
9 април 2025
Скопје - Mладите не смеат да се потпираат на непроверени извори за финансиски совети, финансиската едукација преку формалните канали не смее да биде заменета со совети од влијателни лица (т.н. инфлуенсери) на социјалните мрежи, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на средбата со членовите на Сојузот за средношколци, којашто се одржа во рамките на Глобалната недела на парите, којашто оваа година се одржува под мотото „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“.
-Динамичните промени во финансискиот систем мора да бидат придружени со соодветни промени во образовниот систем, за да имаме младина којашто е подготвена активно да се вклучи во сите текови на општественото делување, посочи Ангеловска-Бежоска и ги повика младите да бидат љубопитни, да прашуваат, да истражуваат и постојано да ги надградуваат своите знаења, бидејќи тоа е најдобриот начин да ја обликуваат својата иднина преку одлуки засновани на информации и мудро управување со ресурсите.
Скопје - Четири од повредените лица во пожарот во Кочани, денеска се враќаат од странство, соопшти Министерството за здравство. Станува збор за двајца пациенти кои се лекувани во Хрватска, еден во Шведска и друг во Италија.
-Во странство се хоспитализирани 60 пациенти. Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти, појаснуваат од Министерството за здравство. Во болниците во државава во моментов се лекуваат седуммина пациенти. Четворица се во хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, двајца пациенти во приватната болница „Систина“ и еден пациент на Клиниката за пулмологија.
Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на отворањето на третото издание на ESG Adria Summit 2025, кое се одржува во Тиват, Црна Гора. Самитот беше официјално отворен од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во присуство на премиерот Милојко Спајиќ и други високи претставници.
ESG Adria Summit претставува најголема регионална платформа посветена на одржлив развој, иновации и ESG (Environmental, Social, Governance) политики. Оваа година, самитот обединува повеќе од 700 учесници, вклучувајќи владини претставници, бизнис лидери, финансиски институции и меѓународни организации.
Скопје - Комплексот „Македонско село“ треба да биде отворено во јуни годинава, а нов концесионер е фирмата „Ла Тераца“. Овој комплекс не работи веќе седум години.
На јавниот повик што го распиша Службата за општи и заеднички работи, се пријавиле две компании, а понудата на „Ла Тераца“ била најповолна. Информацијата за „360 степени“ ја потврди директорот на СОЗР Ивица Томовски.
Согласно договорот, сè што ќе се инвестира ќе остане во сопственост на државата. Цената за месечна кирија изнесува околу 3 500 евра.
Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од денеска до 11 април ќе учествува на Економскиот форум во Делфи, кој обединува на едно место креатори на политики, претседатели на држави, премиери, министри, претставници на бизнис и на академската заедница и експерти од над 55 земји во светот.
Како што информира Министерството за финансии, форумот преку повеќе панел-дискусии ќе биде фокусиран на низа глобални и регионални теми поврзани со геополитичката и меѓународната безбедност, светската економија, климатските промени, енергетиката, туризмот, технологијата и општеството.
Скопје - Во Собранието вчера беше усвоена Програмата за дополнување на Среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви, предложена од Министерството за финансии.
Во стоковните резерви ќе се складираат 1300 тони ориз, односно 2400 тони оризова арпа, со коишто се обезбедува 60-дневна потрошувачка, а за што се потребни околу 100 милиони денари.
Скопје - Со јасни пораки на надеж, соработка и заедничка иднина, денеска беше официјално отворена Меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир: Сеќавање на минатото, обликување на иднината“, која од 7-10 април во Скопје ќе обедини врвни светски и регионални лидери, академици, експерти и млади визионери.
Конференцијата ја отвори поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој нагласи дека историјата нè учи дека цивилизациите не умираат кога ќе ја изгубат моќта – туку кога ќе ја изгубат способноста да слушаат. - Мора да ја напуштиме логиката на цивилизациска конкуренција и да ја прегрнеме логиката на нашата заедничка судбина. Затоа, да не го поставуваме прашањето кој модел ќе победи – туку како заеднички ќе создадеме нов модел. Нов договор. Нов јазик на соработка – заснован врз почит, разбирање и етичка рамноправност. Осумдесет години по војната, човештвото направи огромен чекор напред. Но, истовремено, се соочуваме со нови предизвици. Заветот на победниците сè уште може да се исполни – но само ако ја избереме иднината на мирот, солидарноста и достоинството. Ако не учиме од минатото – ќе го повториме. Ако не ја изградиме иднината – ќе ја изгубиме, порача Иванов.
Скопје - Обилните врнежи од дожд во претходните денови предизвикале зголемување на нивото на водата во речното корито на реката Пчиња. Големиот доток на вода во речното корито низводно нанел пообилна количина дрвна маса и тие вршат притисок на столбовите, заедно со водата, на мостот пред влезот на селото Бадар во Општина Петровец.
Ова известување, како што информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), го добиле од повеќе граѓани.
Брисел - Косово постигна напредок во изборните реформи, економската отпорност и заштитата на основните права, но заедно со Србија мора да избегнува еднострани активности кои го поткопуваат процесот на дијалог Белград-Приштина, се наведува во Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Косово во 2023 и 2024 година, усвоен денеска од страна на парламентарниот Комитет за надворешни работи (АФЕТ) со 48 гласа „за“, 19 „против“ и 6 „воздржани“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во Извештајот се нагласува дека и покрај значителниот напредок во некои сфери, остануваат предизвиците поврзани во судските реформи, слободата на медиумите, ефикасноста на јавната администрација и дигитализацијата на јавните услуги.
