• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  14  април 2025

 

 

Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриeска - Кочовска очекува да има средби со американските колеги за време на нејзниот престој на редовните пролетни средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон идната недела на кои, како што рече денеска, ќе стане збор и за царините. Но, таа уште еднаш напомена дека земјава нема некој голем негативен ефект од ваквата одлука на САД, туку повеќе е индиректно засегната, преку размената со ЕУ.

Според Димитриеска Кочовска, со оглед на добрата комуникација на премиерот Христијан Мицкоски со високи лица од Вашингтон, земјава може актуелната ситуација да ја гледа како шанса и да почне директно да извезува во САД.

Скопје - За време на работната посета на Луксембург, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, остварил средба со заменик-премиерот и министер за надворешни и европски прашања на Луксембург, Гзавие Бетел.

Од Министерството денеска соопштија дека оваа билатерална средба претставува потврда за силниот интерес на Луксембург за Западен Балкан, како и за стратешката определба на нашата држава за интеграција во европското семејство и придонесот кон регионалната стабилност, безбедност и мир.

Скопје - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски е дел од делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, каде заедно со други владини претставници се во работна посета на Обединетите Арапски Емирати.

Во рамки на посетата, како што информира Министерството за транспорт, предвидени се низа економски средби со претставници на државни инвестициони фондови и бизнис комори.

Скопје - За трагедијата во Кочани моментно се постапува по над 50 осомничени. Истрагата не е завршена, се уште трае, а обвинителите покажаа дека навистина можело да се работи и поинаку во Македонија, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Тошковски е дециден дека против секој еден за кој има докази е поднесена пријава од страна на МВР, како и дека ќе биде соодветно процесуиран секој за кој ќе се најде доказ дека е причинско-последично поврзан со предметниот кривично-правен настан од аспект на исполнување елементи на конкретно кривично дело. 

Според него, и МВР не е поштедено од истрагата која го опфаќа периодот од 2012 година до денес.

Скопје - Основното јавно обвинителство Кочани денеска до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, информираат од Обвинителство.

Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица.

Скопје - Има терапија што може да ги замени лековите што недостасуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција.

Тој рече дека разговарал со директорот на клиниката и бил информиран во детали за што станува збор.

- Јас пред состанокот се слушнав со директорот на Онкологија, бев информиран во детали, се работи за три - четири лека, што недостасуваат, не повеќе од четири дена. Од вторник, сите лекови, бидејќи процедурата е завршена на 11, меѓутоа се чека, има право за жалба. Тоа се процедурите. Мора да ги причекаме и после тоа, од вторник, сите овие лекови ќе бидат достапни за сите пациенти. Меѓутоа во меѓувреме за сите лекови што недостасуваат, а се четири, има терапија што може да го замени лекот што недостасува, одговори Таравари на новинарско прашање.

Скопје - Минатата година беа наплатени приходи од 125 милијарди денари или речиси седум и пол милијарди денари повеќе од 2023 година. Тенденцијата на пораст на наплатата на приходи продолжи и годинава при што во првото тримесечје е остварена наплата од речиси 30 милијарди денари, или во евра речиси 480 милиони евра или 13,6 милиони евра повеќе од истиот период минатата година. Притоа приходите од Царина се повисоки за 15,6 проценти, од акциза за 5,7 проценти, а од данок на моторни возила за 16,2 проценти. По основ на извршени проверки и контроли од Секторот за контрола и истраги наплатени се 20 милиони денари, а донесени се и решенија за дополнителна наплата на износ од 5,7 милиони денари, рече денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски.

Скопје - Веќе имаме неколку експерти од Англија, кои заедно со нашите доктори подготвуваат евалуација, односно протокол, за да се процени тежината на клиничката слика по што ќе ги тријажираме пациентите, каде треба да продолжат да се третираат. Дали ќе треба тука, дали ќе треба во тие држави што нудат помош да се третираат таму, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција за повредените пациенти од трагедијата во Кочани.

- Сега имаме експерти за изгореници кои заедно со нашите екипи подготвуваат протоколи, појасни Таравари.

Тој рече дека очекуваат информации за опис на состојбата на пациентите во странство, за да се планира колку ќе се третираат во државава, а колку надвор од неа.

Скопје - Општина Сопиште денеска била домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“, во рамки на која министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со неговиот заменик, Ерџан Селими, оствариле работна средба со градоначалникот Стефче Трпковски и членовите на општинскиот Совет.

На средбата, како што соопштија од Министерството за локална самоуправа, се отвориле повеќе прашања од значење за граѓаните на Сопиште, општина составена од 12 населени места со различни, но еднакво важни потреби. Посебен акцент бил ставен на подобрувањето на патната инфраструктура, обезбедувањето на стабилно и квалитетно водоснабдување, а на средбата се разговарало и за измените на Законот за локална самоуправа, кои значително ќе придонесат за поефикасни локални самоуправи.

