• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

11 април 2025

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денеска учествува на Делфи Економскиот Форум што се одржува во Грција, каде се обрати на панел-дискусија на тема: „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, министерот Муцунски се осврна на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, важноста на регионалната соработка, стабилноста на регионот, стратешкото партнерство во рамките на НАТО, како и на соработката со САД и трансатлантската поврзаност.

Скопје - Синдикатот на УПОЗ, по барање на група вработени лица, членови на Синдикалната организација при КПУ Затвор Штип, во однос на заштита на работничките права, денеска објави реакција во врска со прес-конференцијата одржана завчера од директорот на дирекцијата за извршување на санкции Александар Пандов и директорот на КПД – Штип Дејанчо Здравков за фрлена дрога преку ограда во затворот. 

Во реакцијата се наведува дека на прес - конференција директорот прикажал слика која не кореспондира со реалноста и преземените службени дејствија на овластените службени лица и дека во ниту еден момент нема простор за сомнеж дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на своите работни задачи и соработувал со осуденото лице. 

Скопје - Реномираната авијациска организација Скајтракс (Skytrax) го рангираше Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, меѓу најдобрите десет аеродроми во регионот на Источна Европа, во рамки на својата програма наречена Светски Аеродромски Награди (Skytrax World Airport Awards).

Наградите кои Скајтракс ги доделува според гласовите на патниците, беа објавени на авијацискиот саем Passenger Terminal Expo кој се одржа во Мадрид, Шпанија, каде што се собраа над 2.000 професионалци од авиоиндустријата, од повеќе од 120 земји во светот.

Скопје - Во село Црничани, општина Дојран вчера во 15.45 часот полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Гевгелија го лишиле од слобода Г.Ј.(21) од село Црничани.

МВР денеска соопшти дека тој се сомничи дека од почетокот на април 2025 година извршил две кражби во објект во изградба и во дворно место од куќа во Дојран.

Скопје - Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи денеска упати честитка по повод празникот ПЕСАХ до Еврејската заедница во државава.

- Одбележувањето на празникот ПЕСАХ претставува симбол на непокорноста и желбата за слобода на еврејскиот народ. Симболот на ПЕСАХ претставува симбол на новото раѓање и надеж за еден подобар свет во кој мирот, напредокот и соживотот ќе бидат универзални вредности. Денес, празникот ПЕСАХ е тука да нè потсети дека верата во Бога и духовните вредности се клучни фактори во создавањето на мирот и елиминирање на деструктивноста. Меѓусебното разбирање и цврстата верба во светлата иднина на секој човек се духовната сила која придонесува кон остварување на највисокиот идеал на слободата, пишува во честитката. 

Скопје - Во Штип синоќа во 19.45 часот на улица „Гоце Делчев “ полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Р.П.(51) од Струмица.

Како што соопштија денеска од МВР, при контрола на патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген пасат“ со струмички регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека му биле измерени 2,19 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување со моторно возило“. 

Тирана - Можеби еден од најзагрозените морски цицачи во светот - средоземниот морски лав повторно е забележан во Албанија. Тоа, според стручњаците, дава надеж за опстанок на овој вид.

Албанското здружение Заштита и зачувување на природната средина (ЗЗПС) го сними и објави појавувањето на овој редок и загрозен цицач. Според ЗЗПС, на видеото се гледа фока-младенче во пештера на полуостровот Карабурун, но ги предупреди минувачите да не се приближуваат до пештерите за да се намалат негативните влијанија од луѓето во таа област.

Истанбул - Турската полиција приведе 105 лица осомничени за вмешаност во активностите на терористичката група „Исламска држава“, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја во објава на Икс.

Акцијата е спроведена во 23 окрузи во Турција, а уапсените се осомничени и за финансирање терористичка организација и пропаганда во корист на групата на социјалните мрежи.

Во 2013 година Турција беше една од првите земји што ја вклучи Исламската држава на листата на терористички организации.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека членството на Украина во Европската унија не треба да биде „инструмент за војна“, нагласувајќи дека ЕУ е основана за мир и дека проширувањето треба да му служи на мирот, а не на продолжување на војната. 

Орбан рече дека прашањето за војната се уште е „на маса“ бидејќи оние во Брисел се уште го следат патот што води кон војна, пренесе МТИ. 

Тој додаде дека Европа очигледно се подготвува за продолжување на војната, објаснувајќи дека членството на Украина во ЕУ може да и помогне на таа земја да победи во војната.  

