
11 март 2025
Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски денес ги прими македонските ракометни репрезентативци кои во јануари настапија на Светското првенство во Хрватска. За прикажаните игри, достоинственото претставување и пожртвуваноста, македонските ракометари ќе бидат наградени од Владата со три милиони денари.
-Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината, истакна пред ракометарите премиерот Мицкоски.
Македонија Мундијалот со 32 репрезентации го заврши на 15. место со две победи, две нерешени средби и два пораза.
Скопје - Вкупно 11 лица се приведени во вчерашната акција на МВР спроведена во координација со ОЈО за ГОКК. Врз основа на обезбедени наредби од Основен кривичен суд извршени биле претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Битола и Кичево, кај правни и физички лица, во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати. МВР информира дека едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно лице е со мерка притвор.
-До сега, од извршените претреси пронајдени и одземени се документација, пет мобилни телефонски апарати, околу 1500 парчиња муниција од различен калибар, два пиштоли и три патнички моторни возила, стои во соопштението.
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клинички центар. Таравари посочи дека се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот.
-Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар, рече Таравари. На новинарско прашање дали ќе се поништи тендерот вели дека најверојатно ќе биде поништен, додавајќи дека се отворени за јавноста за идеи како да се реши проблемот со паркингот на Клинички.
Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска смета дека земјава пристапува кон фискална консолидација побрзо од она што било планирано во 2024 година. Како што изјави денеска, се очекува до крајот на април да биде завршена фискалната стратегија за следните пет години врз чија основа потоа, како што е предвидено или со забрзано темпо ќе може да се елиминираат прекршувањата во рамки на Законот за буџети или на фискалните правила.
Според Димитриеска Кочоска, буџетскиот дефицит е се уште проектиран на над три отсто, а јавниот долг во овој момент е под 60 проценти. Министерката истакна дека има одлична соработка со Фискалниот совет и секогаш ги смета за добредојдени неговите сугестии кои многу често, истакна, се совпаѓат и со нејзините заклучоци.
Скопје - Постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) Армен Григорјан во интервју за МИА нагласува дека меѓу приоритетите на Организацијата во земјава се Националната развојна стратегија, Зелениот финансиски инструмент и изградбата на граничниот премин „Маркова Нога“ со соседна Грција, што започнува утре и е во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“.
Григорјан во интервјуто не посочува дали ќе бидат скратени средства за проекти што се реализираат кај нас, имајќи ги предвид геополитичките случувања и најавените кратења на средства за одредени светски организации, но укажува дека на приоритетните проекти што треба и очекува да се реализираат.
Скопје – Интерпелацијата против петте членови на Судскиот совет, кои што ги избира Собранието е недозволена. Не само што не е дозволена, туку овој акт претставува преседан во досегашната парламентарна демократија на Република Северна Македонија. Повеќе од 30 години досега ниту еднаш не се случило Собрание да поднесе интерпелација на член на Судскиот совет, изјави членот на Судскиот совет Тања Чачарова – Илиевска, по денешната редовна седница на Советот.
Во врска со денешната расправа која паралелно се одржува во законодавниот дом, каде пратениците гласаат за интерпелациите против петте членови на Судскиот совет, Чачарова – Илиевска рече дека нема да присуствува, нагласувајќи дека интерпелација на член на Судски совет е недозволен и противуставен акт.
Скопје – За секој сектор во секоја дејност се надеваме дека работниците и синдикатите ќе препознаат дека треба да се органзираат како би можеле да имаме колективно преговарање во кое ќе биде опфатена и минималната плата, порача претедателот на бизнис конфедерацијата на Северна Македонија Миле Бошков на денешната прес - конференција по повод започнувањето на иницијатива за подигнување на јавната свест за трудовата експлоатација.
Тој рече дека ставот на конфедерацијата е дека низ дијалог во секој сектор, во секоја дејност ќе има можост да се постигне не само зголемување на минимална, туку и зголемени на платите на сите работници. Бошков одговарајќи на новинарско прашање во однос на предлогот на ССМ за минимална плата од 500 евра со платени субвенции од Владата, оцени дека е потребно колективно преговарање.
Белград - Синот на американскиот претседател Доналд Трамп Јуниор пристигна во Белград каде што ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Доналд Трамп Јуниор, најстариот син на американскиот претседател Доналд Трамп, го посети Белград за време на предизборната кампања во САД во септември минатата година. Тој тогаш организираше вечера за група бизнисмени во хотел во центарот на Белград.
Синот на американскиот претседател е еден од клучните советници на неговиот татко и одигра голема улога во изборната кампања на Доналд Трамп.
Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама одлуката за отворање канцеларија на ЕП за Западен Балкан во Тирана ја смета за извонредна процена и многу добар момент за меѓународната позиција на Албанија, која, на 16 мај, ќе ги дочека лидерите од целиот континент освен Русија.
-Ова е извонредна процена, уште еден многу добар момент за нашата меѓународна позиција, бидејќи ги започнавме подготовките за големиот самит на 16 мај, првиот самит на ЕУ, а лидерите на ЕУ решија да дојдат на 15 мај на работна вечера овде со мене и со другите лидери од нашиот регион. Така, на 15-ти ќе бидеме домаќини на лидерите на Европскиот совет, а на 16-ти ќе дојдат лидерите од целиот континент, со исклучок на Русија, рече Рама, во редовна комуникација со граѓаните на Фејсбук.
