• вторник, 11 март 2025
МИА Радио флеш

Баку - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која е во официјална посета на Азербејџан претпладнево беше пречекана со највисоки државни и воени почести од нејзиниот домаќин Илхам Алијев во претседателската резиденција „Зугулба“  во Баку. 

Во тек е тет-а-тет средба на Сиљановска Давкова и Алијев по што следува следува пленарен состанок на двете делегации. Во состав на македонската  делегација е и минисетрот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Претседателката попладне ќе одржи предавање пред академската заедница и студентите на Универзитетот АДА во Баку.

Скопје - Собранието денеска треба да ја одржи 40. седница, на чиј дневен ред се петте интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието - Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за нивното заминување од функциите ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Во образложенијата  за поднесените интерепелации објавени на собраниската веб-страна се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина. 

Скопје – Скоро секогаш блиски пријатели, сопрузи или колеги си гарантираат еден на друг за долг, со што преземаат голем финансиски ризик. Ако должникот не може да го врати долгот, жирантот (гарантот) станува одговорен за исплатата што често доведува до финансиски и емоционален товар и целосно нарушување на односите.

Финансискиот притисок, нарушената доверба и емоционалниот стрес создаваат тензии и кавги, особено ако должникот не покажува одговорност. Различните очекувања, кога едниот очекува помош, а другиот се чувствува измамен или под притисок, во целост ги згаснуваат овие врски.

Во пракса може да се случи и обратна ситуација, кога лицето кое го плаќа својот кредит уредно и навремено поради преголемата кредитна изложеност, односно нефункционалност на неговиот жирант, банката да побара од него да го исплати целиот доспеан долг од жирантот кој не е способен да си ги отплаќа сопствените долгови.

Атина – Новинарите во Грција, организирани од Грчката федерација на новинарски асоцијации во која учествуваат сите новинарски здруженија, од пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк со што земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.

Главното барање е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија, но и зголемување на платите, подобрување на условите за работа и обезбедување на сите институционални барања.

Белград - Повеќе од седум часа трае блокадата во Белград на влезовите на зградата на државната радио-телевизија РТС што ја почна синоќа од студентите во блокада  кои најавија дека ќе трае 22 часа. Вработените во Радио телевизија на Србија можат да си заминат, но ќе бидат спречени да влезат во зградата, најавија демонстрантите.

„На 10 март 2025 година студентите почнаа со блокада на зградата на РТС, што ќе трае до 22 часот. Придружете ни се. Влезот во зградата е строго забранет. На вработените им е дозволено да заминат. Никој не влегува во зградата додека РТС не се ослободи“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи. Тие ги повикаа граѓаните кои сакаат да им помогнат да го сторат тоа со донации.

Реакцијата на студентите беше предизвикана од гостувањето на Александар Вучиќ во вестите на Јавниот сервис, при што водителката ги нарече „орда“ (rulja) студентите и граѓаните кои најавија протест во Белград на 15 март. Студентите најавија дека ќе го блокираат и влезот во студиото на РТС во Кошутњак, од каде, како што соопштија од јавниот сервис, ќе се емитува утринската програма.

Бeлград - Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ денеска изјави дека насилството во Србија никогаш нема да победи и ги повика студентите кои се во блокада да не користат насилство и да не се обидуваат да ги заземат институциите бидејќи токму тоа го сакаат сите оние кои не и посакуваат добро на Србија.

Таа упати апел до студентите преку социјалната мрежа Х да се придржуваат до студентскиот едикт од Ниш што самите го донесоа и да обезбедат еднакви права за своите колеги, студенти кои само сакаат да учат, да продолжат со студирањето.

„Правдата, солидарноста и силните институции се она што и треба на Србија, а не омраза, насилство и анархија“, напиша таа. 

Брисел – Европската Унија денеска во Стразбур ќе организира комеморација по повод Европскиот денот на сеќавање на жртвите на тероризмот. 

Домаќини на комеморацијата ќе бидат претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, францускиот претседател Емануел Макрон, еврокомесарот за миграција и внатрешни работи Магнус Брунер и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсет. 

Европскиот ден на сеќавање на жртвите на тероризмот се одбележува секоја година во чест на жртвите на терористичките напади во Мадрид на 11 март 2004 година и со нив ЕУ ја покажува својата солидарност со настраданите при акти на тероризам. 

