• среда, 12 март 2025
МИА Радио флеш

Баку - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска во Баку се сретна со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова. Сиљановска Давкова се потпиша во Книгата на впечатоци во Собранието, а со Гафароваа разменија искуства за функционирањето на законодавните домови, застапеноста на жените во пратеничките редови и собраниските функции, како и за можностите за соработка.

Претседателката, која е во официјална посета на Азербејџан, ќе има средба и со премиерот Али Асадов.

Активностите на претседателката почнаа вчера со тет-а-тет средба со нејзиниот домаќин Илхан Алијев на која беше иницирано потпишување декларација за стратешко партнерство и пријателство со фокус на јакнење на соработката во енергетиката и економијата, како и  укинување на визите за дипломатски и службени пасоши. 

Баку - Светот е во длабока криза и ова е последен повик за нешто да биде променето, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето предавање вчера попладне пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку, за време на нејзината официјална посета на Република Азербејџан, јави известувачот на МИА.

Според претседателката, на 80-годишнината од создавањето на Обединетите Нации, светот се соочува со војната во Украина, закани од нестабилност и масовни миграции. Посочи дека сите носат одговорност за ваквите состојби, со чинење, но и со нечинење. 

Рече дека го очекуваме почетокот на мировниот процес за Украина и дека не можеме да кажеме дека утре ќе заврши, но дека тој мора да започне што поскоро, бидејќи како што истакна, не постои лош мир, како што не постои ниту добра војна. Потребен е дијалог, наместо монолог во наоѓањето на решенија.

Скопје - Во рамките на првата официјална посета на Баку, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов. Двајцата министри изразија задоволство од средбата, која е потврда за одличните билатерални односи помеѓу двете земји.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во фокусот на разговорите биле односите меѓу Република Северна Македонија и Република Азербејџан на билатерално и мултилатерално ниво.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска преку објава на Фејсбук соопшти дека е објавен јавен оглас за прием на 300 нови професионални војници и оглас за 10 подофицери во Армијата. Во објавата на Фејсбук, Мисајловски најавува наскоро и оглас за прием на 60 лица со завршено високо образование во офицерски чин.

-Ова е навистина одлична можност за сите млади и мотивирани мажи и жени од сите етнички заедници, кои сакаат својата работна кариера да ја посветат во заштита на мирот и безбедноста на државата и на граѓаните, напиша Мисајловски, кој денеска е во посета на Првиот пешадиски баталјон во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе утврдува дали има судир на интереси во случајот со тендерите во Министерството за дигитална трансформација.

-Во текот на вчерашниот ден по објавите во медиумите, Антикорупциска комисија оформи предмет по сопствена иницијатива и ќе постапува да се утврди дали има судир на интереси, изјавија кусо од ДКСК за МИА.

Опозициската СДСМ во понеделникот обвини за конфликт на интерес, непотизам и сомнение за корупција во Министерството во врска со две јавни набавки во вредност од 50.000 евра што ги добила фирма која е во сопственост на сопругот на државната секретарка во тоа Министерство. Вчера, пак, ја повикаа Антикорупциска итно да постапи по овој случај.

Скопје – Новоизбраните 28 јавни обвинители од 8-мата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители денеска дадоа свечена изјава пред Советот на јавни обвинители. 

Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, посочи дека по првиот оглас од оваа генерација не се пополнети местата во осум јавни обвинителства. 

-  Ние ќе продолжиме со постапката. Во текот на денешниот ден ќе објавиме огласи за пополнување на овие јавно обвинителски места, изјави Димитриеска. 

Скопје -  Уставниот суд денеска ќе ја одржи 6.седница на чиј дневен ред се седум иницијативи за оценување на уставност и законитост.

На дневен ред е оспорениот акт: Дел II „Општ дел“ точка 5 потточка 1 во делот „Вкупно резидентно населние“ го сочинуваат следните лица-единици на Попис“ и потточка 2 во делот „Вкупно  нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица-единици на Попис“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 30/2021)

Скопје - На 12 март - Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници, Лекарската комора како и докторските комори ширум Европа, повикуваат на итна акција за справување со насилство со што се соочуваат здравствените професионалци и е присутно во здравствените установи, се наведува во денешното соопштение на Комората.

