МИА Општински пул
- 11 март 2025

11 март 2025
Битола - На денешен ден во 1943 година, во раните утрински часови, од Битола во злогласниот логор Треблинка беа депортирани 3.276 Евреи.
Плачливиот мартовски ден на железничката станица во Битола заврши со уништување на бројни семејства, а според список направен во скопскиот монопол од бугарските власти, во битолскиот транспорт на Евреите имало разни занаетчии, шивачи, бавчанџии, трговци, брашнари, тенекиџии, слаткари, шапкари, интелектуалци, општи работници, свештеници... Урна со пепел на починатите деца, жени и мажи, денеска се чува и сведочи во битолскиот Музеј.
Како што е познато, масовното населување на Евреи во Битола се смета дека почнало во 1497 година, а било резултат на масовно иселување на Евреите од Пиринејскиот Полуостров, односно со протерувањата од Шпанија, а подоцна и од Португалија. За битолските Евреи со истражувачка посветеност и најмногу на ова поднебје, пишувал професорот по историја, битолчанецот Ѓорги Димовски-Цолев, кој во книгата „Битолските Евреи“ е фокусиран на тогашните две еврејски општини, на храмовите и синагогите, меѓу нив и познатата „Ла Хавра“ што се наоѓала во центарот на градот.
Пријателствата со македонското население во Битола, значеле и споделување на заеднички судбини, но и предизвици па затоа забележливо е учеството на Евреите во Илинденското востание, активностите на ТМРО и вклученоста во антифашистичката борба во 1941 година, во која битолчанката Естреја Овадија Мара е прогласена за народен херој.
Во 7 часот утрото, на 11 март 1943 година, згаснаа огништата на битолските Евреи, но не и споменот за своите сограѓани за кои денеска битолчани чествуваат, се одржуваат комеморации и се полага цвеќе на вечните спомен обележја.
Струмица/Радовиш - Во текот на вчерашниот ден Територијалните против пожарни единици на Струмица и Радовиш изгаснаа 12 пожари на отворено. Сите биле на отворен простор каде горела сува трева, стрништа, диви депонии и ниска дабова шума.
Во информациите од двете против пожарни единици се нагласува дека речиси сите пожари биле поредизвикани од човечки фактор.
Заради големата фреквенција на пожари биле мобилизирани 25 пожарникари и седум против пожарни возила од ТППЕ Струмица, а пожарите биле во атарите на селата Раборци, Просениково, Банско, Добрејци, Ангелци и Градско Балдовци.
Во Радовиш пожари имало во атарите на селата Воиславци, Калугерица, Ињево, Сулдурци и на планината Плачковица.
Пожарникарите апелираат до сите кои деновиве од најразлични причини ќе се движат на отворен простор да не палат огнови.
-Истото се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба, кои ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите, а огнот без контрола брзо се шири, особено кога времето е потопло и ветровито. Со затоплувањето на времето во регионот ќе се интензивираат земјоделските активности на нивите. Предизвикувањето пожар, намерно или од човечко невнимание, претставува и кривично дело за кое се предвидени ригорозни законски санкции, парични и затворски казни до 10 години, зависно од крајните еколошки и други последици, се наведува во информацијата на струмичките и радовишките пожарникари.
Скопје - Општина Центар ги повикува сите заинтересирани културни работници, здруженија и организации од областа на културата и уметноста да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка на проектот „Светски ден на поезијата“.
Како што информираат од Општината, целта на проектот е да се потенцира значењето на пишаниот збор и да се промовира поезијата како дел од културното наследство преку спојот на поезијата и музиката.
Во рамките на проектот, е предвидено да се изработат музички аранжмани на безвременските дела од македонската литература, нудејќи богато и оригинално искуство за публиката.
-Оваа уникатно поврзување на поезијата и музиката ќе биде претставено на 21 март, на Светскиот ден на поезијата. Цел е да ги поттикнеме нашите уметници да ги спојат во хармонија нотите и зборовите, создавајќи ново искуство кое ќе ја приближи поезијата до секој, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Право на учество на јавниот повик имаат физички лица, здруженија и правни субјекти од областа на културата со седиште на територијата на Општина Центар.
При изборот на проектите ќе се земат предвид оригиналноста на идејата, референците и портфолиото на апликантите, како и прифатливоста на финансиската конструкција. Вкупниот буџет за поддршка на проектот изнесува 400.000 денари. Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.
Битола - Општина Битола во периодот од 15 до 20 март ќе го реализира вториот дел од акцијата „Заедно средуваме - заедно уредуваме“ во која низ градот ќе се врши отстранување на кабастиот и градежниот отпад за здрава и чиста животна средина.
Општина Битола како центар на Пелагонискиот плански регион, по препорака на Министерството за животна средина и просторно планирање, организираше одлагање на кабастиот отпад и градежниот шут во минатиот месец, ќе продолжи во периодот од 15 до 20 март, а акција ќе организира и во месец април, соопштија од тамошната локална самоуправа.
