• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

15 април 2025 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими Огнен Караѓозовски, претседател, Филип Филиповски, потпретседател на месна заедница Галичник и Дејан Петровски, директор на „Галичка Свадба“.

Прифаќајќи го предлогот и годинава да биде покровителка на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, таа ја истакна важноста на негувањето на уникатните македонски обичаи, како неразделен дел од македонскиот национален идентитет.

Галичник, со својата ретка природна убавина, оригинална архитектура, богата историја и автентична култура може да биде туристички магнет и посакувана туристичка дестинација не само за време на Галичката свадба, туку и во текот на целата година.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на чиј дневен ред е Иницијативата за одржување надзорна расправа за селективниот пристап во истрагата за трагедијата во Кочани.

Основното јавно обвинителство Кочани вчера до Основниот суд во Кочани достави предлог за определување мерки за претпазливост за последниот 19-ти осомничен на кого беше проширена истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, информираа од Обвинителството. Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 52 физички и три правни лица, откако Обвинителството викендот ја прошири истрагата со уште 19 лица. Од новоосомничените, тројца се министри за економија, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), еден генерален инспектор во ДЗС, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија  и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата денеска на седница ќе расправа за Извештајот од спроведена антикорупциска проверка на легислативата на одредби кои се однесуваат на издавањето на лиценци, одобренија, дозволи за работа на угостителски објекти и слично, како и за вршење надзор во Законот за угостителска дејност, Законот за заштита и спасување, Законот за инспекциски надзор, Законот за локална самоуправа, Законот за заштита од експлозивни материи и Законот за промет на експолозивни материи.

ДКСК ја почна  антикорупциската проверка на законите по трагедијата со пожарот во Кочани,  со цел, како што соопштија на 24 март годинава, да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над истите. 

Скопје - Владина делегација, предвидена од премиерот Христијан Мицкоски, денеска ја продолжува официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Мицкоски, вчера, на првиот ден од посетата, се сретна со претседателот на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби, Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан и како што изјави била истакната потребата од многу поблиски и поплодни односи.

- Од моја страна, накратко ги образложив нашите цели како Влада, но истовремено, го поканив Неговото височество, претседателот на ОАЕ, да ја посети Македонија, а нормално, бизнис заедницата од ОАЕ одблиску да ги согледа сите можности за директно инвестирање во делот на туризмот, инфраструктурата, енергијата, земјоделството и така натаму - нешто што, убеден сум дека може да претставува солидна основа за наша билатерална и подлабока соработка, изјави премиерот Мицкоски.

Скопје - Вкупно 25 граѓански организации поднесоа претставка до премиерот и членовите на Владата која се однесува на одобрението за градење за хотелскиот комплекс во Горица за кое, како што информираат, сите релевантни закони налагаат обврска да се прогласи за ништовно. Претставката се осврнува и на инспекцискиот надзор на Државниот инспекторт за животна средина (ДИЖС), кој, според нив, изобилува со законски прекршувања и можни кривични дела, како и на улогата и законските прекршувања на Управата за животна средина.

Организациите доставија претставка со слична содржина и барања и до Општина Охрид, а за целиот случај ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за координација на активности против корупцијата.

Приштина - Косовското Собрание денеска ќе ја одржи својата конститутивна седница по парламентарните избори одржани на 9 февруари, јави весникот Коха диторе.

На седницата ќе бидат избрани претседател на Парламентот и петмина потпретседатели. Седницата ќе ја водат најстариот и најмладиот пратеник.

Претседателот на Собранието е на предлог од најголемата парламентарна група, а за негов избор е потребно просто мнозинство од 61 пратеник во 120-члениот законодавен дом.

Тројца потпретседатели ќе бидат избрани од трите најголеми парламентарни групи, додека другите двајца ќе бидат претставници на малцинските заедници. Сите петмина мора да бидат изгласани со мнозинство гласови.

Белград - Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, за денеска со почеток во 10 часот ја свика седницата на Собранието за избор на нова Влада, јави дописникот на МИА од Белград.

Кандидатот за премиер Ѓуро Мацут вчера до Собранието достави предлог за состав на Влада на Србија.
Деловникот на Собранието предвидува мандатарот да го образложи предлогот и да го презентира планот и програмата на новата Влада.

Белград - Студентите кои ги блокираа влезовите во зградата на Радио-телевизија Војводина (РТВ) утрово околу 5.30 се разотидоа откако жандармеријата поставо кордон, со што на вработените им е дозволен влез во зградата. Пред зградата на Радио-телевизија Србија во центарот на Белград и кај студиото на Кошутњак се уште се протестира од студентите во блокада и дел од вработените не можат да стигнат до своите работни места, јави дописникот на МИА од Белград.

Полицијата во Нови Сад соопшти дека во соработка со обвинителството, во тек е идентификација на сите лица кои сториле кривични дела и прекршоци, а против нив ќе бидат поднесени соодветни прјави.

Каиро - Египет добил израелски предлог за прекин на огнот во Појасот Газа и за почеток на преговори за траен прекин на непријателствата, јави државната телевизија „Ал Кахера Њуз“, повикувајќи се на свои извори.

Како посредник во преговорите, Каиро го пренел предлогот до палестинската исламистичка групација Хамас, која соопшти дека го анализира и дека ќе одговори „најскоро можно“.

