
Скопје – Поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, е делумно помилуван со одлука од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, објавена на 2 апарил во Службен весник. Со тоа Поповски, делумно се ослободува од понатамошно издржување на неиздржаниот дел од заедничката затворската казна за случаите „300“ и „Тенк“, отворени од поранешното Специјалното јавно обвинителство.
За случајот за набавка на 300 возила за потребите на МВР, Попвоски, во мај 2018 година беше првостепено осуден на девегодишна затворска казна, но Апелација во декември истата година ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно судење. Во октомври 2019 година Поповски повторно доби девет години затворска казна, што Апелација ја намали на пет години. Поповски беше обвинет од поранешното СЈО дека извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, при што не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453 570 евра.
Скопје – Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со случајот за уапсениот член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој е осомничен за кривично дело „оддавање службена тајна“, истакна дека ова е еден од случаите каде што МВР покажува дека неселективно се бори против криминалците во своите редови.
- Многу кривични пријави во минатото се поднесени против криминалците во редовите на МВР, така е постапено и во овој случај. Одделот за внатрешна контрола во рамки на спроведувањето на истрагата по добиени информации во рамки на одделот известил надлежен јавен обвинител кој што се согласил и дал наредба да бидат преземени дејствијата истата вечер. По спроведување на предметната акција, извршени се и повеќе претреси кај полициски службеници исклучиво од страна на Одделот за внатрешна контрола при што се пронајдени одредени докази во насока на стореното кривично дело, посочи Тошковски во изјава за медиуми по јавната дебата по повод Неделата на пешаците што се одржа во Идризово.Додаде дека македонските граѓани заслужуваат полиција која што ќе ги штити.
Скопје - Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на тркалезна маса што се одржа на Економскиот факултет во Осиек, во рамките на Регионалната средба на гувернери на централни банки. Во своето излагање, таа истакна дека сѐ поголемиот број трговски препреки може да се одразат врз светските економски текови, како и врз економиите во регионот на Централна и Југоисточна Европа, како економии со висок степен на интегрираност во светската трговија. На настанот, воведно излагање имаше Пјеро Чиполоне, член на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), информираат од Народната банка.
Според процените на ЕЦБ, доколку САД воведат царини од 25% на увозот од Европа, би се намалил растот на европската економија за околу 0,3 до 0,5 п.п. на краток рок. Доколку Европската Унија (ЕУ) исто така воведе царини, инфлацијата во еврозоната би се зголемила за околу 0,5 п.п. Со оглед на високиот степен на трговија со ЕУ, можни се преносни ефекти и во регионот.
Скопје - Министерството за образование и наука објави повик за полагање приемен испит на учениците кои се заинтересирани за запишување во Математичко-информатичката гимназија-Скопје (МИГ) во учебната 2025/2026 година. Приемниот испит се состои од полагање тестови согласно наставните програми по Математика од VI до IX одделение и наставните програми по Физика за VIII и IX одделение.
На 4 јуни ќе биде испитот по Математика, а на 9 јуни по Физика. Испитите ќе се полагаат од 10 часот во просториите на средното училиште „Здравко Цветковски“, во времетраење од по 120 минути.
Скопје - Несоодветно чување на одземените предмети со кои располага Агенцијата за управување со одземен имот и немање транспаретност во продажбата на недвижниот имот, одземените предмети и конфискуваниот имот, утврдиле ревизорите при контролата во оваа Агенција. Анализите на ревизорите покажува дека чувањето и складирањето на одземените предмети и моторните возила не овозможуваат заштита на истите од уништување и губење на нивната вредност и дека дел од магацинските простории и плацеви што ги користи Агенцијата веќе 14 години се користат без одлука на Владата за пренесување на правото за користење.
За одземените предмети за кои Агенцијата нема услови веднаш да ги преземе во своите магацини, не се водела евиденција со податоци за видот на движниот имот и субјектот каде тие локациски се наоѓаат, ниту пак се вршел попис на истите. Заклучно со 31 декември 2023 година во царинските испостави се наоѓале 46, а во МВР 689 моторни возила без проценета вредност.
Скопје - Арбен Таравари, министер за здравство и дел од Коалицијата Вреди синоќа во изјава за медиумите негираше дека ќе ја напушти владината коалиција.
-Не, засега не. Работните групи меѓу пратениците се уште водат преговори, така што се надеваме дека ќе најдеме заеднички јазик. Ако не, тогаш ќе видиме како понатаму, рече синоќа Таравари во изјава за медиумите на албански јазик.