- Во изминатата 2024 година, во Комората се пријавени само четири напади. Во еден случај докторот е физички нападнат, во два случаи станува збор за вербален напад со закана за употреба на сила и во еден случај доктор е изложен на навреди на социјалните мрежи. Во сите случаи нападите се сторени од пациент или од член на потесното семејство, потенцираат од Лекарската комора. Оттаму нагласуваат дека насилството врз здравствените работници, почнувајќи од вербална злоупотреба до физички напади, достигнало алармантно ниво.

Тирана – Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ се повлече од изборната коалиција „Алијаса за величествена Албанија“ предводена од Демократската партија на Сали Бериша.

-Доставивме барање до Централната изборна комисија да не избрише од коалицијата. Тоа од причина што не беше испочитуван договорот наши претставници да бидат на отворените кандидатски листи. Наша цел не е бидеме само декор во некоја коалиција, туку силен политички субјект кој ќе има свој претставник во новиот албански законодавен дом, рече за МИА, Ендрит Фетаху, потпретседател на партијата.

Тирана– Албанската влада ќе инвестира 118,5 милиони долари во рамки на проектот „Смарт Сити“, со цел да ја зголеми јавната безбедност и безбедноста на патиштата преку вештачка интелигенција и инсталирање на камери на патиштата, радари, камери кои полицајците ќе ги носат на нивното тело и сензори за бучава.

Ова го изјави заменик министерот за внатрешни работи, Бесфорт Ламалари, при презентацијата пред Комисијата за надворешна политика на Предлог-законот за ратификација на договорот за заем меѓу Владата на Република Албанија и Фондот за развој на Абу Даби, за финансирање на проектот „Систем на камера под управа на државната полиција - Смарт Сити“.

Атина – Забрана за палење на земјоделски култури и стрништа во цела Грција било одлучено на вонредниот состанок во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита, поради зголемениот број пожари во изминатите денови, а само вчера биле регистрирани над 70, главно предизвикани од палење на остатоци од културите, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството соопштија дека забраната за палење, како и соодветните казни веќе се во сила, а мерката ќе трае до следниот вторник поради опасните метеоролошки појави, односно најавите за високи температури и многу силен ветер.

Будимпешта - Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека владата на земјата повикува на прекин на огнот и мировни преговори во Украина веќе три години, уште од избивањето на војната таму, и дека е „критикувана сите овие години“ поради ваквиот став.

„По три години, прашањето за прекин на огнот и почеток на мировните преговори е конечно на маса“, рече Сијарто, додавајќи дека ако тоа се случеше порано, „стотици илјади луѓе ќе беа поштедени од смрт, милиони немаше да мора да бегаат, а штетата ќе беше намалена за стотици милијарди евра“.

Брисел - Еврокомесарката за проширување Марта Кос од денеска до петок ќе ја престојува во Албанија за да направи преглед на досегашниот тек на преговорите за пристапување на земјата во ЕУ. 

Како што соопшти Европската комисија, оваа нејзината прва официјална посета на Албанија по стапувањето на должноста, Кос ќе ја искористи за да разговара со албанските власти за напредокот во процесот на пристапување на земјата во ЕУ, особено во спроведувањето на основните и реформите во правосудството.  

-Посетата ќе биде и можност да се истакне важноста од консолидирање на напредокот преку постигнување нови видливи резултати, во согласност со природата на процесот, кој се заснова на заслуги, се додава во соопштението.

Брисел - Европската комисија предложи регулатива за воспоставување на заеднички европски систем за враќање, кој ќе овозможи побрзи, поедноставни и поефикасни процедури за депортација од ЕУ на илегалните мигранти и лицата чии барања за азил се одбиени, вклучително и отворање на „Центри за враќање“ во трети земји. 

Според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, станува збор за збир на ефикасни и модерни процедури за враќање на илегалните мигранти. 

- Овие правила се фундаментални за заштита на просторот за слободно движење на ЕУ без внатрешни граници. Со новиот европски систем за враќање, ќе се погрижиме оние кои немаат право да останат во ЕУ да бидат вратени назад, истакна Брунер.   

Брисел - Европската Унија ја поздравува заедничката изјава на Украина и САД по нивниот состанок во Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и предлозите за договор за прекин на огнот, хуманитарните напори и продолжувањето на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош на САД, се наведува во изјавата на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во врска со вчерашната средба на американски и украински претставници во Ријад. 

