• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Општински пул

Куманово - Во тек е огласот за вработување на  28 специјализанти, соопштија денеска од јавната здравствена установа Општа болница Куманово.

- Со вработување на специјализантите ќе решиме еден дел од проблемите со кадровата екипираност на стручниот кадар. Се разбира дека со овие 28 вработување не ги решаваме сите потреби од недостаток на кадри во болницата, но се надевам дека во брзо време ќе имаме и вработување на среден медицински персонал, медицински сестри, болничари и помошно-технички персонал кои ни се потребни за нормално одвивање на процесот на 24-часовна здравствена заштита, изјави директорот на болницата Сашо Стошевски.

Планирано е специјализанти  од областите на педијатрија, гинекологија, кардиологија, офталмологија, утологија, психијатрија, ортопедија, хирургија, интерна медицина, детматовенерологија, пулмологија, оториноларингологија...

-Обично секогаш милуваме да кажеме дека за се е системот крив, меѓутоа сите ние сме дел од системот, и здравствените работници и пациентите, затоа на овој ден еден апел, ајде сите заедно да се обидеме да го подобриме системот со нашиот однос кон здравствениот работник и односот на здравствениот работник кон пациентите. Да се обидеме сите заедно да го подобриме здравствениот систем, повика Стошевски.

Демир Хисар - Општина Демир Хисар, втора година по ред е на врвот на ранг листата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) која успешно го практикува системот на интегритет, како клучна алатка за градење силни институции и создавање на доверба на граѓаните.

Според извештај на ДКСК од спроведено следење на примената на системот за интегритет во единиците за локална самоуправа за минатата година, имплементацијата на системот на интегритет во неговата трета година е во напредок и е препознаен како клучна алатка на институциите за борба против корупцијата, а Општина Демир Хисар е рангирана на првото место.

Во извештајот од спроведениот мониторинг, од вкупно 72 општини потписнички на политиката на интегритет кон порталот на ДКСК за одговарање на прашалникот за мониторинг на политиката за интегритет, 38 општини одговориле на поставениот прашалник, а 34 делумно ја исполниле таа обврска. Пресметката на успешноста на имплементацијата на системот на интегритет, резултира со прво место кое и оваа година и припадна на Општина Демир Хисар со 81,2 процентна исполнетост, а веднаш зад неа е општината Ресен. Во првата група единици на локална самоуправа, сврстена е и Општина Битола со 49,6 насто примена на системот за интегритет, со кој локалните институции ги регулираат заштитата на јавниот интерес и спречувањето на судирот на интереси, етичкото постапување, наменско и рационално користење на човечките ресурси, како и заштитено пријавување од укажувачи.

Дебар - И покрај сите апели на локалната самоуправа на Дебар и на Јавното комунално претпријатие „Стандард“ да се внимава каде се фрла отпад со цел заштита на животната средина, сепак продолжува несовесното однесување. 

-Деновиве регистриравме навистина, така да ја наречам голема нечовечност, несовесност и негрижа за животната средина. Констатиравме фрлање стари автомобилски гуми на две локации, во близина на брегот на Дебарско Езеро, едно од најубавите делови на градот и под мостот на самиот излез од градот, на патниот правец Дебар - Маврово. Јасно е дека овој неодговорен и осудувачки чин не е направен од луѓе надвор од градот, туку од самите граѓани кои се занимаваат со активности од ваков карактер, рече за МИА Ана Ализоти, инспектор по екологија при Општината.

Додаде дека се води истрага против непознат сторител, а за случајот е информиран и надлежниот инспекторат, па се очекува со подобрување на временските услови лиценцираната фирма, од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање да ги подигне истите.

Скопје - Општина Кисела Вода денес распиша јавен повик за субвенционирање на трошоците за огревно дрво за своите жители. Сите граѓани кои ќе купат дрва за огрев во периодот од 1 април 2025 до 31 октомври 2025 година, можат да аплицираат за добивање на поврат на средства, до исцрпување на предвидениот буџет од 1.200.000 денари. Субвенцијата изнесува 500 денари за секој купен метар кубен (m³) дрва, за максимум до 10 м³ или 350 денари за секој купен просторен метар дрва, за максимум до 14 просторни метри.

Право на учество имаат сите жители на Општина Кисела Вода кои ќе достават валидна документација и ќе ги исполнат критериумите. Апликациите се поднесуваат во затворен плик преку Архивата на општината, по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Јавниот повик трае до 31 октомври 2025 година или до исцрпување на средствата. Повикот е објавен на веб страната на општината: https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2025/04/Drva2025.pdf

Информациите се достапни и преку локалните месни заедници. За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на тел: 02 2785-427.

Охрид – Студентите од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид освоија седум медали, од кои една златна, на 20-тиот Меѓународен гастрономски натпревар „Бисерот на морето“ што се одржа во Супетар на хрватскиот остров Брач.

Во силна конкуренција со учество на повеќе од 400 учесници студентот Христијан Трајковски освои златен медал во категоријата главни јадења од пилешко месо (ролован пилешки супрем со козјо сирење и полнеж од суви сливи во комбинација со пена од козјо сирење). Тој освои и бронзен медал за подготовка на главни јадења од риба.