Пратеничката група на ВРЕДИ работи на начинот за евентуална соработка за локалните избори. Оттаму велат дека имале средба на која разговарале за настапот на локалните избори, дека рамката се усогласува и оти за кратко време ќе имаат верзија која ќе им биде позната на лидерите од коалицијата.
Скопје - Новиот краткометражен анимиран филм на македонскиот автор Крсте Господиновски, „Неми филмови“, во продукција на Фокус Покус Филмс и Флип Бук Продакшнс и поддржан од Агенцијата за филм, премиерно ќе биде прикажан во официјалната селекција на овогодинешното издание на најпрестижниот и најстар фестивал за анимирани филмови Анеси во Франција.
Од 3900 филмови пријавени од сите континенти, „Неми филмови“ ќе се натпреварува со уште 70 филмови за една од најзначајните награди во светот на анимацијата. Успехот на екипата предводена од Господиновски претставува значаен исчекор за македонската авторска анимација, бидејки ова е првиот македонски филм по „Адам“ на Петар Глигоровски од 1977 година кој успева да биде вклучен во официјалната селекција на фестивалот.
Белград - Студенти и членови од академската заедница на Србија тргнаа со велосипеди од Нови Сад во акција - „Тур до Стразбур“ со цел дополнително да ги информираат европските претставници за ситуацијата во Србија, која се соочува со криза по бранот протести по трагедијата на железничката станица во Нови Сад во ноември лани, јави дописникот на МИА од Белград.
Со нив заминаа и новинари од неколку белградски медиуми. За патувањето студентите ќе објавуваат на социјалните мрежи. Во новата акција 80 студенти со велосипед ќе пристигнат до Стразбур за да им се обратат на претставниците на Советот на Европа, Европската унија, Европскиот парламент и Европската комисија.
Белград - Најмалку четворица руски олигарси добиле српско државјанство во 2025 година, иако не се јасни критериумите за одлуката на владата да им се издадат пасоши, пишува Недељник во новиот број.
Меѓу новите граѓани на Србија, според Недељник, сега има четворица тајкуни чиј бизнис во последните години го отсликува однесувањето на руската бизнис елита по воведувањето на глобалните санкции, „што се одразува со преместување на нивниот имот“.
Станува збор за Олег Бојко, чие лично богатство се проценува на околу 1,5 милијарди долари, Сергеј Ломакин -1,2 милијарди долари, како и за Евгениј Стрчалковски и Јуриј Кушнеров, чиј имот не е јавно познат, но се претпоставува дека е неколку стотици милиони долари.
Подгорица - Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ категорично ги демантираше тврдењата на Милорад Додик дека Црна Гора лобирала во Интерпол за да спречи издавање црвена потерница за него и за Ненад Стевандиќ.
-Категорично и недвосмислено ја отфрлам изјавата на Милорад Додик, која ја презедоа неодговорни поединци без никаква проверка на фактите за да се освојат евтини политички поени на сметка на институциите на Црна Гора. Министерството за надворешни работи на Црна Гора, како и кој било црногорски дипломат, не беше ангажиран во оваа постапка, нагласи Ибрахимовиќ.
Загреб - Во Хрватска денеска продолжи штрајкот во основните и средните училишта и факултетите во повеќе жупании.
Штрајкот го организираат три образовни синдикати - Самостојниот синдикат на вработните во средните училишта, Самостојниот синдикат на науката и високото образование и Училишниот синдикат „Препород“. Првиот беше организиран во понеделникот во Сплитско-далматинската, Задарската, Шибеничко-Книнската и Дубровничко-Неретванската жупанија.
Будимпешта - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска пристигна во посета на Унгарија на покана на неговиот лојален сојузник Виктор Орбан, пренесоа светските агенции.
Орбан го покани Нетанјаху, игнорирајќи го налогот за апсење на израелскиот лидер издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС).
„Добредојдовте во Будимпешта!, напиша на Фејсбук унгарскиот министер за одбрана Кристоф Шалај-Бобровниски. Тој синоќа го пречека Нетанјаху на аеродромот во главниот град на Унгарија.
Букурешт- Суд во Букурешт ја одби жалбата на романскиот бизнисмен Богдан Пешкир, кој се смета за главен финансиски поддржувач на кампањата на поранешниот претседателски кандидат Калин Ѓоргеску на платформата ТикТок. Судот одлучи Пешкир да остане во притвор, објави агенцијата „Аџерпрес“.
