МИА Радио флеш
- 14 април 2025

14 април 2025
Скопје - Агенцијата за национална безбедност (АНБ) првпат од своето основање објави јавен оглас за вработување, отворајќи ја вратата за сите компетентни и мотивирани граѓани кои сакаат да бидат дел од институција со клучно значење за безбедноста и стабилноста на државата.
Како што денеска соопштија од АНБ, ова претставува историски чекор во насока на транспарентноста и инклузивноста, што ја потврдува определбата на Агенцијата да ги следи највисоките стандарди во процесите на човечки ресурси и да им даде можност на сите граѓани што ги исполнуваат критериумите да станат дел од професионален тим посветен на заштита на националните интереси.
Скопје - Македонската банкарска асоцијација ја основаше фондацијата „ЗАЕДНО ЗА ЕДНО“ за помош и поддршка на семејствата на загинатите и на повредените во пожарот во Кочани што се случи на 16 март.
Од МБА информираат дека целта на основањето на Фондацијата е континуирана помош, а средствата ќе бидат наменети исклучиво за помош и поддршка во рехабилитацијата и медицинските третмани поврзани со последиците од пожарот, поддршка на менталното здравје на настраданите и на нивните семејства, како и поддршка во образованието и професионалната реинтеграција на настраданите.
Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потсетува дека уште неколку дена е отворен Јавниот оглас за финансиска поддршка за електрична енергија за ранливи потрошувачи – мерка со која се обезбедуваат 1 000 денари месечно, директно насочени кон намалување на сметките за струја.
Поддршката се доделува за период од 12 месеци, сметајќи од денот на поднесување на барањето, а рокот за аплицирање е до 19 април.
Скопје - Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска преку соопштение информира дека политичките партии кои заклучно со 30 март 2025 година се уште не ги поднеле сите или некои од финансиските извештаи за 2024 година итно да ги достават до нив.
- Во интерес на обезбедување законитост, транспарентност и отчетност спрема граѓаните на Република Северна Македонија за трошењето на средствата обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за финансирање на активностите од редовното работење на политичките партии регистрирани во земјата, укажуваме на потребата од навремено исполнување на обврските за редовно годишно финансиско известување од страна на сите политички партии односно: Согласно 27-б од Законот за финансирање на политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/04, 86/08, 161/08, 96/09, 148/11, 142/12, 23/13 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 294/20) Министерот за правда по предлог на Државниот завод за ревизија донесува Одлука за запирање (суспензија) на исплатата на средствата за редовно годишно финансирање од Буџетот на Република Северна Македонија на политичките партии кои не поднеле финансиски извештаи во законски утврдените рокови, односно во случајот не поднеле Извештај од регистарот на примени донации, годишна сметка и/или годишен финансиски извештај согласно одредбите од член 25, член 26 и член 27 од истиот Закон, во случајот, за известувачката 2024 година, се вели во соопштението.ѓ
Анталија - Турскиот министер за надворешни работи изјави дека во тек се подготовки за состанок помеѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолија.
- Работиме на тоа да утврдиме дали средбата ќе се одржи во САД или во Турција, изјави министерот Хакан Фидан пред новинарите на дипломатскиот форум во Анталија, турски туристички центар.
Белград - Кандидатот за премиер на Србија, Ѓуро Мацут денеска до Собранието на Србија достави предлог за состав на Влада, јави допсиникот на МИА од Белград.
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ потврди дека предлогот за новата Влада пристигнал во Собранието и дека почетокот на седницата е закажан за утре во 10 часот. Утврден е дневниот ред на Втората специјална седница на Народното собрание - Избор на Влада и положување заклетва на претседател и членови на Владата.
Брисел - Проширувањето кон Западниот Балкан е јасен политички приоритет за Европската Унија и тоа е одраз на вистинската посветеност на ЕУ кон регионот и е најважната геополитичка инвестиција за мир, просперитет и стабилност на европскиот континент, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта при дочекот на албанскиот премиер Еди Рама во Брисел, најавувајќи притоа дека следниот месец ќе ги посети сите шест западнобалкански земји.
Рама денеска престојува во Брисел за учество на четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија, на која ќе биде отворен кластерот „Внатрешен пазар“ од преговарачкиот процес на Тирана за членство во блокот, кој меѓу другите ги вклучува и поглавјата за слободно движење на стоки и на работна сила, за право на основање компании и за слободата на давање услуги.
Брисел - Решени сме да ги исполниме сите обврски и да ги завршиме преговорите за влез во ЕУ во 2027 година, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама по средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Брисел.
-Денеска е добар ден, отвораме нови преговарачки поглавја, истакна тој. Ова е исклучително важно во моментов, охрабрен сум од овие случувања, додаде Рама.
Атина - Европа треба конечно да се погрижи Западен Балкан да стане приоритет. Дваесет и две години по почетокот на процесите, Грција продолжува да биде сила која го забрзува процесот, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис при пристигнувањето на Советот за надворешни работи на Европската унија во Луксембург, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за надворешни работи на Грција се осврна на актуелните ситуации во Украина и на Блискиот исток, но и на позицијата на Европа, нагласувајќи дека „Европа ќе треба да расте, да стане посилна, помоќна“.
Луксембург - На синоќешната вечера на шефовите на дипломатиите од земјите членки на ЕУ и од државите од Западниот Балкан се согласивме дека геостратешка неопходност е да им се помогне на земјите од регионот на нивниот пат кон членство во Европската Унија до 2030 година, изјави денеска во Луксембург словенечката вицепремиерка и министерка за надворешни и европски работи Тања Фајон.
- Укажав дека Словенија, заедно со Германија, предлага иницијатива за забрзување на проширувањето со воведување на гласање со квалификувано мнозинство во самиот процес, што навистина може да ги забрза работите и да елиминира некои од пречките кои постојат во билатералните односи меѓу земјите, рече Фајон пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Алжир - .Алжир им нареди на 12 вработени во француската амбасада да ја напуштат земјата во рок од 48 часа, потврди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за весникот Фигаро.
- Оваа одлука, како што се смета, е одговор на апсењето на тројца алжирски државјани осомничени за тешки кривични дела на француска територија, изјави Баро. Според телевизијата BFM TV, тој ја оцени мерката како „неоправдана“.
Луксембург - Се надевам дека Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе види дека рускиот лидер Владимир Путин ја исмева добрата волја на САД и дека ќе донесе правилни одлуки, порача денеска шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Изразувајќи жалење поради најновите руски напади врз украински цели, Сикорски нагласи дека Украина безусловно се согласи на прекин на огнот пред повеќе од еден месец, но дека Русија со потсмев одговори на тоа со грозоморните напади врз Хриви Риг и Суми.
Лима - Перуанскиот писател Марио Варгас Љоса, добитник на Нобеловата награда за литература, почина вчера на 90-годишна возраст, објави неговото семејство на мрежата „Икс“.
„Со длабока тага, објавуваме дека нашиот татко Марио Варгас Љоса почина во Лима, опкружен со семејството и во мир“, соопштува пораката објавена синоќа, потпишана од неговиот постар син Алваро, помалиот син Гонзало и ќерката Моргана.
Сеул - Поранешниот јужнокорејски претседател Јун Сук-јеол негираше денеска пред судот во Сеул, на неговото прво рочиште, дека на 3 декември накратко прогласил воена состојба во земјата затоа што сакал да изврши бунт за да го поткопа Уставот, за што е обвинет.
Јун влезе во Централниот окружен суд во Сеул преку подземен паркинг за да ја избегне јавноста, а фотографирањето и снимањето не беа дозволени според судски налог, објавија јужнокорејските медиуми.