• вторник, 11 март 2025
МИА Радио флеш

11 март 2025 

Баку - Северна Македонија и Азербејџан ќе ја унапредуваат соработката преку декларација за стратешко партнерстство и пријателство првенствено со фокус на енергетиката и економијата, а се иницира и укинување на визи за дипломатски и службени пасоши. Азербејџан е подготвен да го зголеми новото на дистрибуција на македонскиот пазар, беше истакано по денешната средба во Баку на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и нејзиниот домаќин Илхан Алијев. 

- Претседателот веќе ја кажа заинтересираноста на ЕУ за стратешко партнерство. Да, Азербејџан не само што има интересна локација денеска на меѓународната геополитичка сцена туку станува и актуелен заради богатството со гас а сите ние во транзиицијата кон обновливите извори се разбира дека имаме потреба од помош.  Ќе го повторам она што му го кажав на претседателот, дека очекувам да направиме чекор да потпишеме декларација што ќе води кон воспоставување или потпишување договор за соработка. Тоа не значи само азербејџанска помош во поглед на гасот, туку ќе отвори простор и за економска соработка, рече Сиљановска Давкова,  која е во официјална посета на Азербејџан.

Скопје - Реформите во јавните финансии се клучен чекор за секоја држава што се подготвува за членство во ЕУ, порача денеска евроамбасадорот Михалис Рокас пред членовите на собраниските комисии за економски прашања и финансирање и буџет. 

На презентацијата за фискалното управување во ЕУ и улогата на Фискалниот совет, Рокас напомена дека носителите на политики треба да ги сметаат фискалните совети како клучна цел во процесот на донесување на јавните политики. Фискалните совети, рече, поттикнуваат јавни дебати за фискални прашања и транспарентност што им овозможува на граѓаните и деловните субјекти, како и на инвеститорите подобро да ја разберат фискалната и финасиската состојба во нивните држави. Во овој контекст тој го поздрави формирањето на Фискланиот совет во земјава, како и напорот за јакнење на неговиот капацитет и мандат.

Скопје - Темите за кои ќе се дискутира денеска се од глобална важност и се порелевантни денеска од било кога заради неизвесностите и фискалните кризи што го погодија регионот, но и целиот свет, порача директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија Масимилијано Получи на денешната презентација „Фискално управување во Европската Унија и улогата на Фискалниот совет“ пред членовите на собраниските комисии за финансирање и буџет и за економски прашања, труд и енергетска политика.

-Јавниот долг во Република Северна Македонија значителни се зголеми и сега е на 62,4 проценти од БДП што е 14 проценти над нивото од пред пандемијата. Ова се должи на постојани фискални дефицити од пандемијата кои во просек изнесуваат 5 проценти годишно, рече Паолучи во обраќањето пред комисиите во салата „Борис Трајковски“ во Собранието.

Скопје - Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната прес-конференција истакна дека интерпелациите за петте членови на Судскиот совет не е политичка пресметка, туку, како што рече, прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем создаден од власта на СДСМ и ДУИ во изминатите години. 

-Ова не е прашање на партија, туку прашање на иднината. Ние, како парламентарно мнозинство, сме должни пред граѓаните, пред идните генерации, пред оние кои заслужуваат да живеат во држава со правда, да донесеме одлука со која конечно ќе се стави крај на политичка контрола врз судството. Судскиот совет има 2 проценти доверба кај граѓаните. Ова не е институција што ужива почит, ова е тело што служеше за политичка и бизнис мафијата да ги штити своите луѓе од одговорност, рече Ковачки. 

Велес - Каква е подготвеноста и ефективноста на системот за справување со болеста африканска чума кај свињите при евентуална нејзина појава, но и кои  мерки треба да се преземат за негово подобрување, се дел од прашањата на кои во рамки на симулациската вежба за болеста африканска чума кај свињите, денеска и утре во Велес и во Башино село, одговори ќе бараат експерти од Европската унија и од Македонија, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и од други институции и  невладини здруженија и федерации. 

