• вторник, 11 март 2025

Започна расправата по интерпелациите за членовите на Судскиот совет, прва на дневен ред интерпелацијата за Весна Дамева

Започна расправата по интерпелациите за членовите на Судскиот совет, прва на дневен ред интерпелацијата за Весна Дамева

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Во Собранието на Република Северна Македонија започна расправата по интерпелациите за членовите на Судскиот совет. Прва на дневен ред е интерпелацијата за поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева.

Ѓорѓија Сајкоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека интерпелациите на пет членови на Судскиот совет се клучен момент во борбата за владеење на правото и довербата во институциите

- Ова е клучен момент во борбата за владеење на правото, за правдата и довербата во институциите и со овие поднесени интерпелации ние почитувани, не му судиме на судството. Со овие поднесени интерпелации ја детектираме одговорноста на оние коишто требало да бидат коректив, оние коишто требало да носат правда и коишто треба да воспостават она што требаше да биде судска власт, рече тој.

Весна Дамева, образложувајќи го својот одговор, истакна дека изминатиот период континуирано, како што кажа, одредени луѓе од политиката се обидуваат да ја омаловажат, изнесувајќи невистини и небулози.

-Се спореше мојата стручност и компетентност, и на сето тоа не реагирав пред се да го зачувам угледот на Судскиот совет. Бев спремна дека вие политичарите ќе ги користите сите средства и начини да не девалвирате нас, носителите на судска власт, кои не ви одговараме. Не дојдов да се правдам и заштитам себе си, дојдов да застанам на страната на владеење на правото, истакна Дамева, отфрлајќи ги наводите од интерпелацијата. 

Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ, го критикуваше начинот на кој што власта преку интерпелациите врши удар врз правосудниот систем. 

-На членовите на Судскиот совет, одговорност може да утврдува само Судскиот совет, затоа, поднесените интерпелации како механизам за политичка контрола на Собранието над субјектите кои што ги кажав претходно е преседан и недозволен акт во една демократска држава, рече Спасовски.

Тој најави дека пратеничката група на СДСМ нема да учествува во понатамошната расправа на собраниската седница.

Елми Азири од Алијанса за Албанците истакна дека, како што рече „Денеска се прави притисок да се дадат оставки затоа што некој не може да дочека да ги преземе работите во свои раце“. 

Никола Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше напуштањето на седницата од страна на СДСМ, истакнувајќи дека аргументите не се на нивна страна.

Талат Џафери, од ДУИ истакна дека денешниот дневен ред е двојна штета, прво за Судскиот совет, потоа за парламентарната демократија. 

-Начинот на интерпелацијата, редоследот на образложението на интерпелацијата покажува дека овие пет лица ги имаат идентификувано како политички субјекти во мандатот во кој што се избрани, рече Џафери.

Покрај интерпелацијата за работата на Весна Дамева, Собранието треба да расправа и за интерпелациите за останатите четворица членови на Судски Совет, односно Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова-Илиевска и Миљазим Мустафа. ар/фф/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан