
12 март 2025
Баку - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е во официјалната посета на Азербејџан, денеска во Баку ќе оствари средби со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова и со премиерот, Али Асадов.
Активностите на претседателката почнаа вчера со тет-а-тет средба со нејзиниот домаќин Илхан Алијев на која беше иницирано потпишување декларација за стратешко партнерство и пријателство со фокус на јакнење на соработката во енергетиката и економијата, како и укинување на визите за дипломатски и службени пасоши.
Скопје - Во Собранието за денеска се закажани седници на пет собраниски комисии. Според информациите објавени на веб страницата, седници треба да одржат Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на кмуникациите, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.
Скопје - Во Собранието за денеска е закажана нова седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, со единствена точка на дневен ред - Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Сепак, останува неизвесно дали ќе се одржи со оглед на тоа во понеделникот пратеникот Бејџан Илјас, кого претседателот на Собранието го назначи да ја води оваа Комисија, го одби ваквиот предлог.
Тетово - Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска ќе се обрати на Австриско - македонскиот форум за животна средина што ќе се одржи во Тетово.
На форумот, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе се обратат и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и австрискиот амбасадор во нашата земја, Мартин Памер.
Кичево - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево ќе ги посети припадниците на Првиот пешадиски баталјон на Армијата.
Покрај министерот, ќе присуствуваат и заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, заменик началникот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Скопје - Во организација на Одделението за лингвистика и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите и Советот за македонски јазик, денеска во МАНУ ќе се одржи научна трибина „Статусот на македонскиот јазик – состојби и перспективи“.
Учесниците на трибината ќе зборуваат за статусот на македонскиот јазик од аспект на неговата употреба во наставата, медиумите и јавната комуникација, како и за дијалектите, топонимите и терминологијата.
Скопје – Со распит на обвинетите за убиството на Вања и Панче, во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да продолжи судењето за двојното убиство за кое се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски.
Како што соопшти судијата Ивица Стефановски на рочиштето одржано на 5 март, прв ќе биде сослушан Манев, потоа Видевски, Кешишев, Ѓорчевски и на крај Палевски.
Скопје - По повод Светскиот ден на бубрегот, што се одбележува вториот четврток од март, Здружението на бубрежно болни граѓани - „Нефрон“ организира настан „Дали вашите бубрези се здрави? Откриј навремено и заштити го здравјето на бубрезите!“.
Хроничната бубрежна болест, како што посочуваат од „Нефрон“ е тивка пандемија на 21. век за што се предвидува дека до 2040 година ќе стане петта водечка причина за предвремена смрт кај населението. Еден од 10 возрасни лица имаат некоја форма на бубрежно оштетување, а скоро 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со хронична бубрежна болест, го игнорираат нејзиното постоење.
Скопје - Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ - Битола денеска ќе реализира два последователни настани во Скопје.
Првиот е дискусија за генска терапија. Со цел подобро запознавање со генската терапија на пациентите и семејствата со ретки болести, како што наведуваат од здружението, се организира кратка дискусија и промоција на брошура за генска терапија.
Скопје - Промоција на платформа за соработка меѓу Црвен крст и универзитетската заедница ќе биде реализирана денеска во Скопје.
Од Црвениот крст на Република Северна Македонија информираат дека во рамки на одбележувањето 80 години од своето основање и хуманитарно делување, се организираат низа активности со цел подигнување на јавната свест за неговата улога во создавањето позитивни општествени промени.
По тој повод, ќе се одржи и промоција на платформа за соработка на Црвениот крст и универзитетската заедница.
Скопје - Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) и оваа година, осма по ред, распишува конкурс за доделување „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“. Краен рок за доставување на сториите е 1 април 2025 година.
- Станува збор за доделување на наградите за новинарство „одоздола“, односно награди за новинари кои работат на теми поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Да не зборавиме дека она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија, се вели во соопштението од МППС.
Скопје - Германската авторка Хелене Буковски денеска во Европската куќа во Скопје ќе одржи промоција на дистопискиот роман „Млечни заби“, кој е во издание на Издавачката куќа „Три“ (2024). Промоторка на романот ќе биде новинарката и научна истражувачка Ана Јовковска, додека преведувачка ќе биде проф. д-р Зорица Николовска.
„Млечни заби“ е дистописки роман за преживувањето во еден нов свет, разорен од климатските промени. Во постапокалиптичното секојдневје, небото не се гледа од маглата, или пак од усвитеното сонце. Романот, кој може да се чита и како мрачна бајка, ги обработува темите на недовербата во „другиот“, односот мајка–ќерка, растењето и начините на кои околината ги обликува младите.
Скопје - Во Археолошкиот музеј денеска ќе се одржи промоција на четвртата книга од серијата монографии „Архитектонските елементи од Епископската базилика во Големо Градиште кај Коњух, Кратовско" од м-р Радомир Ивановиќ. Промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Каролин С.Снивели од САД и проф. д-р Бојан Џуриќ од Словенија.
Оваа книга произлегува од истоимената магистерска теза на Ивановиќ, со наслов „Architectural elements of the Episcopical Basilica at Konjuh, R. Macedonia“ одбранета во 2021 година на Универзитетот во Љубљана, Словенија, под менторство на проф. д-р Бојан Џуриќ.
