• сабота, 08 март 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  6  март 2025

 

Скопје - СВР Скопје информира дека во Скопје денеска и утре поради официјална посета на претседателот на Собранието на Република Хрватска Гордан Јандроковиќ, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Скопје - Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ денеска ќе престојува во официјална посета на земјава.

Јандроковиќ денеска ќе го посети македонското Собрание, каде ќе биде свечено пречекан со високи државни и воени почести.

Како што најавуваат од собраниската прес-служба, Јандроковиќ ќе има тет-а-тет средба со Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија. По средбата со Гаши, предвидени се разговори на делегациите на двете земји заедно со двајцата претседатели на парламентите.

Скопје - Најавени се голем број нови авиокомпании, голем дел од нив ќе летаат на нови дестинации и очекуваме зголемување на бројот на патници веќе од средината на оваа година, вели во видеоинтервју за МИА генералниот директор  на ТАВ Македонија Неџат Курт.

Тој информира дека се очекува за околу еден месец да стартуваат со работите предвидени со  модернизацијата на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во тек на планираните активности авиосообраќајот нема да биде запрен. Модернизацијата на аеродромот е обврска на ТАВ, согласно Договорот за концесија на аеродромите. Плановите се да се зголеми капацитетот на патничкиот терминал и да се обезбеди удобност за патниците кои ќе патуваат низ аеродромот.

Скопје - На Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска ќе биде потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за финансии и Економскиот факултет.

Како што соопштија од Министерството за финансии, Меморандумот ќе го потпишат министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и деканот на Економскиот факултет Предраг Трпески.

Скопје - Фондацијата Конрад Аденауер  (КАС) и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје денеска организираат панел дискусија на тема „Евро-атлантската безбедносна динамика: Предизвици за НАТО, Европа и процесот на проширување кон Западен Балкан”.

Оваа панел дискусија се организира во рамки на официјалното отварање на т.н. Школа за безбедност 2025, која КАС и Филозофскиот факултет-Скопје, а со поддршка на сестринска фондација „Вилфрид Мартенс“ - Центарот за Европски студии од Брисел традиционално ја организираат во изминатите неколку години.

Скопје - „Бајка“ е насловен концертот кој вечер со почеток во 20 часот ќе се одржи во Филхармонија на кој како солистка ќе настапи нашата виолинистка Ана Кондратенко, концертмајстор во Филхармонијата.

На концертот, Ана Кондратенко воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.

-Врвната виолинистка Анна Кондратенко, на овој концерт, покрај како солистка на виолина, ќе се претстави и како диригентка со Камерниот оркестар составен од членови на Македонската филхармонија, стои во соопштението.

Скопје - Новото туско списание за култура „Traktatus“, деновиве го објави расказот на Томислав Османли насловен „Наредното евангелие“. Расказот од македонски го преведе Мехмед Јонуз, додека како негов уредник се јавува книжевна теоретичарка и писателка Сема Ватансевер. Списанието „Traktatus” ја носи одредницата „Мисла и уметност“. Неговиот прв број се појави во декември минатата година, при што тоа се јавува во две изданија, печатено и електронско. Расказот на Османли се појавува во двете негови верзии.  

Скопје - По концертите во Истанбул, Атина и Софиа и Скопје е на мапата на турнејата на бендовите LAGOSS и проектот Serpente од Канарските острови. Ова експериментално сајбер-тропско музичко трио од Тенерифе ќе настапи вечер во Салонот 19:19 во Културно - информативниот центар.

LAGOSS го сочинуваат Даниел Гарсија, Гонсало Ф. Кардосо и Младен Курајица. Сите тројца искусни музичари сами по себе, а и преку различни проекти се со меѓународнa репутација, вклучувајќи ги Gonzo, GAF, Papillon, Tupperwear, Salétile, Afgan и многу други соработки како São Paulo Underground или Rob Mazurek! 

Атина – Во инциденти што синоќа се случија во центарот на Атина по протестот за железничката несреќа кај Темпи, приведени биле 30 лица, од кои седум се уапсени, повредени биле тројца полицајци, како што соопштија од грчката полиција, додека според информациите на дописничката на МИА од Атина, полесно повредени беа и двајца демонстранти.

Инцидентите започнаа по завршувањето на официјалниот дел, кога групи маскирани лица ја нападнаа полицијата со молотови коктели и разни предмети и запалија канти за отпадоци, а полицајците одговорија со шок бомби и солзавец.