Еден од судиите во случајот предложил Пешкир да биде ослободен, но судот го отфрли предлогот. Пешкир е обвинет од Главното обвинителство за поткупување гласачи преку електронска комуникација.
Рим - Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги откажа своите ангажмани закажани за денеска за да се фокусира на активностите што треба да се преземат по воведувањето на новите тарифи од страна на американската влада, соопшти нејзиниот кабинет, цитиран од италијанската новинска агенција АНСА.
Мелони требаше да присуствува на отворањето на полициска станица во Лимбади, мал град во Вибо Валентиа, во провинцијата Калабрија. Таа вчера го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, кој воведе серија царини, меѓу кои се и тие од 20 отсто за стоки што доаѓаат од ЕУ.
Берлин - Европската унија мора да покаже единство и сила во одговорот на царините воведени од САД, изјавија германските министри за економија и финансии. „Силата на Европа е нашата сила. Ние го имаме најголемиот единствен пазар во светот и мора да го искористиме тоа“, рече министерот за економија Роберт Хабек.
Министерот за финансии Јорг Кукис, исто така, ја истакна потребата од решителен одговор на ЕУ, но во исто време истакна дека блокот е отворен за преговори.
Брисел - Наметнатите царини од САД треба да ја поттикнат Европа итно да постигне трговски договори со други партнери низ светот, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Ќе работиме со сите наши партнери и ќе продолжиме да ја зајакнуваме и прошируваме нашата трговска мрежа. Сега е моментот да ги ратификуваме договорите со Меркосур, Мексико и да направиме значаен напредок во преговорите со Индија и други клучни партнери“, напиша Кошта на платформата Икс.
Брисел - Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, вели дека европските земји веќе обезбедуваат повеќе од половина од потребите на Украина за муниција, што претседателот Володимир Зеленски неодамна ја процени на два милиони парчиња муниција.
„Овие работи одат многу добро. Треба да доставиме помош за Украина што е можно побрзо. Мило ми е што гледам дека веќе имаме различни предлози или дека различни земји придонесуваат за тоа, така што веќе имаме над 50 проценти од тоа што е потребно“, рече Калас пред Самитот на министрите за одбрана на ЕУ во Варшава.
Брисел - Новиот постојан претставник на САД во НАТО, амбасадорот Метју Витакер, ја потврди целосната посветеност на неговата земја кон НАТО и членот 5 од Вашингтонскиот договор. Ова се наведува во соопштението на американската делегација во НАТО по повод денешното инаугурирање на амбасадорот. „Подготвен сум веднаш да почнам со работа и со нетрпение очекувам да и помогнам на Алијансата да ги направи потребните трајни промени“, рече амбасадорот во изјавата.
Витакер додаде дека главните задачи на неговата работа ќе бидат промовирање мир и стабилност преку сила, споделување на товарот на активностите на пактот и зголемување на инвестициите во одбраната; поддршка за водечката улога на Европа во постигнувањето траен мир во Украина и обновување на земјата.
Киев - Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 28 од вкупно 39 руски беспилотни летала.
Како што се додава, уште седум не стигнале до своите цели, најверојатно поради контрамерки за електронско војување. Не е наведено што се случило со преостанатите четири дронови.
Дамаск - Израелската војска синоќа започна воздушни напади врз сириските градови Дамаск, Хомс и Хама, а цел беа истражувачки центар и воени локации.
Израелскиот напад го погоди Центарот за научно истражување во резиденцијалната област Барзех во сирискиот главен град Дамаск, при што беа ранети неколку луѓе. Израелската војска ја нападна и воздухопловната база Хама во централна Сирија, гаѓајќи ја нејзината инфраструктура, додека дроновите продолжија да летаат над градот. По израелските воздушни напади, службите за итни случаи веднаш се упатиле кон аеродромот, со извештаи за жртви, вклучително и мртви и ранети.
Непјидо - Повеќе од 3.000 лица загинаа во Мјанмар по разорниот земјотрес со јачина од 7,7 степени што ја погоди земјата пред шест дена. Портпарол на воената хунта што управува со земјата изјави дека досега се потврдени најмалку 3.085 жртви. Над 340 лица сè уште се водат како исчезнати, а 4.715 се повредени.
Во Мјанмар пристигнаа хуманитарни работници од 17 земји. Испорачани се речиси 1.000 тони хуманитарна помош и опрема, соопштија властите.