Скопје - Министерот за здравство и лидер на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска изјави дека не е точно дека преговараат со ДУИ и дека како политички субјект на претстојните локални избори имаат две опции - едната е да продолжат во рамки на коалицијата Влен, а другата е да излезат од коалицијата и да настапат сами.

Таравари за утре најави Централно претседателство на партијата што ја предводи, на кое, како што рече, ќе заземат став како ќе продолжат понатаму. Вели во партијата се прават одредени анализи и анкети кои покажуваат дека во одредени општини би имале добар резултат и доколку настапат сами. 

Скопје -  Првообвинетиот за убиствата и грабнувањата на Вања и Панче, Љупчо Палевски денеска во Основен кривичен суд Скопје негираше одговрност, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.

Одговарајќи на прашање од неговиот бранител, адвокатот Јовица Страшевски, дали ги сторил убиствата Палевски, рече дека „не само што не сум го направил, туку немам мотив да направам такво злосторство“.

Скопје - Пратеничката група на Левица денеска поденесе интерпелација за министерот за внатрешни работи. 

Пратеникот Сашко Јанчев на прес-конференција во Собранието кажа дека причина за интерпелацијата е поради тоа што тој од позиција на министер за внатрешни работи грубо ја занемарил и несоодветно ја извршувал својата јавна функција постапувајќи нестручно, непрофионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во Министерството за внатрешни работи. 

Скопје - Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата ќе ги додели признанијата за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до годинашниот саем (април 2024 – мај 2025 година). Саемот на книгата ќе се одржи од 8 до 14 мај 2025 година.

Како што информира МАИ, поканата за учество на конкурсот за наградите на МАИ е отворена за сите издавачи од земјава, кои можат да конкурираат со своите најдобри изданија, автори и проекти во следниве категории: (1) Признание за најдобра едиција; (2) Признание за најдобар дизајн на корица; (3) Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) Признание за најдобра книга за деца; (5) Признание за автор на годината; (6) Признание за најкреативно издание; (7) Признание за поттикнување на општествена одговорност и (8) Специјално признание за промотор на читачката култура.

Белград - Професионалното здружение на полицијата „Д-р Рудолф Арчибалд Рајс“ испрати отворено писмо до пратениците и кандидатот за министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, во кое ја изразуваат својата загриженост за повеќегодишната пасивност во решавањето на системските проблеми што го нарушуваат угледот, функционалноста и безбедносната улога на полицијата во општеството.

Атина – Мислам дека не треба дополнително да создаваме загриженост, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на експлозијата на бомба пред канцелариите на грчката компанија „Hellenic train“ во петокот вечерта и додаде дека целиот напад сам по себе има своја сериозноста, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис истакна дека имаат доверба во полицијата, која, како што рече „и во овој случај, професионално си ја врши работата“.

Тирана - Шефот на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, Алтин Думани, изјави дека корупцијата на високо ниво во Албанија се спроведува на софистицирани начини, при тоа наведувајќи бројка за високи функционери кои паднале во мрежата на СПАК.

-Во борбата против корупцијата под истрага се 33 високи функционери, за 19 од нив веќе се води судска постапка. Во текот на 2024 година имаше правосилни казни за десет јавни функционери. Истрагите докажаа дека корупцијата се одвива на софистицирани начини, рече Думани презентирајќи го годишниот извештај во Високиот совет на обвинители.

Варшава - Пет лица загинаа во пожар што избувна во хостел без дозвола за работа во јужна Полска, соопштија денеска властите, откако пожарот бил целосно изгаснат.

Дванаесет возрасни лица биле евакуирани од запалената зграда, соопштија противпожарните служби во малиот шлески град Пшув (Pszów).

Пожарот избувнал доцна синоќа.

- Кога пожарникарите пристигнаа на местото на несреќата, целиот објект – двокатница со поткровје – бил веќе во пламен, изјави портпарол на противпожарната служба.

Будимпешта - Унгарија нема да се согласи ниту еден дел од мисијата за воена обука на Европската унија да се одвива внатре во Украина, бидејќи тоа ќе ризикува ескалација на војната, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

-Унгарија, исто така, ќе се спротивстави на какви било санкции за увоз на руски енергетски производи, додаде Сијарто на прес-конференцијата емитувана на Фејсбук од Луксембург по состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија, пренесуваат британските медиуми.

Берлин - Германскиот Бундестаг на 6 мај ќе го избере конзервативецот Фридрих Мерц за канцелар, со што дефинитивно ќе му заврши мандатот на Олаф Шолц, соопшти денеска Долниот дом на германскиот Парламент.

Фридрих Мерц (69) треба да биде избран од мнозинството од 630 пратеници во Бундестагот, пред истиот ден да ја преземе власта од Шолц.

Виена - Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска изјави дека ќе го посети Техеран во текот на неделата, пред новата рунда преговори меѓу Иран и САД претстојниот викенд.

-Неопходно е да се продолжи ангажманот и соработката во време „кога итно се потребни дипломатски решенија“, напиша Гроси на платформата „Х“.

Според дипломатски извори, посетата на Гроси е закажана за четврток.