- Согласно Одлуката  за планови за итни мерки кај животните, а во врска со Законот за ветеринарно здравство, како раководител на Националниот центар  за контрола на болеста,  за исклучително важна за нас како држава и институција  ја оценувам можноста за соработка на меѓународните и домашните експерти за справување со болеста африканска чума кај свињите, болест со која и ние како држава и институција бевме исправени пред предизвикот да се справуваме. Од голема важност е и  можноста за спроведување на обука за справување со оваа болест, во рамки на оваа симулациска вежба, која се одржува во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и во соработка со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации  - (FAO). Токму овие два дена  ќе бидат основа за тоа како треба да се дефинираат и реализираат идните постапувања при евентуална итна кризна или вонредна состојба при појава на болеста, која го загрозува здравјето или благосостојбата на животните и претставува закана  не само за питомата, туку и за дивата популација свињи, за што бевме сведоци во минатото, рече на денешното отворање на симулациската вежба во Велес директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Оливер Миланов. 

Скопје - Меѓународниот аеродром Скопје повторно се стекна со признание и награда за квалитетот на аеродромските услуги за 2024 година за Најпријатно аеродромско искуство во Европа, зацврстувајќи ја својата репутација како лидер во патничкото искуство при патување преку аеродромот.

Како што информираат ТАВ Аеродроми, аеродромите добитници на наградата беа откриени вчера од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI), со истакнување на аеродромите кои се извонредни во обезбедувањето непречено, ефикасно и патување без стрес.

Скопје - Полицијата вчера на експресниот пат Штип-Кочани уапсила едно лице откако со радар утврдила дека управувал со возилото со над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

-На експресен пат Штип – Кочани, кај село Крупиште, општина Карбинци, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип вчера го лишиле од слобода А.М.(26) од Скопје, со живеалиште во Кочани, информираат од МВР.

Брисел - Во контекст на заголемените геополитички тензии и обновениот моментум на проширувањето на ЕУ, покрај канцеларија во Тирана задолжена за контакти со земјите од Западниот Балкан, Европскиот парламент ќе отвори и претставништво во Кишињев, кое ќе претставува клучна точка за односи со националните парламенти, граѓанското општество и локалните партнери од државите во регионот на Источното партнерство. 

- Канцеларијата ќе ги промовира позициите и активностите на Парламентот и ќе ги поддржува демократијата и институционалните реформи во регионот. Таа ќе помага во подготовката и следењето на официјалните посети на европратениците, истовремено засилувајќи ја соработката со другите актери на ЕУ на терен, меѓународните организации и граѓанското општество, соопшти Европскиот парламент.

Варшава - Полското Министерство за внатрешни работи, заедно со Министерството за одбрана и владиниот безбедносен центар, до крајот на годината ќе изработи и ќе достави до секое семејство во земјата список со препораки за преживување во кризни ситуации.

Водичот ќе содржи информации за преживување во услови на долгорочен недостаток на основни потреби, вклучително и електрична енергија, како и список на предмети што треба да се подготват за евентуална евакуација.

Пекинг - Кина денеска соопшти дека се надева дека може да се најде „праведно и трајно решение“ за војната меѓу Украина и Русија, бидејќи високи претставници на САД и Украина треба да разговараат за конфликтот во Саудиска Арабија.

-Се надеваме дека страните ќе можат да постигнат праведно и трајно решение што ќе биде прифатливо за сите, рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг на прес-конференција во Пекинг.

Стразбур - Европа денес се соочува со истата задача како и пред 70 години, со потребата за изградба на заедничка одбрана насочена кон одвраќање на каков било напад однадвор, затоа што мирот во Европската Унија повеќе не може да се зема здраво за готово, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент на дебатата посветена на зајакнувањето на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.   

- Се разнишува европскиот безбедносен поредок и толку многу наши илузии се рушат, истакна Фон дер Лајен.

Џеда - Делегации на Украина и на СAД денеска започнаа состанок во Саудиска Арабија, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Министерството извести за почетокот на средбата во Џеда на својот официјален канал на социјалната мрежа Телеграм. На официјалната веб-страница на американскиот Стејт департмент се наведува дека средбата на американската и украинската делегација во Џеда е закажана за денеска напладне по локално време. Шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, пред средбата изјави дека украинската делегација се подготвува за преговорите.

Хавана - Врховниот суд на Куба соопшти дека 553 затвореници биле ослободени во земјата како дел од договорот постигнат со посредство на Ватикан, кој беше загрозен откако американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли ветувањето на неговиот претходник Џо Бајден за олеснување на санкциите кон островската држава.

Бајден во јануари се согласи да ја отстрани Куба од листата државни спонзори на тероризмот во замена за ослободување затвореници со посредство на Римокатоличката црква.

Остани поврзан