Стефан Аврамоски освои две сребрени медали за подготовка на главни јадења од телешко месо (телешко филе со фефер сос) и риба (орада со сос beurre blanc).

Христијан Јорданоски се натпреваруваше во сениорска конкуренција во три дисциплини и тоа јадења од риба (ролована пастрмка со гамбори), јадење од пилешко (пилешки батак ролован со полнеж од пилешки црн дроб и крем сирење) и паста (црни равиоли во сос од гамбори) при што освои три сребрени медали.

Куманово - Здружението спортско планинарскиот клуб „Козјак“ од Куманово, денеска одбележува 43 години од своето постоење, соопштија денеска одговорните од клубот. Од клубот информираа дека по повод роденденот во зависност од временски услови ќе се организира акција и планинарски ручек во планинарскиот дом Длабочица и делеуваењ награди и признанија на нивните членови.

- ЗСПК „Козјак“ е најстар клуб во градот. Денеска одбележуваме 43 години од обновување на клубот, изјави секретарот на ЗСПК „Козјак“, Мартин Величковски.

Функционирањето на здружението спортско планинарскиот клуб, возобновено е 1982 година, откако првично бил формиран во далечната 1967 година, а веќе наредната година бил згаснат. Клубот е еден од најактивните во државава со постојани редовни активности, утврдени со годишната програма.

-Планинарите низ годините ги освоија највисоките врвови на Балканот, а во изминатите години, учествуваа и на искачувања во Европа, рече Величковски.

Покрај овие активности, во клубот се одржува летна планинарска школа, искачување на врвовите на планините низ државата, а на високо ниво е и соработката со македонски и балкански планинарски друштва.

Струга - Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија распиша конкурс за поетската награда „Млада Струга“ 2025 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.

На конкурсот, како што соопштија Струшките вечери на поезијата, може да учествуваат автори на возраст од 18 години до 30 години, државјани на Република Северна Македонија. Пријава може да поднесе исклучиво авторот и еден автор може да учествува само со една необјавена поетска збирка.

- За дебитант се смета автор што нема објавено поетска збирка како публикација (во книжен или електронски облик) со ISBN број. Објавите на поединечни песни во книжевни часописи, застапеноста во поетски избори и антологии, учеството на поетски фестивали, како и објавата на буклети што не се регистрирани како публикации не го нарушуваат статусот на дебитант. Иако овие објави се сметаат за пожелни, не го фаворизираат авторот, ниту ги дисквалификуваат авторите што ги немаат горенаведените објави, стои во конкурост на СВП.

Минималниот обем на необјавената поетска збирка, како што е наведено, е 500 стихови, а максималниот 1.000 стихови.

Валандово - Во Валандово почнува селектирање и на текстилен отпад, соопштија денеска од ЈП „Комунален сервис“, кое селекцијата ќе ја врши во заедничка соработка со „Тексомак“ и „Selektiraj Otpad“.

Како што се наведува во соопштението, од денеска покрај пластика, лименки и хартија, граѓаните на Валандово ќе може да селектираат и текстилен отпад во виолетови ќеси.

Се додава дека ќесите може да се подигаат од комуналното претпријатие во Валандово, а процесот на собирање на истите од домовите бил веќе добро познат на граѓаните од Валандово, односно тие може да селектираат облека, перници, јоргани, постелнини, текстил на метража и пешкири. 

Велес - Општина Велес и ОЈУ за деца Детска градинка  „Димче Мирчев“ денеска одбележаа 81 година од смртта на народниот херој Димче Мирчев и својот патрон загинат на денешен ден 7 април во 1944 година. По тој повод, делегации на Општина Велес, јавни институции и градинката што го носи неговото име, положија цвеќе пред спомен бистата на херојот во дворот на градинката. Чест му оддадоа и најмалите-децата од градинката, положувајќи свежо цвеќе.

Делегациите, потоа букети цвеќе положија и на спомен бистата на Димче Мирчев во Младински парк.

Димче Мирчев е роден во Велес во 1913 година. На 27 годишна возраст активно се вклучува во подготовките на вооруженото востание. Тој е еден од организаторите на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ и заменик командант на одредот. Мирчев загинал во судир со бугарската полиција во реонот на Тиквешијата на 7 април 1944 година, заедно со Киро Крстев-Налбатот, во обидот да заминат во партизани. Посмртните останки на Димче Мирчев се во велешката Спомен-костурница од НОВ. Димче Мирчев бил прогласен за народен херој на 2 август во 1949 година.

Спомен биста на народниот херој Димче Мирчев има и во Фабриката за талк која го носи неговото име „Димче Мирчев“.

Инаку  по повод патрониот празник децата од OЈУ за деца Детска градинка „Димче Мирчев“ ја изведоа драмската игра „Волшебната шума“.

Ресен - Снегот што синоќа падна во Преспа и ниската утринска температура на воздухот целосно ќе ги оштетат и уништат овоштарниците во Преспа.