Белград - Средношколците во Белград повикаа утре да се одржи генерален штрајк кој според нив, би бил поради не само поради вртоглавото покачување на цените во Србија, туку и поради состојбата во земјата и неодговорноста на сите надлежни институции кон нивните барања.

Средношколците веќе еднаш повикаа на генерален штрајк, кога се одржа таканаречениот „Час на природата“ тогаш им се придружија голем број граѓани и училишта.

Брисел - Европскиот совет ќе расправа за промените во меѓународната средина поврзани со безбедноста, одбраната и Украина на вториот вонреден состанок годинава во Брисел. Во разговорите се очекува да учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ ќе разговараат за предлозите на Европската комисија за повторно вооружување. Ќе бидат разменети мислења за можностите за постигнување мир во Украина и разликите во позициите на ЕУ и САД. На средбата не се очекува да се разговара за предлогот за испраќање европски мировници во Украина.

Брисел - Континуираната поддршка за Украина и европската одбрана ќе бидат главни теми на денешното специјално заседание на Европскиот совет во Брисел, на кое е поканет да учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

Како што соопшти Европскиот совет во услови на нов моментум во однос на ситуацијата во Украина, шефовите на држави или влади на членките на ЕУ ќе разговараат за тоа како Унијата може дополнително да ја поддржи земјата и принципите што треба да се почитуваат во иднина. 

Брисел – Во Луксембург денеска ќе се одржи церемонија на потпишување на нов гарантен договор со Европската инвестициска банка (ЕИБ) за обезбедување на 1,95 милијарди евра за поддршка на Украина, на која ќе присуствува и еврокомесарката за проширување Марта Кос. 

Оваа дополнителна гаранција има за цел да овозможи заеми за реализација на проекти фокусирани на напорите за итно закрепнување и обнова во Украина, како и за потенцијално поттикнување на приватни инвестиции за таа намена. 

Брисел – Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас денеска во Брисел ќе биде домаќин на првиот Младински политички дијалог за надворешната политика на Европската Унија, кој е замислен како чекор кон обезбедување поинклузивен и младешки пристап кон активностите на блокот ширум светот. 

На настанот е предвидено учество на 25 млади на возраст од 19-30 години со различно потекло и од различни региони ширум светот и ЕУ.  

Амстердам - Холандската влада најави 3,5 милијарди евра за да ја продолжи својата поддршка за Украина во 2026 година, рече премиерот, Дик Шоф.

Шоф рече дека средствата ќе обезбедат холандска поддршка за Украина и пред следната година, додавајќи дека ќе може да се искористат и оваа година доколку е потребно.

Претходната холандска влада веќе одвои споредлива сума за поддршка во 2025 година.

Женева - Замрзнувањето на американското финансирање за програмите за туберкулоза става во опасност милиони животи ширум светот, предупреди синоќа Светската здравствена организација (СЗО), агенцијата на ОН од која САД планираат да се повлечат.

СЗО проценува дека глобалните напори за борба против туберкулозата, најсмртоносната заразна болест во светот, спасиле повеќе од 79 милиони животи во изминатите две децении, се вели во соопштението.

Вашингтон - Обраќањето на американскиот претседател Доналд Трамп пред американскиот Конгрес во вторникот вечерта го гледале околу 36,6 милиони телевизиски гледачи во САД, објави американската компанија за мерење на медиумската публика Нилсен.

Тоа е повеќе од 32,2 милиони гледачи кои го гледаа последното обраќање на поранешниот претседател Џо Бајден за состојбата на Унијата минатата година, но е помалку од сите телевизиски гледачи кои ги гледаа годишните обраќања на Трамп за време на неговиот прв мандат, наведоа од Нилсен.

Вашингтон - Претседателот Доналд Трамп се очекува да издаде извршна наредба насочена кон неговата долгогодишна цел да го елиминира американското Министерство за образование, објави вчера Волстрит џурнал.

Уредбата би можела да пристигне уште денеска, објави весникот, цитирајќи неименувани луѓе запознаени со ова прашање. Белата куќа и одделот сè уште не одговориле на барањето за коментар доцна синоќа.

Трамп постојано повикуваше на елиминација на Министерството, нарекувајќи го „голема измама“.

