• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

11 април 2025

Скопје - Министерството за здравство информира дека денеска се планира враќање на седум пациенти од Виена, Анкара, Мадрид, Варшава, Марибор, Атина и Солун, со што во странски медински центри ќе останат на лекување 48 пациенти.

Како што се наведува во соопштението од Министерството за здравство, непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти.

Во болниците во земјава во моментот се лекуваат седум пациенти, од кои четворица во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски", еден на Клиника за пластична хирургија, како и двајца пациенти во приватната болница „Систина".

Скопје - Унгарија е посветена на интензивирање на процесот на проширување за што постои нов ентузијазам во ЕУ, рече унгарскиот министер за ЕУ прашања Јанош Бока, на денешната заедничка прес-конференција со неговиот македонски колега Орхан Муртезани.

Тој порача дека Западен Балкан треба да биде еден од најважните корисници на тој нов ентузијазам и оти кога е во прашање земјава, се уште е на маса понудата за помош за надминување на спорот со Бугарија.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е и кадар на Алтернатива изјави дека во рамки на коалицијата Влен се максимално посветени таа да опстои. 

-Од тоа што веќе изјавиле лидерите, ние сме посветени максимално да ги задржиме сите партнери внатре во Влен. Ние сме апсолутно отворени, процесот на соработката не го гледаме како статистичка операција или процент кој колку зема, но како надеж која треба да се артикулира за да продолжи промената и понатаму. Затоа нашите очекувања се големи како и подготвеноста за да продолжиме и понатаму заедно, вели Муртезани на новинарско прашање што очекува од лидерската средба на Вреди вечерва, на заедничката прес конференција со неговиот унгарски колега Јанош Бока.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е кадар на Алтернатива во рамки на Коалицијата „Влен“ за именувањето на Петар Богојески, за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, изјави дека тоа прашање не е во негова надлежност, но оти како коалиција реагирале во Владата. 

- Ние како министерство за европски прашања немаме компетенции над таа Агенција ниту на нејзиното менаџирање, ниту за именувањето на директорот. Ова прашање колку што знам е под ингеренции на Министерството за образование. Ги споделувам реакциите со јавноста, можеби процесот на именувањето требаше да биде попретпазлив, но не се гледам себеси одговорен да давам коментар за нешто што не сум компетентен...Се разбира дека вчерашната загриженост во јавноста сме ја пренасочиле и во Владата, сме дискутирале, но ќе видиме како понатаму, кажа Муртезани на новинарско прашањена заедничката прес конференција со неговиот унгарски колега Јанош Бока.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, денеска остварил средба со д-р Аким Али, претставник на Светската здравствена организација (СЗО) во Република Македонија, соопштија од Министерството.

На средбата било разговарано се работата на СЗО во земјата и за можностите за соработка, особено во контекст на ЕУ реформите кои се во тек во областа на јавната администрација.

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска остварила работна средба со Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан (ENEST.B) од  Генералниот директорат за соседство и проширување (DG NEAR) при Европската комисија.

Како што соопштија од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, средбата била иницирана од страна на директорката Суперти, со цел запознавање и размена на мислења за приоритетите во енергетскиот сектор, можностите за продлабочување на соработката со Европската комисија, како и за идентификување нови заеднички проекти и механизми за поддршка на реформските процеси.

Скопје - Минималната плата треба да расте, бидејќи нејзината примарна функција е да го зачува животниот стандард на најниските приматели на плата. Како процент од просечната плата веќе се доближува до 60 проценти и мислам дека е соодветна, оцени денеска Марјан Петрески од Фајнанс тинк.  

-Кога зборуваме за минималната плата треба да внимаваме на два аспекта – што дополнителниот товар ќе значи за економијата и за оние што треба тие плати да ги исплаќаат или што ќе значи за Буџетот ако тој товар се префрла на Буџетот. Вториот аспект е што поголемата маса на средства во економијата може да предизвика за цените, односно за инфлацијата. Во моментов движењата се поволни, во последниот месец имаме подобрување во смисла на намалување на цените и вкупно и особено кај храната и мислам дека политиките треба да бидат особено внимателни за таквиот тренд да не се наруши, изјави Петрески во одговор на новинарско прашање пред почетокот на економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени: Стратегии за отклучување на потенцијалот и зголемување на продуктивноста“, во организација на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Скопје. 