Според Горан Стефановски, раководител на работна единица Ресен што е во состав на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство, над 3000 хектари со јаболкови насади целосно ќе бидат уништени во овој неочекуван студен бран што ја зафати и Преспа.

-Снегот што падна во текот на вчерашниот ден и ноќеса, како и утринските температури на воздухот кои деновиве ќе бидат под нулата ќе ги оштетат и уништат овоштарниците во цела Преспа. Според првичните проценки јаболката ќе бидат 90 насто уништетни, а некаде и целосно, односно 100 отсто. Проценките ќе ги вршиме откако ќе заврши овој студен бран кој за жал веќе предизвика катастрофа во Преспа, изјави за МИА, Стефановски.

Во Преспа под јаболкови насади се над 3000 хектари, а од нив најмногу е застапена јаболковата сорта ајдарет но и други преспански јаболка.

-Годинешниот род од ајдарет кој е застапен со околу 60 отсто од вкупните јаболкови површини, потоа сортите муцо, златен делишес, црвен делишес, фуџи, чадел и останатите сорти јаболка со овој студен бран целосно ќе бидат уништени, а со тоа и јаболковиот род во Преспа, нагласи Стефановски, раководител на Р.Е. Ресен при АПРЗ-Битола. 

Куманово - Здружението на лица со дијабетес Куманово во соработка со средното училиште „Наце Буѓони“ денеска во паркот Соколана организираа акција за бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвен притисок, по повод 7 април, светскиот ден на здравјето.

Голем број кумановци ја искористија можноста, професорите и учениците од медицинската струка на училиштето, бесплатно им измерија шеќер во крвта и крвен притисок.

- Дијабетесот е во пораст особено после корона вирусот. Како здружени преку нашите активности, со вакви акции, но и со трибини се обидуваме да ја подигнеме свеста за опасноста којашто ја носи дијабетесот, изјави претседателот на здружението, Зоран Бојковски.

Тој посочува дека голема е бројката на луѓе со дијабет, на секој дијагностициран има најмалку еден недијагностициран. Според податоците на здружението има околу 10.000 дијабетичари на подрачјето на Куманово, Липково и Старо Нагоричане од кои 4.000 се на инсулин.

Се трудиме да ги едуцираме, да се превенира болеста, да се зема редовно терапија и да се смени начинот на живеење, вели Бојковски.

Крива Паланка - Општина Крива Паланка во соработка со „Тексомак", колективен постапувач со текстилен отпад, во петок ќе ја организира првата голема акција на подрачјето на општината согласно законот за постапување со други текови на отпад.

- Во петок ќе се спроведе голема еколошка акција за собирање  текстилен отпад насловена „Твојата стара облека – нова шанса за природата", во која граѓаните ќе можат својата стара облека, како и останати видови отпад од текстил да ги одложат во соодветни, посебни, садови за текстилен отпад што ќе бидат поставени на повеќе пунктови на различни локации во градот, информираа денесак од службата за комуникација со јавноста при Општина Крива Паланка.

Текстилен отпад ќе може да се одложи на следните пунктови: пред маркетот кај автобуската станица, пред Метролошка станица, пред домот за ученици „Боро Менков", кај градскиот зелен пазар, зад станбените згради во населбата Бавчал'к и пред двете основни училишта во градот: „Илинден" и „Св.Јоаким Крчовски" - кај Соларски мост.

Велес - Пожар на велешката депонија за комунален смет, лоцирана на Штипско џаде над градот,  во Територијалната Против Пожарна Единица Велес бил пријавен вчера, околу 11,30 часот. Двајца пожарникари на депонијата го гаснеле огнот скоро два часа се ’до 13:20 часот со едно противпожарно возило, информираат денеска од ТППЕ Велес.

По интервенцијата пожарот бил локализиран и целосно изгаснат. Но, при гаснењето проблеми им создавал силниот ветер, што во текот на денот, дуваше во градот и околината.

Од ТППЕ Велес апелираат до граѓаните штом забележат пожар веднаш да се јават на бесплатните телефонски броеви 193 или  112.

Куманово - Основното јавно обвинителство Куманово, денеска информираше дека предметот за загадување на Крива Река во Крива Паланка ќе го преземе Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Како што претходно информираа, кумановското обвинителството формираше предмет, во меѓувреме стигнала и кривичната пријава од градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

-За актуелниот настан за загадување на Крива Река, ние сами формиравме предмет, ги повикавме инспекторите за животна средина. Од нивна страна добивме известување за досега преземените активности и мерки. Сега го чекаме вештачењето од лабораторија. Стигна и кривичната пријава од градоначалникот која е квалификувана по член 218 „загадување на животната средина“, за тоа кривично дело надлежно е обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Разговарав со шефот на тоа обвинителство, подготвени се да го преземат предметот и да постапуваат понатаму. Ќе бидеме во контакт со нив, изјави шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани.

Градоначалникот на Крива Паланка на прес-конференција презентираше податоци дека водата во Крива Река во Крива Паланка е неупотреблива и сериозно загадена. Од компанијата „Булмак 2026“ на прес-конференција кажаа дека техничкиот проблем што настанал во рудникот Тораница не предизвикал загадување на Крива река.

 

Остани поврзан