Вашингтон - Белата куќа остро ги критикуваше демократите, обвинувајќи ги за „срамно“ однесување кога го изразија своето противење за време на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп во Конгресот еден ден претходно. „Однесувањето на демократите беше целосно срамно и покажа колку сериозно не се во контакт со американската јавност. Тоа беше најсрамниот момент во историјата на претседателските обраќања во таа прекрасна сала“, изјави портпаролката Каролин Левит. Таа нагласи дека демократите сакаат „да ја стават Америка на дното на нивните приоритети“, нарекувајќи ги партија на „лудило и омраза“.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп упати последно предупредување до палестинската исламистичка група Хамас доколку не ги ослободи израелските заложници што ги држи во заробеништво во Газа.

Во пораката објавена на неговата социјална мрежа „Truth Social“ вчера, Трамп побара од милитантите на Хамас веднаш да ги ослободат сите заложници кои се држат во Газа, нарекувајќи го „последно предупредување“, повикувајќи го раководството на Хамас да ја напушти палестинската енклава.

Вашингтон - Американското Министерство за ветерани  планира да отпушти повеќе од 80.000 вработени, или 15 отсто од својата работна сила, објави  синоќа секретарот Даг Колинс, како дел од драстичните намалувања што ги најави претседателот Доналд Трамп во федералниот апарат.
„Нашата цел е да го намалиме бројот на вработрени во Одделот за ветерани на нивоа од 2019 година од приближно 398.000 вработени, во споредба со сегашните 470.000 вработени“, рече министерот во видео изјава.

Вашингтон  -  Американската влада го следи напредокот во подобрувањето на односите со Украина и можниот крај на нејзината војна со Русија, јави ДПА.

„Мислам дека се движиме во позитивна насока“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, за Фокс Њуз. Тој изјави дека телефонски разговарал со шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Ермак.

Претходно Ермак, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој минатата недела влезе во јавна расправија со неговиот американски колега Доналд Трамп во Белата куќа, потврдија дека имало разговор.

Киев - Четворица високи соработници на американскиот претседател Доналд Трамп одржале тајни разговори со водечките политички противници на украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави Политико.
Според украинските парламентарци и републикански експерт за надворешна политика на САД, сојузниците на Трамп разговарале со опозициската лидерка и поранешна премиерка Јулија Тимошенко, како и со високи членови на партијата на поранешниот претседател Петро Порошенко.

Вашингтон - Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет денеска изјави дека „Соединетите американски држави се подготвени за војна“, откако Кина објави дека е подготвена за секаков вид војна со САД.

-Ние сме подготвени, рече тој.

Тој посочи дека поради тоа САД ја обновуваат својата војска и предупреди дека Америка живее во опасен свет, со моќни земји и различни идеологии, пишува Њујорк пост. 

Oтава - Канада потенцијално би можела да го искористи извозот на нафта и гас како преговарачка алатка доколку ескалира спорот со САД околу царините за канадскиот извоз, изјави министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Џоли.

Канада се заканува дека ќе воведе царини на американски увоз во вредност од околу 108 милијарди американски долари, но се уште не се зборува за намалување на извозот на стоки во САД. Канада извезува околу четири милиони  барели нафта за САД (околу 90 отсто од вкупниот извоз на нафта).

Сеул - Воздухопловните сили на Јужна Кореја денеска соопштија дека еден од нивните борбени авиони случајно фрлил осум бомби на погрешно место за време на тренинг вежба, што резултирало со повреди на цивили.

-Осум бомби за општа намена МК-82 беа случајно ослободени од авион КФ-16 на воздухопловните сили, слетувајќи надвор од назначениот опсег за стрелање, соопшти Военото воздухопловство.

Инцидентот се случил во Почеон, околу 25 километри јужно од силно утврдената граница со нуклеарно вооружениот Север.

Талахаси - Крадец на накит од американската сојузна држава Флорида украл обетки вредни вкупно околу 770.000 долари (720.000 евра), коишто при апсењето ги проголтал.

Џаетан Гилдер (32) им се претставил на вработените во специјализираната продавница „Тифани“ како претставник на кошаркар на НБА-кошаркарскиот клуб Орландо меџик, пред да биде одведен во ВИП-соба. Таму му биле покажани неколку парчиња накит од високата класа, се вели во соопштението на полицијата.

Вработените му покажале на наводниот „ВИП-гостин“ пар дијамантски обетки од 4,86 ​​карати, вредни 160.000 долари, обетки од 8,19 карати во вредност од 609.000 долари и прстен од 5,61 карат со дијамант, што се проценува на 587.000 долари, се наведува. Потоа, тој ги грабнал трите парчиња накит, но бегајќи од вработените, го испуштил прстенот, но ги проголтал обетките.

Остани поврзан