Скопје - Просечната потрошувачка кошничка нема да служи нити за креирање на јавно мислење, ни за политиканство како што претходно се правело, туку ќе биде за потребите на Министерството за економија и труд и на Владата во идните креирања на политики и донесување на закони и одлуки со цел заштита на животниот стандард на граѓаните, истакна денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Најави дека во текот на наредната недела ќе биде јавно презентирана и претставена пред медиумите и додаде дека до крајот на месецов ќе биде презентирана и пред Економско социјалниот совет (ЕСС). 

Скопје - Сто и педесет училишта во државава во моментов имаат едносменска настава, информираше денеска ресорната министерка Весна Јаневска. Едносменската настава и продолжен престој на ученици и на наставници во училиштата е мерка на МОН што се спроведува како суштински предуслов за поквалитетно образование.

Воведувањето едносменска настава е поврзана со процесот за оптимизација на училишната мрежа односно затворање на подрачни училишта во рурални средини кои имаат само неколку ученици и нивно префрлање, заедно со кадарот, во централни училишта. За таа цел се потребни просторни услови - доградба на училници, но и на училишни објекти кога се работи за големи урбани општини. 

Скопје - Мерката е многу едноставна и се вика дератизација, рече министерката Весна Јаневска во врска со појавата на глувци во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во општина Бутел и вознемирените родители кои поради проблемот не ги пуштаат децата на настава.

Одговарајќи на новинарски прашања денеска Јаневска рече дека ќе биде контактирана директорката на училиштето во врска со тоа што е преземено за да се надмине проблемот, а на реакција од медиумите дека директорката на „Панајот Гиновски“ не соработува со новинари, ниту со совет на родители и општината, министерката порача дека обврска на сите директори е да си ја извршуваат функцијата за која се поставени.

Гостивар - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во Гостивар изјави дека нема информација за недостиг на лекови во медицинските установи, ниту во оноколошката клиника. На утринскиот брифинг, како што потенцира, не бил пријавен проблем.

- Јас моментално немам информација дека има недостаток на некаков лек на онкологија, генерално ги имаме сите лекови. Инсулин, два дена недостасуваше, меѓутоа потпишавме анекс со компанијата што снабдува и тоа е решено. Во моментов, јас колку што знам, немаше проблем и колку што сум информиран на утринскиот брифинг со тимот кој го имавме во МЗ, немаше ваков проблем, изјави министерот  Таравари, по работната посета на општа болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.

Ресен - Сите земјоделци од понеделник да ги пријават настанатите штети од ниските температури, за да се обесштетат, истакнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при работната посета во Ресен.

Како што соопшти МЗШВ, министерот Трипуновски денеска имал состанок со градоначалникот и со советниците, на кој разговарале за ситуацијата која што го погоди овој регион, односно за ниските температури кои што беа изминативе денови.

Скопје - Расте бројот на заболени со респираторни болести. А, за зголемувањето на заболените влијаат голем број фактори, а меѓу нив и загадениот воздух, пушењето цигари, внатрешните загадувачи во зградите и други. Ова се дел од заклучоците кои денеска во изјава за медиумите ги потенцираа дел од учесниците на 6. Конгрес на Македонското респираторно здружение и 5. Конгрес на Здружението на пневмофтизиолози.

Проф. д-р Деска Димитриевска од Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје и претседателка на Македонското респираторно здружение истакна дека се додека не се преземаат активности околу намалувањето на загадениот воздух и другите фактори, во земјава ќе има поголем број на болести од респираторниот тракт.

Скопје - Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска, заедно со претставници од Македонскиот информативен центар за животна средина, учествувале на 43-тиот состанок на мрежата на високи претставници и  директори на агенциите за заштита на животната средина во Европа (ЕПА мрежата) што деновиве се одржал во Парламентот на Виена. Мрежата е формирана од Европската агенција за животна средина – ЕЕА.

-На состанокот, претставниците од ЕЕА изразија задоволство од напредокот на соработката на Министерството за животна средина и просторно планирање со земјите од Европа, потенцирајќи го успехот во известувањата со податоци и информации за состојбата на животната средина во нашата држава. Тие, исто така, укажаа и на успехот од континуираните активности за јакнење на капацитетите на Министерството за  животна средина и просторно планирање и редовното учество во работната програма на ЕЕА, како агенција формирана од Европската комисија, соопшти МЖСПП. 