Високиот функционер на Хамас, Абу Зухри, за Ројтерс изјави дека предлогот не ги задоволува нивните основни барања – целосно запирање на израелската офанзива и повлекување на војската од Газа, пренесува БТА. Предлогот првпат содржи барање за разоружување на Хамас во наредната фаза од преговорите – нешто што организацијата категорично го отфрла.

Исламабад – Над 127.000 Авганистанци се вратиле во својата земја од почетокот на месецот, откако Пакистан започна нов бран присилни депортации.

Според Високиот комесаријат на ОН за бегалци, мнозинството од нив ја напуштиле земјата доброволно, поради страв од апсење и присилно враќање, додека околу 26.000 биле депортирани.

По истекот на рокот за доброволно напуштање на крајот на март, властите почнаа апсења на бегалци и нивно префрлање во центри за депортација. Пакистан планира долгорочно да протера околу три милиони Авганистанци.

Киев - Гувернерот на украинската област Суми, Володимир Артјух, потврди дека во градот имало собир на воен персонал за време на рускиот ракетен напад, но рече дека тоа не било на негова иницијатива, јави ДПА.

Володимир Артјух синоќа за информативната веб-страница „Суспилне“ изјави дека бил поканет на собирот. Тој не откри кој ја иницирал средбата, истакнувајќи: „Тоа е друга тема“.

По ракетниот напад во неделата, властите соопштија дека бројот на загинати се искачи на 35, а уште околу 120 лица беа повредени.

Москва - Рускиот суд синоќа пресуди дека државјанин на САД не може кривично да одговара за своите постапки во врска со нападот на полицаец и го префрли на лекување во руска психијатриска болница, соопшти Градскиот суд во Москва.

Во соопштението објавено на апликацијата Телеграм, судската служба објави дека Џозеф Татер е ослободен од одговорноста во врска со инцидентот. Тој е во притвор од август минатата година.

Судот донесе одлука да му бидат изречени „задолжителни медицински мерки во медицинска установа која обезбедува психијатриска нега“.

Москва - Украински напад со дрон уби 85-годишна жена, повреди девет лица и предизвика пожари во неколку згради во рускиот град Курск, во близина на границата со Украина, соопштија локалните власти.

-Курск синоќа беше подложен на масовен непријателски напад, се вели во објавата на Телеграм од управата на регионот Курск. 

Како резултат на нападот, оштетена е повеќекатна станбена зграда, при што избувнал пожар во неколку станови, изјави вршителот на должноста градоначалник на Курск, Сергеј Котљаров. Жителите се евакуирани во блиското училиште, додаде тој.

Вашингтон - Американското Министерство за образование синоќа објави дека ја замрзнува федералната поддршка за Харвард универзитет во износ од приближно 2,3 милијарди долари. Причината е одбивањето на универзитетот да ги исполни барањата на Белата куќа, вклучувајќи и укинување на програмите за различност, еднаквост и инклузија.

„Изјавата на Харвард ја отсликува загрижувачката перцепција за граѓанските права која владее на врвните универзитети во САД – дека федералните средства не подразбираат обврска за почитување на законите“, се вели во соопштението на Работната група за борба против антисемитизам при министерството.

Вашингтон - Администрацијата на претседателот Доналд Трамп и претседателот на Ел Салвадор, Наиба Букела, јасно ставија до знаење за време на состанокот во Овалната соба дека маж од Мериленд, кој неправедно беше депортиран во Ел Салвадор, нема да биде вратен во Соединетите држави.

Иако американскиот Врховен суд одлучи дека американските власти мора да го „олеснат“ враќањето на Килмар Армандо Абрего Гарсија, претставници на Белата куќа тврдат дека одлуката за неговото враќање зависи исклучиво од Ел Салвадор.

Запрашан дали ќе го врати, Букеле рече дека идејата е апсурдна.

Вашингтон – Администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп планира драстично кратење на буџетот на Стејт департментот, покажуваат интерни документи за финансиско планирање во кои увид имала агенцијата Ројтерс, пренесува БТА.

Намалувањето би изнесувало речиси 30 милијарди долари во фискалната 2026 година, со што би се затвориле речиси 30 дипломатски претставништва во странство и би се намалила надворешната помош.

Планот, кој сè уште не е конечен, предвидува затворање на најмалку 27 дипломатски мисии – главно во Африка и Европа – од кои десет се амбасади, а останатите конзулати.

Санто Доминго - Бројот на загинати од минатонеделното уривање на покривот на ноќниот клуб во главниот град на Доминиканската Република се искачи на 231, соопшти вчера министерот за внатрешни работи и полиција, додека семејствата на жртвите почнаа да поднесуваат тужби против сопственикот на ноќниот клуб.

Светата недела ќе биде различна оваа година во туристичката дестинација на Карибите, со откажани бројни настани и активности и забранети забави на плажа.

Локалните власти, исто така, ги прекинаа традиционалните велигденски активности што се одржуваат на јавните плоштади и паркови.

Порт-о-Пренс – Преодниот претседателски совет на Хаити го одобри т.н. „военовременски буџет“ во вредност од 36 милијарди гурди (275,86 милиони американски долари) за да одговори на вонредната состојба во безбедносната и социјалната сфера, во услови кога вооружени банди имаат преземено контрола врз речиси целата престолнина и околните подрачја.

Според соопштението на Советот, средствата ќе бидат наменети за зајакнување на безбедносните сили, заштита на границите и поддршка на социјалните програми.

Остани поврзан