-Европската унија е подготвена целосно да ја одигра својата улога во поддршката на претстојните чекори, заедно со Украина, САД и другите партнери, нагласува Калас во писмената изјава.  Таа натаму додава дела целта на Европската Унија е да ја поддржи Украина во постигнувањето сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право.  

Брисел - Како одговор на денешното стапување во сила на царините од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум од Европската Унија во САД, Европската комисија воведе серија контрамерки за „заштита на европските бизниси, работници и потрошувачи од влијанието на овие неоправдани трговски ограничувања“. 

- Европската унија мора да дејствува за да ги заштити потрошувачите и бизнисот. Контрамерките што ги преземаме денес се силни, но пропорционални. Затоа што САД применуваат царини во вредност од 28 милијарди долари, ние одговараме со контрамерки во вредност од 26 милијарди евра. Ова се совпаѓа со економскиот опсег на американските царини, порача претпладнево претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен. 

Киев - Украинската и американската делегација на средбата во Саудиска Арабија разговараа за сите прашања поврзани со процесот на завршување на војната, изјави Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на украинскиот претседател, цитиран од украинските медиуми. Тој ја даде својата изјава за време на средбата со украинските новинари, која се одржа по преговорите со американските претставници во Џеда.

-Тоа беше многу добар, суштински и значаен разговор. Вистински разговаравме како партнери кои беа заедно од првиот ден на руската агресија. Главните достигнувања на денешниот состанок се, пред сè, тоа што САД ја продолжија својата помош и споделувањето разузнавачки информации. Разговаравме и за сите прашања поврзани со процесот на завршување на војната со праведен мир, рече Јермак.

Тој истакна дека двете страни размениле мислења, но и клучни позиции.

Вашингтон  -  Претставничкиот дом на САД, каде републиканците имаат мнозинство, усвои закон за привремено финансирање на владата пред истекот на тековниот буџет на 14 март.

Предлогот, што спречи делумно затворање на владата, беше изгласан од 217 членови на Долниот дом на Конгресот, додека 213 гласаа против. Еден републиканец беше против, а еден демократ беше „за“.

Предлогот, што предвидува финансирање на владата до 30 септември најмногу на сегашното буџетско ниво, мора да биде усвоен во Сенатот - каде што републиканците исто така имаат мнозинство - пред американскиот претседател Доналд Трамп да го потпише до петок и на тој начин да спречи затворање на владини служби.

Пекинг - Кина најави дека ќе ги преземе „сите неопходни мерки“ за заштита на сопствените интереси како одговор на американските царини за челик и алуминиум кои стапија на сила денеска.

-Акцијата на САД сериозно ги крши прописите на Светската трговска организација и сериозно му штети на мултилатералниот трговски систем, рече Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи, на редовната прес-конференција.

Таа рече дека Пекинг ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси.

Техеран - Иран денеска потврди дека оваа недела ќе разговара со Кина и Русија за својата нуклеарна програма, откако Пекинг објави дека ќе биде домаќин на состанокот.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Бакаи, во изјавата рече дека тринасочните разговори в петок ќе се фокусираат на „развојот поврзан со нуклеарното прашање и укинувањето на санкциите“. 

Пекинг - Кина во петок во Пекинг ќе разговара со Русија и Иран за „иранското нуклеарно прашање“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ма Жаосу ќе претседава со состанокот, додаде Министерството.

Кинеското Министерство за надворешни работи вети и дека Пекинг ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на своите права и интереси откако американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми царините за увоз на челик и алуминиум.

Манила - Поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте може да се соочи со 30 години затвор, па дури и доживотен затвор доколку Меѓународниот кривичен суд (МКС) го прогласи за виновен за злосторства против човештвото во врска со неговата „војна против дрогата“, соопшти денеска претседателството на земјата.

-Но, тоа зависи од одбраната што може да ја користи поранешниот претседател, рече заменик-портпаролката на претседателството, Клер Кастро на прес-конференција. Според веб-страницата на МКС, Судот не изрекува смртна казна, но може да изрече казни до 30 години затвор, а во исклучителни околности и доживотни казни.

Остани поврзан