МИА Радио флеш
- 17 декември 2024
17 декември 2024
Скопје - Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство, одреди мерки за претпазливост против четири лица опфатени со истрагата за „Државна лотарија на РСМ“. Лицата се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување.
Како што информираат од Основен кривичен суд Скопје, одземени им се патните исправи и наложено е и редовно јавување на службено лице, а доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица.
Воедно, до судија на претходна постапка доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица опфатени со истата истрага, која мерка започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање, за кој предлог судот е во фаза на постапување, а за што во текот на денот јавноста ќе биде дополнително известена. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет, дополнуваат од Кривичен.
Франкфурт - Изложбата „Темната страна на Римската историја“ е приказ на една масовна гробница која што е пронајдена во градот Скупи. Станува збор за многу редок археолошки наод, кој говори за значењето на градот Скупи и воопшто на археолошкото богатство на нашата држава. Отворањето на изложбата во центарот на Европа е значаен настан, кој ќе ни помогне во развивањето на соработката со Германија во овој домен, изјави за МИА директорот на Музеј на Град Скопје, Панче Велков.
Како што јави известувачот за МИА од Франкфурт, оваа изложба ќе биде отворена вечер во Археолошкиот музеј во Франкфурт и љубителите на оваа уметност ќе имаат можност да ја посетат следните шест месеци.
Отворањето на нашата изложба во Франкфурт е резултат на соработката меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје, кои неодамна потпишаа и меморандум за соработка.
Скопје - Неопходно е да се обезбеди и почитува независноста и самостојноста на Уставниот суд, како впрочем и на целиот правосуден систем, во сите аспекти, констатирале претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски и амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас.
Како што информираат од Судот, на средбата Костадиновски го информирал амбасадорот на ЕУ за актуелностите, но и за предизвиците со кои се соочува Судот во неговото работење во изминатиот период.
Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, потенцирал дека императивна заложба на Судот е да го чува Уставот, без разлика на какви било обиди за политизација и етнизација во неговото постапување.
Тирана - Браво, #Албанија! Денешното отворање на преговорите за реформскиот кластер за надворешни односи е причина за славење.
Ваква порака упати денеска Комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос.
„Ова е јасно признание за целосното усогласување на Албанија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и нејзината долгогодишна улога како сигурен безбедносен партнер на глобалната сцена. Штотуку заврши третиот состанок на Пристапната конференција со Албанија под унгарското претседателство“, објави таа на мрежата Х.
Како што нагласува целата земја вложила огромни напори за овој чекор.
Нови Сад - Во тензична атмосфера денеска беше изгласан експресно и без расправа буџетот на Собанието на Војводина, по што опозицијата најави дека ја напушта салата поради несогласување и ќе им се придружи на студентите кои протестираат, јавија српските медиуми. Новинарите не можат да присуствуваат на седницата бидејќи не им дозволува обезбедувањеето и тие се во холот меѓу излезот и салата за седници. Влез во салата им беше овозможен само на 15 минути на фоторепортери и сниматели, јавија новосадските медиуми.
Претставниците на опозицијата во Собранието на Војводина денеска побараа оставки од претседателот на Парламентот на Војводина, Балинт Јухас и од претседателката на покраинската влада, Маја Гојковиќ. Отгкако тоа не им беше прифатено најавија напуштање на Собанието иако има уште точки за разгледуавње и гласање.
Берлин – Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговиот главен противкандидат, конзервативниот опозициски лидер Фридрих Мерц, се очекува да се соочат на најмалку две телевизиски дебати пред предвремените избори што се очекуваат на 23 февруари.
Јавните радиодифузери АРД и ЗДФ планираат една дебата на 9 февруари, додека приватните радиодифузери РТЛ заедно со информативниот магазин Стерн ги поканија кандидатите на дебата на 16 февруари, пренесе ДПА.
Шолц, централно-левичарски социјалдемократ (СПД), вчера го загуби гласањето за доверба во Долниот дом на германскиот парламент и побара од германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер да распише предвремени избори.
Брисел - Лидерите на Западен Балкан и на Европската Унија утре во Брисел ќе разговараат за понатамошната интеграција на регионот преку Планот за раст, како и за надворешни, безбедносни и миграциски прашања.
Средбата со лидерите на Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Северна Македонија, Косово и Црна Гора е можност да се разговара за „нов моментум“ за стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Западен Балкан, како да се продлабочи и да се придвижи кон заедничка иднина во Европската унија, според Европскиот совет.
Главните теми на самитот ќе бидат зајакнување на интеграцијата на регионот и ЕУ преку Планот за раст, продлабочување на политичкиот ангажман на ЕУ во регионот во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, како и зајакнување на економиите и ублажување на влијанието на војната во Украина.
Брисел - Комесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос денеска изјави дека има нова динамика во процесот на проширување и дека се постигнува напредок.
Кос на новинарите по пристигнувањето на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ изјави дека ова е прв состанок откако таа ја презеде функцијата, на кој ќе се сретне со министрите кои одлучуваат за важни заклучоци за проширувањето.
„Постои нова динамика во процесот на проширување и напредуваме. Вчера затворивме три поглавја од преговорите со Црна Гора, а денеска отвораме кластер со Албанија. Честитки“, наведе Кос во oбјавата на мрежата Х.
Таа изјави дека од една страна ќе им помогне на земјите-кандидати да ги спроведат своите реформи и да продолжат во пристапниот процес, а од друга страна ќе соработува со земјите-членки целиот процес да биде што е можно поефикасен.
Вашингтон - САД воведоа нови санкции против Северна Кореја и Русија, насочени кон финансиските активности на Пјонгјанг и воената поддршка што Северна Кореја ја дава на Москва.
Новите мерки ги соопшти синоќа Министерството за финансии на САД.
-Континуираните провокативни активности на режимот на Ким Џонг Ун, вклучувајќи го... последното тестирање на интерконтинентална балистичка ракета и зголемената воена поддршка за Русија, ја нарушуваат стабилноста во регионот и ја поддржуваат тековната агресија на Путин во Украина, изјави Бредли Т. Смит, вршител на должност заменик министер за финансии за прашања на тероризам и финансиско разузнавање. „САД остануваат посветени на спречување на нелегалните набавки и (финансиите)... кои ја овозможуваат оваа дестабилизирачка активност“.
Пекинг – Кинеската државна управа за имиграција соопшти дека ќе го продолжи периодот на безвизен престој во земјата на 240 часа или 10 дена за странските посетители.
Одлуката, која се однесува на сите странски туристи кои потврдиле летови до трети дестинации, овозможува полесен транзит низ земјата, пренесе Си-Ен-Ен.
Претходно имаше опции за престој од 72 и 144 часа.
Дамаск – Водачот на бунтовничката група Хајат Тарир ал-Шам (ХТС) која го предводеше соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Ахмед ал-Шара, вети дека сите бунтовнички фракции ќе бидат „распуштени“, а борците ќе бидат обучени да се приклучат на Министерството за одбрана.
Тој ова го изјави за време на средбата со членовите на заедницата, со цел да ги увери малцинствата во земјата и во странство дека привремените лидери ќе ги заштитат сите Сиријци и државните институции, пишува „Гардијан“.
Шара ја нагласи потребата од единство во земјата која е етнички и верски разновидна.