Брисел - Србија бележи позитивни резултати во макроекономската стабилност и фискалната дисциплина, но нема напредок во владеењето на правото и слободата на медиумите, а загриженост предизвикуваат и блиските односи со Русија, се оценува во Извештајот на Европскиот парламент за Србија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во документот усвоен денеска од страна на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) со 55 гласа „за“, 13 „против“ и 8 „воздржани“, европратениците ја повикуваат Србија „сериозно да ја покаже“ својата стратешка ориентација кон ЕУ, а од Унијата бараат да го преиспита обемот на финансиската помош за земјата, доколку таа продолжи да ги поддржува антидемократските идеологии и не успее да се усогласи со санкциите на ЕУ и заедничката надворешна и безбедносна политика.
Њујорк - Шефицата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Каролин Зиjаде на синоќешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, изрази загриженост за затворањето на институциите под управа на Србија на Косово и ги осуди нападите врз каналот Ибар-Лепенац и на поштата во Звечан.
На почетокот на седницата на Советот за безбедност на ОН, на која се расправаше за новиот извештај на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за работата на УНМИК, Зијаде рече дека е загрижена за последиците што затворањето на институциите под управа на Србија ги има врз економските и социјалните права на граѓаните на Косово, особено врз ранливите категории на населението.
Загреб - Мнозинството пратеници во хрватскиот Сабор во расправата го поддржаа отстранувањето на надгробните споменици поставени по 30 мај 1990 година, со кои, како што смета Владата како предлагач, „ја величаат српската агресија врз Хрватска“, а за време на расправата пратениците на Независната демократска српска партија (СДС С) ја напуштија седницата.
Пратениците на десничарското Татковинско движење (ДП), партнер во Владата на ХДЗ на премиерот Андреј Пленковиќ, не го криеја задоволството што на нивна иницијатива стигна на усвојување законот за гробишта и отстранување на српските споменици на загинатите во последната војна, што без исклучок ги нарекуваат „четнички“.
Софија - Во бугарската престолнина Софија и во другите градови низ земјата денеска ќе се одржат протести на вработените во угостителството, со барање да остане на сила стапката на ДДВ од девет проценти за туристичкиот сектор.
Во Софија протестот ќе се одржи денеска од 15 до 19 часот под слоганот „Политичари, не го убивајте бугарскиот туризам, не ни ги гаснете светлата засекогаш“, а рестораните ќе бидат затворени од 14:30 до 19:30 часот.
Приштина - Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Љумир Абдиџику, ја одби поканата на претседателот на „Самоопределување“ и вршител на должноста премиер Албин Курти, за консултативна средба пред конститутивната седница на косовскиот Парламент, што ќе се одржи на 15 април.
Во долга објава на Фејсбук Абдиџику истакна дека зборовите и политичките ставови што „Самоопределување“ ги искажувала кон ДСК низ годините се неспоиви со овој тип на комуникација.
Сингапур - Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг ги коментираше царините на Трамп кои важат ширум светот од утрово, вклучително и рекордната царина од 104 отсто за Кина. Тој ја критикуваше царинската политика на Трамп и рече дека Сингапур е многу разочаран од овој потег.
„Тоа што Америка го прави во моментов не е реформи, туку отфрлање на самиот систем што го создаде. Воведоа универзална тарифа од 10 отсто за увоз на стоки од речиси сите земји. Покрај тоа, дополнителни царини до 50 отсто се воведени за некои земји, особено оние кои имаат трговски суфицит со САД. Според толкувањето на американската администрација, овие широки царински мерки се неопходни за да се поправат трговските нерамнотежи. Но, водењето трговски дефицит не е лоша работа само по себе - тоа едноставно значи дека американските потрошувачи купуваат повеќе од светот отколку што светот купува од САД“, рече Вонг.
Тбилиси - Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе изјави дека „длабоката држава“ им наредила на европските земји да го продолжат воениот конфликт во Украина, пренесува руски Инфо24.
- Длабоката држава им нареди на европските структури да го продолжат конфликтот. Пред тоа, во тој процес учествуваа и американски структури. Сега длабоката држава исклучиво им нареди на европските структури, објасни Кобахидзе за време на разговорот со новинарите во грузискиот град Батуми.
Амстердам - Одбрани 75 дела во приватна сопственост, од холандски стари мајстори на уметноста, меѓу коишто се и 18 со потпис на Рембрант, ќе бидат изложени по повод 750-годишнината од основањето на Амстердам.
Изложбата насловена „Од Рембрант до Фермер, ремек-дела од збирката Лајден“ во музејот „Х'АРТ“ во центарот на холандската престолнина, ќе биде отворена денеска. Музејот ја опишува изложбата како „уникатен и интимен поглед на Холандија од 17. век низ очите на големите холандски мајстори“, меѓу кои и Рембрант Херменсон ван Рајн и Јоханес Фермер. Меѓу уметничките дела има и слика на Марија Шалкен, една од ретките жени кои во своето време биле признаени како сликари. Од помалку познатите уметници чии дела ќе бидат изложени се Франс Халс, Јан Стин, Фердинанд Бол, Жерар Доу и Франс ван Миерис.
Куала Лумпур - Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) треба да „храбро да дејствува“ за да ја забрза регионалната економска интеграција и да се соочи со ризикот од трговска војна предизвикана од драстичното зголемување на царините на Вашингтон, изјави денеска генералниот секретар на АСЕАН, Као Ким Хорн.
Десетте земји-членки на АСЕАН, кои САД го сметаат за свој најголем извозен пазар, се меѓу земјите најтешко погодени од зголемувањето на царините од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.