленски повика и на зголемен притисок и повеќе санкции врз Москва, а исто така побара повеќе системи за воздушна одбрана за заштита на украинските градови и оружје за армијата.

Мексико Сити - Мексико гради големи прифатни центри во близина на границата со САД за депортирани мигранти како одговор на плановите на американскиот претседател Доналд Трамп, јави ДПА.

Центрите се дел од програмата „Мексико ви посакува добредојде“ на мексиканската Влада во случај Трамп да го исполни своето изборно ветување за масовни депортации. Американскиот претседател рече дека сака да преземе мерки против имигрантите кои илегално влегле во САД или кои се во земјата без документи.

Во градот Сиудад Хуарез, преку границата со тексашкиот град Ел Пасо, работниците подигнаа челични конструкции високи метар за прифатни центри. Папата Франциск отслужи миса на истата локација за време на посетата на Мексико во 2016 година.

Тел Авив - Двајца палестински напаѓачи, кои беа убиени во текот на ноќта меѓу понеделникот и вторникот во близина на градот Џенин на Западниот Брег, се меѓу напаѓачите кои извршија терористички напад во селото Ел Фундук на почетокот на јануари, соопшти израелската војска.

Хамас ја презеде одговорноста за нападот на 6 јануари, потврдувајќи дека Кутаиба ал Шалаби и Мохамед Назал, кои беа убиени, учествувале во нападот во кој загинаа тројца Израелци, пишува „Тајмс оф Израел“.

Остани поврзан