Брисел - Европската унија ќе воведе контра тарифи за американски стоки во вредност од 26 милијарди евра како одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум, соопшти Европската комисија.
Контрамерките ќе стапат на сила следниот месец.
„Ова е соодветно на економскиот опсег на американските тарифи. Нашите контрамерки ќе бидат воведени во два чекора. Почнувајќи од 1 април и целосно во сила од 13 април“, нагласи Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Бања Лука - Обвинителството на Босна и Херцеговина издало наредба до судската полиција да ги приведе претседателот на Република Српска Милорад Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ, јави РТРС повикувајќи се извори во Кабинетот на премиерот на Република Српска.
Наредбата ја издал обвинителот Ќазим Хасанспахиќ, а Обвинителството на БиХ ги товари за сторено кривично дело „напад врз уставниот поредок“.
Брисел - По повод најавениот голем митинг во Белград на 15 март, за кој претседателот на државата предвидува „големо насилство“ и најавува апсења, Европската унија порача дека темелните вредности „се во сржта на нашиот заеднички европски проект и треба да се почитуваат“.
„Ова важи и за слободата на собирање како основно право“, се вели во одговорот на прес-службата на ЕУ за Радио Слободна Европа.
Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис доцна синоќа, преку платформата Икс го коментираше напредокот во разговорите меѓу САД и Украина, истакнувајќи дека е значаен чекор кон мир за Украина и посочи дека сега Русија мора да одговори, јави дописничката на МИА од Атина.
- Го поздравувам напредокот постигнат во разговорите САД – Украина и најавата за предложен прекин на огнот. Ова е значаен чекор кон сеопфатен, праведен и траен мир за Украина. Сега Русија мора да одговори, напиша Мицотакис на Икс.
Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте од денеска до петок ќе престојува во посета на САД.
Како што соопшти НАТО, во рамки на престојот во Вашингтон, Руте утре во Белата куќа ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Покрај со Трамп, предвидено е Руте да има средби и со високи претставници на Американската администрација и со членови на Конгресот на САД.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп утре во Вашингтон ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти синоќа Белата куќа.
Трамп ќе го пречека и ирскиот премиер Мајкл Мартин во главниот град на САД.
Вашингтон - Американската влада ги затвори сите канцеларии на Министерството за образование до утре поради „безбедносни причини“.
Необичниот чекор уследи по ветувањето на претседателот Доналд Трамп дека ќе го затвори одделот како дел од неговиот план да префрли поголема одговорност за образованието на државните влади.
Вработените со допис се предупредени дека не смеат да влезат во зградата на министерството до 18 часот по локално време денеска.
Вaшингтон - Зголемените царини за увоз на челик и алуминиум (25 отсто) воведени од американскиот претседател Доналд Трамп денеска стапија на сила.
Пред да стапат на сила тарифите, Трамп и се закани на Канада дека ќе ги удвои тарифите за извозот на челик и алуминиум од 25 на 50 отсто, но се откажа од тие планови откако премиерот на Онтарио, Даг Форд се согласи да ја суспендира одлуката за воведување дополнителни давачки за извозот на електрична енергија од Онтарио во САД, отстапка во замена за укинување на претходните тарифи.
Москва - Шефот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин телефонски разговарал со директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, соопшти прес-службата на руската разузнавачка служба.
„На 11 март 2025 година беше остварен телефонски разговор помеѓу директорот на СВР на Русија, Сергеј Наришкин и шефот на американската ЦИА, Џон Ретклиф. Во разговорот беа разгледани прашања за интеракција меѓу двете специјални служби во однос на заедничките интереси и управувањето со кризни ситуации“, се вели во соопштението.
Сеул - Јужнокорејската влада преминува во режим на целосен одговор при итни случаи бидејќи денеска стапија на сила американските царини за целиот увоз на челик и алуминиум, соопшти јужнокорејското Министерство за трговија, индустрија и енергија.
Како дел од напорите за намалување на влијанието на новите американски царини врз локалните индустрии, Министерството одржа состанок со претставници од различни деловни асоцијации, производители, научни институти и други релевантни институции за да се изготви стратегија за новите царини од 25 отсто наметнати од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Лисабон - Португалскиот парламент синоќа и изгласа недоверба на малцинската влада на десниот центар, соборувајќи ја по само 11 месеци на власт, што веројатно ќе доведе до предвремени избори, трети во земјата за нешто повеќе од три години.
Премиерот Луис Монтенегро побара гласање за доверба на владата во четвртокот, откако опозицијата го доведе во прашање неговиот интегритет во врска со работењето на консултантската компанија што тој ја основаше и сега управувана од неговите синови.
Компанијата има договори со приватни фирми. Монтенегро ги негира сите обвинувања.
Дамаск - Централната влада на Сирија постигна договор со курдските власти кои го контролираат североисточниот дел на земјата, што вклучува прекин на огнот и спојување на локалната вооружена формација со сириската армија.
Формацијата предводена од Курдите, позната како Сириски демократски сили, има поддршка од САД. Договорот го потпишаа привремениот претседател на државата Ахмад ал Шара и командантот на Сириските демократски сили Мазлум Абди.
Исламабад - Најмалку 155 од повеќе од 450 патници во возот што вчера беше нападнат од пакистански сепаратисти во провинцијата Белуџистан се ослободени, соопштија безбедносните сили.
Тие прецизираа дека се убиени 27 напаѓачи.