Брисел - Во пресрет на првиот политички дијалог на високо ниво меѓу Европската Унија и Палестинската управа, што ќе се одржи попладнево во Луксембург, Еврокомисијата предложи Програма за сеопфатна поддршка и поттик на закрепнувањето и издржливоста на Палестинците, вредна 1,6 милијарди евра, за периодот од 2025 до 2027 година. 

Со оваа програма, според ЕК, се потврдува непоколеблива поддршка на ЕУ за палестинскиот народ и заложбата за воспоставување траен и одржлив мир во регионот заснован на решението за две држави. 

Брисел - Советот за надворешни работи на ЕУ денеска реши да воведе рестриктивни мерки кон уште седум физички и две правни лица од Иран, одговорни за сериозни прекршувања на човековите права, вклучително и за користење на судството како алатка за произволно притворање. 

- Европската Унија и натаму е длабоко загрижена од вознемирувачката практика на Иран произволно да приведува државјани на ЕУ врз лажни основи, со цел да оствари политички придобивки. Минатата година имаше драматичен пораст на бројот на егзекуции, вклучително и на жени и поединци кои припаѓаат на етничките и верските малцинства, како и на еден европски државјанин, се наведува во соопштението на Советот.

Москва - Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека вчера биле извршени ракетни напади со балистичкиот систем „Искандер“ на локацијата на состанокот на командниот штаб на вооружените сили на Украина во градот Суми.

„Вчера, во градот Суми, вооружените сили на Руската Федерација, во услови на активно спротивставување на вооружените сили на Украина, со системи за електронско војување и противвоздушна одбрана од странско производство, извршија напад со два оперативно-тактички ракети 'Искандер-М' на локацијата каде што се одржа состанокот на командниот штаб на оперативно-тактичката група 'Северна', се вели во соопштението.

Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека е малку веројатно американскиот претседател Доналд Трамп да не ги продолжи санкциите против Русија, што ги воведе администрацијата на претходниот претседател на САД, Џо Бајден.

„Би било тешко да се очекува некоја друга одлука, особено што тоа се работи за прилично автоматски акции. Веројатно сме на почетокот на нашиот пат кон нормализирање на односите, практично да ги изградиме одново. Затоа, немавме преголеми очекувања во овој поглед“, изјави Песко.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од американскиот претседател Доналд Трамп да ја посети неговата земја и да биде сведок на трагедијата во актуелната војна пред да се посвети на какви било наводни мировни решенија со Русија.

Свесен за непријатната средба со американскиот лидер во Вашингтон во февруари, Зеленски ја повтори својата почит кон позицијата на САД.

-Но, ве молам, пред какви било одлуки, каков било облик на преговори, дојдете и видете ги луѓето, цивилите, воините, болниците, црквите, уништените или мртвите деца, рече Зеленски во интервјуто за американската телевизија Си-Би-Ес.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина добила вкупно 100 милијарди долари помош од САД.

-Многу пари од финансиските фондови на САД останаа во Европа. Тие финансираа одредени канцеларии на релевантни американски програми. Околу 65 до 67 милијарди влегоа во Украина. И тоа во форма на оружје и пари, рече Зеленски во интервју за Си-Би-ЕС Њуз.

Тој појасни дека од САД се добиени околу 35 милијарди долари за поддршка на украинскиот буџет.

 Дубаи - Јеменските бунтовници Хути денеска соопштија дека најмалку шест лица се убиени, а 26 се ранети во американските воздушни напади во текот на ноќта околу јеменскиот главен град Сана, кој го држат, и дека собориле уште едно американско беспилотно летало М-9 Рипер.

Пред речиси еден месец започнаа интензивните американски воздушни напади под водство на претседателот Доналд Трамп, насочени кон бунтовниците Хути за нивните напади врз бродови во водите на Блискиот исток, како поддршка на палестинскиот Хамас во војната со Израел во Газа.

Исламабад - Пакистан побара „целосна соработка“ од Иран во врска со убиството на осум Пакистанци во југоисточниот дел на Иран, разрушен од немири, објавија денеска властите во Исламабад.

Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека убиствата се случиле во саботата, во провинција на околу 230 километри од пакистанско-иранската граница и побара темелна истрага.

Амбасадорот на Пакистан во Иран, Мухамед Мудасир, на социјалната мрежа Х објави дека загинатите се работници и дека Исламабад и Техеран заедно работат на враќање на нивните тела.

Каиро - Висок функционер на палестински Хамас денеска изјави дека движењето е подготвено да ги ослободи сите израелски заложници во замена за гаранции дека Израел ќе ја заврши војната во Појасот Газа.

Делегација на Хамас моментално е во Каиро на разговори со египетските и катарските претставници, кои посредуваат заедно со САД за постигнување примирје на палестинската територија.

-Подготвени сме да ги ослободиме сите Израелци (заложници) како дел од вистинскиот договор за размена на затвореници и во замена за прекин на војната, повлекување на израелските сили од Појасот Газа и влез на хуманитарна помош, изјави функционерот на Хамас, Тахер ал-Нуну.

Остани поврзан