Скопје - На граничниот премин „Блаце – Елез Хан“ утре во 11.00 часот ќе се одржи свечена церемонија за пуштање во употреба на системот на заеднички гранични проверки „One Stop Shop“. На настанот ќе присуствуваат високи македонски и косовски владини делегации, министри, вицепремиери, предводени од премиерите на двете држави, Христијан Мицкоски и Албин Курти, директори на државни управи, како и претставници на дипломатскиот кор во државата.

Од тие причини СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај во периодот од 10.30 до 12.00 часот ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на патниот правец граничен премин Блаце – скопска обиколница.

Атина - Потенцијалот за дополнително развивање на билатералната соработка со Грција во повеќе области, го истакнува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во разговор со дописничката на МИА за време на неговото учество на Економскиот форум во Делфи и открива дека се најавени неколку можни инвестиции од Грција.

Шефот на дипломатијата присуствува на десеттиот јубилеен Економски форум во Делфи, што воедно за него е прво учество на традиционалната годишна конференција, а вчера се сретна со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, кој срдечно го пречека.

Бeлград - Со изложба и концерт вечерва во Белград ќе биде отворен за посетители Македонски културно-информативен центар, јави дописникот на МИА од Белград. На изложбата ќе бидат претставени дела на 24 уметници.

„Овие автори одамна им се познати на љубителите на ликовната уметност. Тие се директна нишка или еден вид мост што ги поврзува српската и македонската култура и уметност“, изјави за „Политика“ Васко Шутаров директор на Македонскиот култиурно-информативен центар.

Според него, Културно-информативниот центар (КИЦ Белград), Здружението на македонски уметници во Србија, „Галерија М“ и Фондацијата „Нушиќ“, за изложбата собрале 50 дела на уметници од сите генерации од кои најголем дел од својот живот го поминале во Белград. 

Белград - За време на централниот митинг пред Парламентот во Белград, утре во 19 часот, ќе се дефинираат барањата односно причините за собирот, а тоа е спас на државата. Тоа денеска го изјави српскиот премиер во технички мандат Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

„На централниот настан ќе се дефинираат барањата да се одблокираме од сите блокади, насилства, навреди, да престанеме со лагите и триковите со кои бевме бомбардирани пет и пол месеци наводно поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад и сите сме свесни дека тоа нема никаква врска со тоа, туку е чисто посочена политичка конотација“.

Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за Блумберг, се задржува на влијанието на американскиот претседател Доналд Трамп и предизвиците со кои се соочува Европската унија, опишувајќи го како фактор што ја принудил Европа да дејствува и да се преориентира.

„Иако Трамп е контроверзна личност, тој има значително влијание врз глобалната политика, обезбедувајќи можности за многу земји. Политиката на Трамп предизвика реакција од европските земји, кои станаа многу затворени во себе, сè повеќе посветени на домашните интереси. Тој е  фактор што ја принуди Европа да дејствува и да се преориентира. Иако многумина ја критикуваа неговата цврста политика, тоа создаде можности за други земји, вклучително и Албанија,  изјавил Рама, објавија албанските медиуми.

Рим - Папата Франциск го продолжува домашното лекување по неколкунеделна хоспитализација поради пневмонија, а клиничката слика покажува постепено подобрување на моторниот и респираторниот систем, соопшти денеска Ватикан.

Папата сега може да не користи маска за кислород долго време, а високопроточен кислород користи „првенствено за терапевтски цели“, пренесува „Ватикан Њуз“.

Брисел - ЕУ е во постојан контакт со украинските власти и ги поддржува во тековните преговори за постигнување мир, затоа што никој не сака мир повеќе од Украина и од Европската Унија, која е „проект за мир“, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер. 

- Но, Русија и натаму се обидува да ја потисне Украина и затоа гледате дека сите земји од соседството на Русија бегаат и очајно сакаат да и се приклучат на ЕУ и ние ги пречекуваме со раширени раце, истакна Хипер во одговор на новинарско прашање дали некој од ЕУ, која за себе вели дека е проект за мир, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас или претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен имаат некакви контакти со нивните руски колеги за постигнување мировен договор. 

Брисел - Европската Унија е загрижена поради извештаите за случаи на протерување на граѓани на ЕУ од страна на властите на Србија со образложение дека наводно претставуваат безбедносен ризик, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ за случаи на протерување на хрватски државјани од Србија. 

