• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

7 април 2025 

Охрид – Капетанијата на пристаништа во Охрид изрече 18 казни за прекршоци, за неисправност и непочитување на правилата за пловење на Охридското Езеро.

Тоа е билансот на засилените контроли во Охридското Езеро, при што во рамки на извршените редовни и вонредни контроли над пловилата биле констатирани прекршоци во делот на ноќно пловење, како и претовар на патници.

Од Капетанијата појаснуваат дека се извршени три редовни надзори на бродови, четири вонредни надзори на катамарани, два вонредни надзори на пасари со надградба односно пловила со капацитет до 12 патници, како и 19 вонредни надзори на кајчиња.

-Од извршените вкупни надзори констатирани се 18 прекршоци на чамци и тоа за ноќно пловење, непоседување уверение за управувач на чамец, неистакната регистарска ознака и еден катамаран е казнет за претовар на патници, изјави Илија Арнаудоски, капетан во Капетанија на пристаништа.

Тој најави засилени инспекциски надзори на пловидбата наредниот период, особено во текот на летниот период. Оттаму и апелот до сите учесници во внатрешната пловидба, навремено да си ги регистрираат своите чамци да ги извршуваат обврските на пловилата и да се придржуваат до правилата и мерките за безбедна пловидба.

Крива Паланка - Ученици од угостителската струка од средното општинско училиште "Ѓорче Петров" Крива Паланка освоија втора награда на дваесеттото, јубилејно издание на престижниот кулинарски фестивал на храна и вино, "Морски бисер", што од први до петти април се одржа во Општина Супитер, Хрватска, на островот Брач.

Тимот од Крива Паланка беше предводен од менторот, професор Дане Петровски, a наградата им беше доделена во категорија за подготовки на традиционални јадења на модерен начин.

-Задоволство и голема одговорност е да се биде претставник на македонската делегација, да се биде дел од врвни мајстори на кулинарството од над триесет држави, учеснички на овогодишниот фестивал. До толку повеќе, гордоста е голема во таа силна конкуренција, каде над петстотини учесници од угостителски школи, шефови на кујни, слаткари, освоивме второ место или сребрен медал по оценката на жири-комисијата, за нашите специјалитети , почнувајќи од предјадење, главно јадење и десерт. Подготвивме топло предјадење-топено сирење на модерен начин, главно јадење: пилешко месо во сос од кикирики со свеж зеленчук, а десерт беше познатото трилече. Оваа награда е потврда на потенцијалот што нашите ученици го поседуваат и квалитетната настава и обука, пракса со која се стекнуваат во нашето училиште, за да можат да се носат рамо до рамо со врсниците од разни држави, како и да бидат дел од настан и директно да учат од врвни мајстори, готвачи и искусни кулинари од регионот, рече професорот Петровски.

Интернационалниот фестивал „Морски бисер“ е познат фестивал на Медитеранот и во Европа, што секоја година на островот Брач ​​ собира врвни професионалци, готвачи и кулинарски експерти од целиот свет. Настанот го организира Здружението на готвачи од медитеранските и европските региони ШКМЕР со цел да ги обедини готвачите, келнерите, менторите, професорите по стручно образование и студентите кои се впуштаат во кулинарски кариери, претставувајќи ги на едно место своите знаења, вештини, компетенции, искуство, ентузијазам, страст и почит кон колегите, културата, традицијата и гастрономијата. 

Скопје - Општина Илинден и оваа година објави јавен повик за субвенции за купување на инвертер клими или соларни панели.

Јавниот повик, како што информираат од општинската прес-служба, е според Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2025 година која предвидува еднократна парична помош за набавка на инвертер клими или соларни панели на лица со постојано место на живеење на територија на општина Илинден.

-Износот кој го доделува Општината како финансиска помош изнесува 50 отсто од сумата за која е купена инвертер климата или соларниот панел односно до максимум 10.000,00 денари по производ. Целта на повикот, како што истакна градоначалникот Александар Георгиевски е да се стимулираат граѓаните односно домаќинствата за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, се наведува во соопштението.

Од  Општина Илинден велат дека барањата од јавниот повик ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнување.

-Право на учество на јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во општина Илинден кој ќе купи инвертер клима или соларен панел од денот на објавување на јавниот повик од 07.04.2025г. се до исцрпување на предвидените финансиски средства за таа намена.За сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да се информираат директно во просториите на Општина Илинден или на официјалната веб страница ilinden.gov.mk.  

Скопје - По четврти пат оваа година ЈУ Детски културен центар „Карпош“ ја организира крос - трката по повод Меѓународната недела на здравјето, информираат од установата.

- Во оваа спортска манифестација учествуваат дечиња од градинките од градот и околината. Трката ќе се одржи на тартан патеката во Градскиот парк со почеток во 11 часот. Трката ќе се трча на 250 метри во мешана категорија, момчиња и девојчиња. Исто така ќе се трча и штафетно трчање 200 метри 4x50 метри, се наведува во соопштението на установата.

Како што се појаснува, целта на манифестацијата е да се одбележи Меѓународниот ден на здравјето и да се испрати порака - „Спортувањето и здравиот начин на живеење ќе допринесат за долг и здрав живот“.

Скопје  - Водата за пиење во Скопје е безбедна покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 47 мерни места во градот.

- Секторот за санитарна контрола од 1 до 4 април зема 166 примероци за физичко-хемиска и 166 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 47 мерни места во Градот Скопје.  Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираат денеска од ЈП Водовод и канализација.

Овие информации Јавното претпријатие ги објавува рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Скопје - Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО во соработка со Општина Центар организира онлајн информативна сесија за сите родители, идните родители и семејствата со фокус на најважниот аспект од животот: здравјето и благосостојбата на трудниците, новороденчињата и децата.

Панелисти на онлајн настанот се проф. д-р. Елизабета Зисовска, педијатар, доц. д-р. Горан Кочоски, гинеколог и Сања Буклишева, акушерка.

Според проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари лицата кои ќе се вклучат на онлајн сесијата (https://forms.gle/vqw5P4bfXtN87GvA9)  ќе може да добијат стручни совети од водечки професионалци во педијатрија, гинекологија и акушерство, да поставуваат прашања и да добијат одговори, со што ќе го зајакнат сопственото разбирање за бременоста, породувањето и грижата за децата.

-Овој настан е можност идните и сегашните семејства да се стекнат со вредни сознанија од искусни здравствени работници, да постават важни прашања и да дознаат повеќе за создавање на здрава средина за нивните семејство. Без разлика дали очекуваат, од неодамна сте станале родител или едноставно сакаат да ја подобрат грижата за здравјето на семејството, оваа сесија за прашања и одговори има по нешто за секого, наведуваат од МАГО.

Скопје  - Компанијата „Тексомак“ во соработка со Општина Аеродром организира екоакција за собирање текстилен отпад.

Првиот дел од оваа акција започнува утре. Контејнери, каде што граѓаните ќе можат да го оставаат текстилниот отпад, ќе бидат поставени на следниве локации:

-       ООУ „Лазо Ангеловски“

-       ЈДГОА „Срничка“ (главен објект) 

-       ООУ „Љубен Лапе“

-       ЈУДГ „Буба Мара“ (главен објект)

-       ООУ „Браќа Миладиновци“

-       Зад „Капитол мол“(пред влезот на „Рамстор“)

Текстилниот отпад треба да биде добро спакуван во пластични ќеси со цел да се избегне негово оштетување.

Следниот чекор е едукација по училиштата и градинките што ќе се одвива во текот на наредниот период, а датумите ќе бидат дополнително објавени.

Остани поврзан