Брисел - Велика Британија најави зголемување на воената помош за Украина во износ од 580 милиони долари.  

Велика Британија објави дека во заедничка иницијатива со Норвешка ќе одвои нешто повеќе од 580 милиони долари за набавка на стотици илјади воени беспилотни летала, радарски системи и противтенковски мини, како и за поправка и одржување на оклопните возила на Украина со цел да останат оперативни на фронтот, пренесуваат американските медиуми. 

Оваа помош се појавува во време кога британскиот министер за одбрана Џон Хили го води состанокот на украинската Контакт група за одбрана во Брисел, заедно со неговиот германски колега Борис Писториус. 

Гaза  - Најмалку 10 членови на едно семејство, меѓу кои седум деца, загинаа во израелски напад врз Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти денеска палестинската цивилна одбрана.

Воздушниот напад се случи синоќа околу 3:30 часот по локално време, изјави портпаролот на организацијата за прва помош на палестинска територија.

Најмладата жртва имала три години, а најстарата 58.

Тел Авив – Израелската армија и разузнавачката агенција Шин Бет објавија дека 11 палестински терористи кои учествувале во нападот врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, биле убиени во неодамнешните воздушни напади во Појасот Газа.

Војската соопшти дека девет терористи биле убиени во првичните воздушни напади на Појасот Газа на 18 март кога продолжи офанзивата против палестинската милитантна група Хамас.

Според Тајмс оф Израел, двајца терористи биле убиени во напади пред 18 март. 

Копенхаген - Судот во Копенхаген денеска ќе одлучи дали е прифатлива тужбата на четири хуманитарни организации, кои ја обвинуваат Данска за кршење на меѓународното право со извоз на оружје во Израел. 

Палестинското здружение за човекови права Ал-Хак, Амнести Интернешнл, Оксфам и Екшн Аид Данска минатата година поднесоа тужба против данското Министерство за надворешни работи и националната полиција. Во соопштението тие наведуваат дека постои ризик „данскиот воен материјал да се користи за извршување тешки злосторства против цивилите во Газа“. 

Бејрут – За прв пат во историјата, либанската армија влезе во базите на либанската милитантна група Хезболах северно од реката Литани и речиси заврши со демонтирање на инфраструктурата на групата на југот на Либан, јави либанската телевизија Ал Џадид.

Хезболах досега никогаш не ги предал базите на либанската армија северно од реката Литани.

Телевизијата соопшти дека либанската влада ќе постигне договор со Хезболах во врска со постепено разоружување на групата.

Претставникот на Хезболах, Хасан Фадлала денеска изјави дека групата е подготвена да влезе во преговори со либанската влада за националната одбранбена стратегија, со фокус на обезбедување на отстранување на израелските војници од либанска територија.

Вашингтон – Американскиот Сенат го потврди назначувањето на генерал Ден Кејн за началник на Генералштабот на американската армија.

Кејн беше номиниран од американскиот претседател Доналд Трамп, а неговиот избор во Сенатот беше поддржан со 60 гласа за и 25 гласа против.

Гласањето дојде непосредно пред двонеделниот одмор за двата дома на американскиот Конгрес пред празниците.

Пекинг– Кина ги зголеми царините за американскиот увоз од 84 на 125 отсто, возвраќајќи на претходната одлука на Вашингтон, соопшти Комисијата за царини на Државниот совет на Кина.

- На 10 април 2025 година, американската влада објави дека „реципрочните царини“ за кинеските стоки што се извезуваат во САД дополнително ќе се зголемат на 125 проценти. Воведувањето на ненормално високи царини од САД за Кина сериозно ги прекршува меѓународните економски и трговски правила, основните економски закони и здравиот разум и е целосно еднострано малтретирање и принуда, се вели во образложението на одлука.

Комисијата за царини соопшти дека новите стапки ќе стапат во сила утре, 12 април, и повеќе нема да одговараат на зголемувањата од американска страна.

Пекинг – Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска во Пекинг се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез и рече дека земјата не се плаши од трговска војна со САД.

- Не се плашиме. Нема победници во трговска војна, а одењето против светот само ќе доведе до самоизолација, му рекол Си на Санчез денеска во Пекинг, јави државната телевизија ЦЦТВ.

Си рече дека Кина 70 години се потпира исклучиво на „напорна работа“ и оти земјата ќе остане фокусирана на „управување со сопствените работи“ без оглед на околностите.

Остани поврзан