За време на акцијата, граѓаните ќе можат да го доставуваат отпадот во терминот од 7 до 15 часот и притоа кабастиот отпад ќе се одлага во кругот на Стопанскиот двор на ЈКП Комуналец, а градежниот шут ќе се одлага во кругот на Стопанскиот двор на КЈП Нискоградба.
Со оваа акција, општината го реализира Акцискиот план за чист воздух донесен од Владата, од кој произлегуваат обврските за справување со отпадот и обезбедување на услови за одложување и собирање на кабаст отпад и градежен шут, посочија од секторот за односи со јавност на Општина Битола.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 3-ти до 9 март 2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 142 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар, како што најавуваат, континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Охрид – Во насока на промоција на туристичкиот потенцијал на Дебрца, Општината наредниот месец ќе организира одржување велосипедска тура на падините на Славеј Планина.
Настанот што ќе биде организиран во соработка со „Rupicapra MTB Adventure team“ ќе се одржи на 13 април, со почеток од 10 часот.
Стартот на кружната тура во должина од 45 километри е од селото Лактиње, а љубителите на велосипедизмот и планините ќе имаат можност да ја разгледаат убавината на Славеј Планина и селата во нејзините падини, информираат од Општина Дебрца.
Турата со планински велосипеди е без котизација, а за учесниците обезбедени се бесплатни освежителни пунктови, вода, сок, енергетски барови, благо, овошје, енергетски суплементи, ручек…
Повеќе детали за настанот, можноста за пријавување и детали околу патеката на интернет-страницата на Општина Дебрца www.debrca.gov.mk .
Велес - Каква е подготвеноста и ефективноста на системот за справување со болеста африканска чума кај свињите при евентуална нејзина појава, но и кои мерки треба да се преземат за негово подобрување, се дел од прашањата на кои во рамки на симулациската вежба за болеста африканска чума кај свињите, денеска и утре во Велес и во Башино село, одговори ќе бараат експерти од Европската унија и од Македонија, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и од други институции и невладини здруженија и федерации.
-Согласно Одлуката за планови за итни мерки кај животните, а во врска со Законот за ветеринарно здравство, како раководител на Националниот центар за контрола на болеста, за исклучително важна за нас како држава и институција ја оценувам можноста за соработка на меѓународните и домашните експерти за справување со болеста африканска чума кај свињите, болест со која и ние како држава и институција бевме исправени пред предизвикот да се справуваме. Од голема важност е и можноста за спроведување на обука за справување со оваа болест, во рамки на оваа симулациска вежба, која се одржува во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и во соработка со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации - (FAO). Токму овие два дена ќе бидат основа за тоа како треба да се дефинираат и реализираат идните постапувања при евентуална итна кризна или вонредна состојба при појава на болеста, која го загрозува здравјето или благосостојбата на животните и претставува закана не само за питомата, туку и за дивата популација свињи, за што бевме сведоци во минатото, рече на денешното отворање на симулациската вежба во Велес директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Оливер Миланов.
Скопје - Општина Аеродром денеска соопшти дека ги ослободува од плаќање надомест одредени категории родители и старатели за престој на нивните деца во двете детски градинки „Буба Mара“ и „Срничка“. Оваа одлука ја донесе Советот на Општина Аеродром на последната седница.
Од плаќање се ослободуват следните категории: родители на три деца запишани во градинката, самохран родител со примања до една минимална плата или со други примања во износ до една минимална плата, двајца родители без приходи или самохран родител без приходи, двајца родители од кои еден е без приходи, а другиот родител е со примања до една минимална плата или со други приходи во износ од една минимална плата и родители на деца со категоризација за тешкотии во развојот на детето/децата.
-Ослободувањето се однесува за периодот до 31 декември 2025 година, а има цел да им се олесни на најранливите категории граѓани. Општина Аеродром во континуитет се грижи за најмалите жители и за нивните семејства и ќе продолжи како и досега да донесува вакви и слични одлуки со кои сите деца ќе добијат еднакви услови за правилен раст и развој, како и еднаков пристап до воспитно-образовните процеси, се вели во соопштението од Општина Аеродром.
Скопје - Во текот на вчерашното деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија неколку обемни диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Центар и Гази Баба.
Во општината Чаир е повторно интервенирано на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што се подигнати 30 кубни метри мешан комунален и кабаст отпад одложени кај детското игралиште на аголот со улицата Максут Садик.
Во општината Центар се отстранети приближно 20 кубни метри кабаст отпад од јавни и сообраќајни површини на улиците Митрополит Теодосиј Гологанов и Народен фронт.
ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше активности и во скопската општина Гази Баба, каде што во населбата Хиподром се подигнати 10 кубни метри кабаст и градинарски отпад одложени на сообраќајна површина во близина на последната автобуска постројка на автобусот бр.50.