• среда, 12 март 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

12 март 2025 

Куманово - Полициски службеници од СВР Куманово, вчера во 16:10 часот во Куманово, го лишиле од слобода кумановецот Л.Ш.(26).

Како што соопшти МВР, тој се сомничи дека на 10 март 2025 од тезга на пазар на ул.„Иво Лола Рибар“ во Куманово одзел пари. 

Л.Ш. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

Гостивар - Полициски службеници од Надворешна канцеларија за криминалистички работи Гостивар при ОВР Гостивар, утрово во 7:00 часот го лишиле од слобода Д.М.(36) од Гостивар.

Како што соопшти МВР, при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Скопје - Општина Кисела Вода првпат воведува субвенции за младите, со цел да им помогне во стекнувањето на возачка дозвола од Б категорија. Оваа финансиска поддршка, во висина од 10.000 денари, е наменета за сите матуранти од генерацијата 2025 година кои ќе се запишат или веќе се запишале на обука за теоретски и практичен дел во некоја од лиценцираните автошколи, почнувајќи од 1 јануари 2025 година, информираат денеска од Општината.

За да ја искористат оваа можност, младите треба да бидат жители на Општина Кисела Вода и да приложат потврда дека следат последна година од своето средно образование. Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на предвидените средства во општинскиот буџет, кои изнесуваат 4 милиони денари.

Обезбедувањето возачка дозвола, велат од Кисела Вода, претставува значаен чекор кон поголема самостојност, мобилност и конкурентност на младите на пазарот на трудот. Преку оваа мерка, Општина Кисела Вода, како што истакнуваат, не само што ја олеснува финансиската тежина врз нивните семејства, туку и поттикнува безбедно и законско учество во сообраќајот.

-Како локална самоуправа, постојано работиме на мерки што директно им помагаат на младите, а оваа субвенција е еден од начините да го олесниме нивниот пат кон возачката дозвола. Сакаме да ги мотивираме да се стекнат со потребните знаења и вештини, но истовремено да ја подигнеме свеста за сообраќајната култура и безбедност. Возењето без соодветна обука и дозвола носи огромни ризици, како за самите возачи, така и за сите учесници во сообраќајот. Со оваа финансиска поддршка од 10.000 денари, испраќаме јасна порака – младите треба да се вклучат во сообраќајот на безбеден, одговорен и законски начин. Веруваме дека оваа мерка ќе им помогне, но и ќе придонесе за поголема безбедност на нашите улици, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Критериумите и сите дополнителни информации се достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода кеде што е поставен јавниот повик.

Скопје - Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски информира дека општинските служби со механизација, во текот на вчерашниот ден ја исчистија дивата депонија лоцирана позади Амбасадата на Република Грција. Тој потенцира дека чистењето на дивите депонии е приоритет на Општина Центар, затоа што тие претставуваат закана за здравјето на граѓаните и животната средина, се наведува во денешното соопштение на локалната самоуправа.

- Во текот на вчерашниот ден ја исчистивме дивата депонија позади Амбасадата на Република Грција. Со камион се подигна отпад од мебел, пластика и картони. Депониите се потенцијален извор на инфекции, загадување и опасност за жителите. Наша обврска е да реагираме брзо и ефикасно, грижата за чиста и здрава околина мора да биде заедничка одговорност на институциите и граѓаните, се истакнува во писмената изјава на Герасимовски.

Како што се додава, станува збор за трета исчистена депонија изминатите неколку месеци.

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид во градежните работи во изградбата на новиот здравствен дом, каде во завршна фаза се повеќе градежни активности.

Со изградбата на здравствениот дом на граѓаните ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги во местото на живеење, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да ги задоволат своите здравствени потреби.

Како што изјави градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски здравствениот дом се гради по барање на жителите на Општина Илинден, која е со брзорастечки број на населението. Тој додаде дека на ова место се наоѓаше старата амбуланта изградена пред повеќе од половина век. Десетина години наназад едно од основните барања на граѓаните беше изградба на нов здравствен дом. Беше многу ветуван претходно, но не реализиран, па затоа на моја лична иницијатива како градоначалник се изработи нов проект и еве конечно се реализра. По завршување на изградбата Општината целосно ќе го предаде здравствениот дом на министерството за здравство.

Скопје - Поради уличен водоводен дефект од ф „1”(Цол) на ул. „1“ бр.12 во село Добри Дол, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ова село.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 10:55 до завршување на санацијата на дефектот. 

Остани поврзан