• вторник, 11 март 2025
МИА Флеш

11 март 2025 

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска прес-конференција соопшти дека нема да биде склучен договор со „Ѓока констракшн“, фирмата од Албанија која требаше да стопанисува со паркингот на Клинички центар.

Таравари посочи дека се разгледуваат две опции за стопанисување со паркингот. -Првата е ЈП Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар, рече Таравари.

Скопје - Комеморација по повод 82 години од депортацијата на 7144 македонски Евреи во логорот Треблинка беше одржана денеска пред Споменикот во некогашниот скопски Монопол – местото  каде што еврејски семејства од Скопје, Битола и Штип биле затворени во привремен транзитен камп и на крајот од март депортирани во логорот на смртта во окупирана Полска. 

Претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, во својот говор рече дека во март 1943, еврејските маала во Скопје, Битола и Штип останале без своите Евреи и тие никогаш повеќе не зачекориле по калдрмите покрај реките Драгор, Отиња и Вардар. 

Скопје - Фискалната стратегија се уште не ја игра улогата на стратешки документ што треба да е сидро за макроекономските и развојните политики на земјата. Стратегијата често се менува, дури и на годишна основа. Така се губи долгорочната ориентација и за макроекономските политики и за фискалната политика. Анализата за периодот 2004 - 2023 година покажа склоност економскиот раст да се стимулира со фискална експанзија што треба да се преиспита зашто доглорочно не дава соодветни резултати. Јавниот долг надмина 60 отсто во 2024 година, но според статситиката не се земаат неизмирените обрвски кои на крајот од 2024 годинаизнесуваа четири отсто. Со ревизијата на оваа статистика, јавниот долг е околу 65 отсто од БДП што е согласно финансиската и буџетската статистика на ЕУ, рече денеска претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев.

Пред членовите на собраниските комисии за економски прашања и финансирање и буџет, европските експерти и претставници, Бишев напомена дека Фискалниот совет ја оценува како добра Фискалната стратегија 2025 - 2029 година што ја усвои Собранието.

Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јануари 2025 година изнесувал 49 870, од кои 36.8 % се домашни туристи, а 63.2 % се странски туристи. Евидентирани се 106 894 ноќевања, од кои 42.5 % се од домашните туристи, a 57.5 % од странските туристи.

Вкупниот број на туристи во јануари годинава, во однос на јануари 2024, е зголемен за 4.4 %, a бројот на ноќевањата е зголемен за 4.7 %.

Скопје - Во јануари 2025 година се издадени 317 одобренија за градење, што е за 23.8 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 5 772 690 илјади денари, што е за 28.2 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Скопје - Во коорганизација на Министерството за животна срдина и просторно планирање (МЖСПП) и Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) денеска се одржа регионална конференција со која почнаа два големи регионални проекти предводени од ADAPT 2.0 и Позеленување на Западен Балкан, со кои ќе се зајакнат напорите на нашата држава и државите во регионот во рамки на столбот за природата и биолошката разновидност на Зелената агенда за Западен Балкан.

Овие проекти, како што информира МЖСПП, ќе ја поддржат посветеноста на регионот за зачувување на биолошката разновидност и отпорност на климата, работејќи во соработка со релевантните власти, експертите и граѓанското општество.

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска уште еднаш ги повика „сите актери на српската политичка сцена да не користат насилство во својата борба“.

„Прифаќам дека јас сум виновен за тоа што фрлаа топовски истрели и димни бомби кон Народното собрание на Република Србија, но барам од нив да не го прават тоа повеќе и да не размислуваат за дополнителни напади врз државните институции, како што синоќа ги нападнаа РТС и РТВ“, рече Вучиќ во видео објава на Инстаграм.

Белград - Новинарката на Радио Белград, Милена Божовиќ денеска им се обрати на студентите пред зградата на Радио телевизија Србија (РТС) во Белград, но и на нејзините колеги кои ги покани да излезат и да им се придружат, јави Бета.

Група вработени во РТС, членови на неформалната група „Наш протест“ се собраа пред зградата на јавниот сервис, која од синоќа е блокирана од студенти.

Тирана - Одборот на извршни директори на Светска банка одобри дополнително финансирање од 80 милиони американски долари за поддршка на амбициозната агенда на Албанија за модернизација и дигитална трансформација на јавниот сектор, подобрување на пристапот до клучните услуги за граѓаните, особено за ранливите групи, објави државната агенција АТА.

Дополнителните финансиски средства доаѓаат како резултат на напредокот на водечкиот проект „Подобрување на еднаков пристап до јавни услуги со високи стандарди преку GovTech“ (65 милиони долари), кој има за цел да го зголеми пристапот и квалитетот на јавните услуги.

Бања Лука - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска во кампот Бутмир во близина на Сараево изјави дека ЕУФОР е целосно подготвен да одржува безбедна и стабилна средина во Босна и Херцеговина (БиХ).

Руте денеска се сретна со командантот на ЕУФОР генерал-мајор Флорин-Маријан Барбу, кој изјави дека постои тесна соработка на теренот меѓу ЕУФОР и НАТО.

Стразбур - Пред три години токму на денешен ден во Версај решивме да ја зајакнеме одбраната на Европа и да изградиме „Европа на одбраната“ и сега она што го ветивме го исполнуваме со минатонеделните брзи и амбициозни одлуки на Самитот на ЕУ за безбедноста и за Украина, истакна денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Европскиот парламент. 

- Европската унија живее во клучниот момент. Чувството на итност е пред нас. Геополитичките тензии се зголемија во последните недели. Мултилатерализмот е под огромен притисок, а исто така и меѓународниот поредок заснован на правила. Руската агресивна војна против Украина и заканата што таа ја претставува има пошироки импликации за Европа и меѓународната безбедност, нагласи Кошта во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на зајакнувањето на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.    

Брисел - Најмалку едно лице е повредено минатата моќ во нов оружен инцидент во Брисел, соопшти денеска белгиската полиција, додавајќи дека е можно да има уште еден повреден, кој е во бегство. 

Како што јави државната телевизија ВРТ, инцидентот се случил околу 23.45 часот во бриселската населба Ворст, кога најмалку едно лице отворило оган од автоматско оружје. Напаѓачот или напаѓачите се во бегство и полицијата трага по нив. 

Варшава - Полските граничари уапсија Украинка која беше осудена на 12 години затвор во Казахстан за учество во организирана криминална група која се занимавала со трговија со човечки органи и продажба на 56 бубрези, соопшти денеска обвинителството.

- Жената, идентификувана како Ксенија П., е уапсена на железнички премин меѓу Полска и Украина врз основа на налог за апсење на Интерпол, изјави портпаролката на полското обвинителство Марта Петковска.

Пекинг - Кина ги поддржува сите напори што водат кон мирно решавање на украинската криза и се надева дека сите страни можат да постигнат праведно, трајно и прифатливо решение, изјави денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

„Кина е подготвена да продолжи да работи со меѓународната заедница за да одигра конструктивна улога во политичкото решавање на кризата“, рече Мао на редовниот брифинг со новинарите, пренесе Ксинхуа.

 

Остани поврзан