- Преземените мерки поврзани со националната безбедност треба да се спроведуваат во согласност со одредена законска рамка, но и во согласност со европските стандарди и меѓународните стандарди за човекови права. Таквите мерки не треба да резултираат со ограничување на слободите на поединци, вклучително и на странски државјани, рече Мерсие. 

Брисел - Украина ќе добие дополнителна воена помош во вредност од 21 милијарда евра, објавија денеска министрите за одбрана на Велика Британија и Германија, Џон Хили и Борис Писториус на заедничката прес-конференција во НАТО со нивниот украински колега Рустем Умеров по состанокот на министрите за одбрана на 51 земја.

„Постигнавме голем напредок, тоа ќе се одрази на бојното поле оваа година. Украина треба да може да се одбрани за преговорите да доведат до траен и праведен мир“, рече Писториус.

Хаг  - Украина ќе добие систем за противвоздушна одбрана за пресретнување на дронови и крстосувачки ракети од Холандија. Ракетниот систем „Хоук“, кој чини 150 милиони евра, би можел да ги надополни понапредните системи „Патриот“. На Украина итно и требаат ракети земја-воздух и го побара системот „Хоук“, изјави холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс. 

„Она што и треба на Украина е повеќеслојна воздушна одбрана“, објасни Брекелманс.

Женева - Обединетите нации денеска соопштија дека голем број од жртвите во израелските напади врз Појасот Газа се жени и деца, осудувајќи ги нападите на ИДФ врз раселените лица во бегалските кампови.

„Меѓу 18 март и 9 април 2025 година, имаше приближно 224 инциденти на израелски напади врз станбени згради и шатори за внатрешно раселените лица“, објави Канцеларијата на ОН за човекови права.

Талин - Естонските власти денеска задржаа руски танкер кој е дел од „флотата во сенка“ на Русија во близина на островот Аегна, недалеку од Талинскиот залив.

Задржувањето не е поврзано со оштетување на критичната инфраструктура, изјави командантот на естонската морнарица Иво Варк на прес-конференција.

Танкерот, наречен „Кивала“, бил санкциониран поради минати активности, како од ЕУ, така и од најмалку три земји надвор од ЕУ, Канада, Швајцарија и Велика Британија, а бил на пат кон руското пристаниште Уст-Луга.

Москва - Директорот на руската надворешна разузнавачка служба Сергеј Наришкин изјави дека Русија ќе го продолжи дијалогот со новата американска администрација, вклучувајќи ја и размената на затвореници.

„Дијалогот со новата американска администрација секако ќе продолжи во различни области, вклучувајќи го и прашањето што го споменавте“, изјави Наришкин за новинарите, одговарајќи на прашање за продолжување на контактите меѓу Москва и Вашингтон на тема размена на затвореници.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во порака по повод еврејскиот празник Пасха го повтори ветувањето дека ќе ги врати заложниците кои се уште се во Појасот Газа.

Неговата изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти за напредок во преговорите за ослободување на заложниците. На вчерашната седница на американската Влада тој рече: „Се приближува времето кога ќе можеме да ги вратиме назад“.

Во видео обраќањето по повод еврејската Пасха, Нетанјаху истакна дека „во многу семејства ќе има празни столчиња“.

Вашингтон - Вториот американски носач на авиони пристигна на Блискиот Исток, соопштија американските вооружени сили. Агенциите наведуваат дека САД во моментов преземаат кампања на масовни воздушни напади против бунтовниците Хути во Јемен.

Според пораката на социјалната мрежа „Икс“ на Централната команда на Соединетите Американски Држави (ЦЕНТКОМ), носачот на авиони „Карл Винсон“ му се придружил на носачот на авиони „Хари Труман“, за кој Хутите тврдат дека неколку пати го нападнале последните недели.

Вашингтон – Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет најави дека Пентагон ќе стави крај на „непотребното трошење“, вклучително и субвенциите за два престижни американски универзитети.

- Во овој момент, ние потпишуваме меморандум со кој се анулираат договорите на Министерството за одбрана во вкупна вредност од 5,1 милијарди долари, наведе Хегсет.

Тој наведе дека тоа е федералната програма за големи намалувања на трошоците преземени од Илон Маск.

Остани поврзан