Стразбур - Европската Унија е посветена да се стави крај на руската агресија врз Украина и да се обезбеди праведен и траен мир, порача денеска полскиот министер за европски прашања Адам Шлапка во обраќањето во Европскиот парламент на дебатата посветена на зајакнување на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.
Според Шлапка, за таков праведен и траен мир треба да преговара украинскиот претседател Володимир Зеленски, а во мировните преговори треба да биде вклучена и ЕУ, чија безбедност исто така е загрозена од конфликтот во Украина. Шлапка, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, истакна дека токму овие прашања ќе бидат една од главните теми на следниот редовен Самит на Унијата, закажан за 20 и 21 март во Брисел.
Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека Владата сака да започне нова програма за доброволна воена обука почнувајќи од идната година.
Целта на програмата е годишно да се обучуваат 100.000 доброволци.
„Најважната цел за нас е секој кој е заинтересиран за обука да може да учествува во неа најдоцна до 2026 година. Тоа е тешка задача, но знам дека е изводлива“, рече Туск пред седницата на полската Влада.
Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека не се согласува со политизацијата на буџетот на Организацијата на безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), пренесоа руските медиуми.
„Она со што не се согласуваме е дека документот за буџетот, кој е чисто прагматичен и технички, е оптоварен со политички проценки, како што се обидуваат да направат нашите западни колеги, а потоа ја обвинуваат Русија дека не сака да го исполитизира буџетот за да не биде усвоен“, рече Лавров на прес-конференција со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Синирлиоглу.
Киев – Генералштабот на украинската армија соопшти дека при синоќешниот напад со дронови врз Русија погодиле „неколку стратешки објекти“ меѓу кои и „производствените капацитети на московската рафинерија за нафта“.
Московската рафинерија има капацитет за преработка на 11 милиони тони нафта годишно и обезбедува од 40 до 50 проценти од потребите на Москва за дизел и бензин.
Украинската армија тврди дека е погоден и производствениот погон во Орлов, важен за управување со нафтоводот кон пристаништето во Санкт Петербург.
Женева - Цели семејства, вклучувајќи жени и деца, се убиени во сирискиот крајбрежен регион за време на операцијата на безбедносните сили на новите власти против бунтовниците, лојални на соборениот претседател Башар Асад, соопштија денеска Обединетите нации.
Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека документирала 111 цивилни жртви, но очекува реалната бројка да биде значително повисока, изјави портпаролот на Канцеларијата на ОН за човекови права Тамиен ал Хитан на брифинг за медиумите во Женева. Според невладината мониторинг организација Сириски центар за мониторинг на состојбата со човековите права, над 1.000 луѓе се убиени.
Торонто - Премиерот на Онтарио, Даг Форд изјави дека во понеделник ќе започне наплата од 25 отсто за извозот на електрична енергија во три американски држави, предупредувајќи дека целосно ќе ја исклучи струјата доколку САД воведат нови царини за канадски стоки.
„Ако САД ескалира (тарифите), нема да се двоумам целосно да ја исклучам струјата“, изјави Форд. Како што пренесе Си-Ен-Ен, тој вели дека „не сака да го направи тоа“. „Се чувствувам ужасно за американскиот народ, бидејќи не беше тој кој ја започна оваа трговска војна. Има едно лице кое е одговорно. Тоа е претседателот (Доналд) Трамп“, рече Форд.
Јоханесбург - Автобус денеска се преврте на автопат во близина на јужноафриканскиот град Јоханесбург. Дванаесет лица загинаа, а 45 се повредени, јавија светските агенции, повикувајќи се на итните служби.
Спасувачките тимови се обидуваат да го превртат автобусот на тркалата за да проверат дали под него има други жртви. По пристигнувањето најдовме пациенти како лежат на патот“, изјави портпаролот на локалната служба за итни случаи Вилијам Нтлади. Несреќата се случила на автопатот меѓу Јоханесбург и меѓународниот аеродром „О. Р. Тамбо“. Автобусот превезувал луѓе од градот и Кетелхонг, кој се наоѓа источно од него.
Токио - Јапонската бродска компанија „Мицуи О.С.К. лајнс“ (МОЛ) тврди дека прва во светот произведе водород на море и го испорача на копно, во Токио. Имено, произведен е водород со помош на демонстративното пловило „Шофу Мару“, коешто во себе има растенија коишто произведуваат тн. „зелен“ водород, што е лесен за пренос.
Јапонија е светски лидер во „зелените“ технологии на водород, што би можеле да имаат важна улога во оддалечувањето од фосилните горива. Бродот „Шофу Мару“ е дел од проектот „Ветроловец“. Целта е да се создаде „зелен“ синџир за производство, складирање и испорака на водород. Течниот органски водороден носач метилциклохексан (МЦХ) на својот лабраториски брод. Оваа постапка овозможува побезбеден и поефикасен транспорт. Според „МОЛ“, ова е прв случај каде што брод произведува „зелен“ водород на море за употреба на копно. „Винд Мару“ користи ветар за навигација, а генерира електрична енергија користејќи ги подводните турбини и морска вода.