Берлин - Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја повика Европа да се обедини пред политичките предизвици, јави ДПА. Во изјава за Рајнише пост, Меркел ја истакна важноста на единството за да се избегне распадот на Европа на „пена и прашина“.

Меркел нагласи и дека миграцијата останува европска обврска која може да се реши само преку консултации со соседните земји на ЕУ. Таа го коментираше и исходот од изборите во Германија, велејќи дека е задоволна што нејзината партија победила, но изрази загриженост за зајакнувањето на екстремната десница. Меркел истакна дека слабеењето на политичкиот центар треба да биде причина за загриженост за сите.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз ќе биде домаќин на началниците на Генералштабот на земјите кои се подготвени да преземат одговорност за Украина и зајакнување на европската безбедност. Меѓу учесниците има воени претставници од 30 земји од ЕУ и/или НАТО, меѓу кои Велика Британија и Турција. Средбата ќе се одржи во тесна координација со воената команда на НАТО.

По денешниот состанок, во среда, францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну ќе ги собере своите колеги од групата Е5 - Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија и Полска, како и претставници на ЕУ и НАТО. На средбата со видео конференција ќе учествува и украинскиот министер за одбрана. Разговорите ќе се однесуваат на помошта за Украина и повторното вооружување на Европа.

Москва - Едно лице загина, а тројца се повредени во напад извршен по полноќ со украински беспилотни летала врз Москва, соопшти Андреј Воробјов, гувернер на Московската област. Жртвата и повредените се од областите Домодедово и Ленински.

Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин објави дека руската ПВО соборила 69 беспилотни летала над Москва и регионот, и дека аеродромите Домодедово и Жуковски привремено ја прекинале работата поради тоа. Во нападот е оштетена станбена зграда, од која се евакуирани најмалку седум стана, изјави регионалниот гувернер.

Њујорк - Американскиот милијардер кој раководи со Министерството за ефикасност на владата во САД, Илон Маск, синоќа изјави дека социјалната мрежа „Х“, што ја поседува, е „урната поради голем кибер напад што потекнува од Украина“.

Десетици илјади корисници синоќа објавија дека не можат да пристапат до платформата „X“. -Имаше голем кибер напад со цел да се урне системот „Х“, а IP адресите потекнуваат од територијата на Украина, изјави Маск за Фокс њуз. Работата на мрежата е обновена од денеска. 

Вашингтон - САД и Кина се во рана фаза на преговори за потенцијален самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг, што се очекува да се одржи во САД во јуни, објави Волстрит џурнал.

Според кинескиот весник South China Morning Post, кој цитира повеќе дипломатски извори, Трамп би можел да се сретне со Си во Кина уште во април, „и покрај ескалацијата на трговската војна“.

Претседателите на двете земји би сакале да ја претстават посетата на другата страна како дипломатски триумф, но првичните дискусии беа околу посетата на Трамп на Кина, велат дипломатски извори.

Вашингтон - Американските и украинските претставници ќе се сретнат оваа недела во Саудиска Арабија за да разговараат за времето и опсегот на првичниот прекин на огнот со Русија, а двете делегации ќе разговараат и за неколку точки на тензија кои допрва треба да се надминат, јави Блумберг.

Планираните разговори во Џеда ќе следат, како што пренесува Блумберг, по денови на интензивен притисок од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз украинскиот лидер Володимир Зеленски, вклучително и суспендирање на воената и разузнавачката помош. Според Њујорк Тајмс, таквите потези биле дизајнирани да го убедат Зеленски да се согласи на делумен прекин на огнот со Русија, што потоа ќе овозможи преговори за ставање крај на тригодишната руска инвазија.

Манила - Поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте е уапсен по меѓународна потерница издадена од Меѓународниот кривичен суд, јави ДПА.

Наредбата е издадена поради наводните злосторства против човештвото извршени за време на акции по заповед на Дутерте против шверцерите на дрога, објави Филипинското претседателство. Утринава канцеларијата на Интерпол во Манила добила копија од налогот за апсење издаден од МКС и Дутерте бил уапсен додека излегувал од авион во главниот град.

Остани поврзан