• четврток, 02 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

15 април 2024

 

Тетово - Преку прес-конференција во Општина Тетово, командирот на тетовската противпожарна единица со упати апел и молба до државните институции да помогнат да се изгасне пожарот над Селце кој трае веќе петти ден. Според командирот Авни Амети, во шумата над Селце не можат да одат противпожарни камиони, а неговата единица само со теренски возила џипови може да пристапи таму и затоа е потребна помош.

- Со сите сили се трудиме да го ставиме под контрола но теренот е тежок за пожарникарите да дојдат до огнот. Овој дел од планината е под надлежност на НП „Шар Планина“ и тие се првите кои треба да излезат на терен и да го локализираат пожарот. Вчера имав повик, беше побарано од нас да им помогнеме. Ние излеговме на терен и до 21 часот го гасневме пожарот, а утрово од 7 часот, повторно сме горе и продолживме со гаснењето заедно со вработените од Националниот парк. За жал други институции не се вклучени и не знам зошто. Ги замолувам сите да се вклучат во гаснењето на пожарот за да се справиме со оваа катастрофа што не снајде. Штетата од пожарот е многу голема бидејќи гори високо квалитетна шума, изјави Авни Амети, командир на против пожарната единица од Тетово.

Командирот потенцира дека зачестените пожари се предизвикани од луѓето и тоа мора да престане.

- Причината се знае, тоа е човекот. Земјоделците ги палат стрништата и еден мал ветер, огнот се проширува. Причината и за овој голем пожар кај село Селце е човекот, нема друга причина за да се создаде толку голем пожар, посочува Амети

Од утринава четворица пожарникари се борат со огнот. Од Национален парк Шар Планина велат дека од кај нив се вкупно луѓе кои гасат, но проблем е што е долга линијата на огнот

- Се прошири линијата на огнот некаде два до три километри. Горат ливади, букова шума, биодиверзитетот се нарушува, затоа што страдаат инсекти и животни, апелирам да се вклучат и институции кои се обучени за гаснење на пожари па ако треба и полиција и армија. Површината е огромна над 100 хектари. Попладне ветерот се засилува и може да биде пожарот со поголем интензитет, изјави Ибрахим Дехари, директор на НП Шар Планина.

И денеска како и вчера вода врз огнот исфрла полициски хеликоптер

Штип - Во СВР Штип синоќа во 23.57 часот Ш.Н. од скопско Батинци, пријавил дека му се јавил неговиот син З.Н.. кој издржувал казна затвор во Казнено – поправната установа Затвор Штип и му рекол дека има информации дека во текот на ноќта ќе биде нападнат. Исто така, околу 00.00 часот во СВР Штип, од Казнено – поправната установа Затвор Штип било пријавено дека во затворот бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две групи затвореници и дека имаат сознанија дека кон затворот во Штип патуваат повеќе лица за да и помогнат на едната група.

- По преземени мерки, полициски службеници од СВР Штип пред затворот затекнале 30 лица со 10 возила и при преглед на лицата и возилата, во едно возило биле пронајдени и одземени дрвен и остар предмет. За време физичката пресметка во установата, со повреди се здобил еден вработен и бил пренесен во Клиничка болница Штип за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија денеска од МВР.

Куманово - Вкупно 32 заболени од пертусис регистрира Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија денеска надлежните од јавната здравствена установа.

Епидемиологот доктор Едита Размизи кажа дека од 32 пријавени лица на ниво на Центарот, во Куманово, заболени се 26 лица.

- Новозаболените се на домашно лекување. Станува збор за деца од 11 до 17 годишна возраст, сите се комплетно вакцинирани и се во општа добра здравствена состојба, изјави доктор Рамизи.

Во Кратово регистрирани се три случаи, во Крива Паланка два и еден случај има во Липково.

- Најважна е вакцинацијата која се спроведува тековно во вакциналните пунктови, изјави д-р Рамизи.

Од Центарот за јавно здравје велат дека продолжуваат мерките согласно укажувањата на комисија за заразни болести и институтот за јавно здравје засилени епидемиолошки истражувања, откривање сомнителни случаи, проверки на вакцинални статуси, изолации на заболени и препораки за привремено исклучување од установи, школи, градинки, едукативни центри, редовно и навремено пријавување на заболувања од матични лекари, епидемиолошки увиди кај вакцинанлни пунктови, препораки за вакцинирање на сите невакцинирани, непотполно вакцинирани, повикување за вакцинација, комуникации со надлежни установи да не се примаат на настава деца со сомнителна кашлица и температура, мерки за хигиена, забрани за посета во болницата на хоспитализираните …

Свети Николе - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, остварија работни средби со раководствата на СВР Штип и ОВР Свети Николе, во рамки на серијата посети на Секторите за внатрешни работи низ државата, со цел увид во сработеното во првото тримесечје на 2024 година.

Притоа, Бојмацалиев ги посети управните служби, а беше презентирана и опремата во делот на безбедноста во сообраќајот. Бојмацлиев вели дека безбедносната состојба на ова подрачје е стабилна и поволна. Од вкупниот број на кривични дела, од познат и непознат сторител постигната е ефикасност во расветлувањето од 40%, додека процентот на расчистени кривични дела  изнесува 71% .

- Во делот на општиот криминал  бележи  намалување  од 11% . Кај кривичните дела од познат и непознат сторител   бележиме намалување за  21%, со  постигната ефикасност во расветлувањето од  37 %, додека расчистени се 64% од вкупно пријавените кривични дела. Кај кривични дела од областа на економски  криминал  бележиме  зголемување  од  67% , за кои се поднесени 20 кривични пријави против 43 сторители. Во делот на недозволена трговија во текот на првото тримесечје 2024 евидентирани се 33  кривични дела, за кои се поднесени 29 кривични пријави против 30  сторители, вели Бојмацалиев.

Тој истакна дека  од преземените мерки од областа на недозволена трговија со дрога од страна на СВР Штип во првото тримесечје 2024 година во рамки на ОА„Хидра“ поднесени се 12 кривични пријави за сторени 14 кривични дела , против 13 лица, лишени се од слобода 23 лица, извршен е претрес на 24 локации, при што на  пет локации е пронајдена дрога. При посетата на ОВР-Свети Николе, Бојмацалиев додаде дека се  подобрени работните услови на полициските објекти на подрачјето на СВР Штип.

-Во делот на реконструирани објекти на територијата на СВР Штип изминативе шест години беа реконструирани осум објекти меѓу кои и објектот каде што бевме денеска во посета ОВР  Свети Николе, ОВР Пробиштип, ПС за БПС Штип, ПК Македонска Каменица, ОВР Кочани, ОВР Виница, ОВР Берово и ОВР Делчево за што од буџетот на МВР беа издвоени над 90 милиони денари, а при изведбата беа имплементирани  мерки за поголема енергетска ефикасност на сите објекти, а со тоа  обезбедена поголема заштеда на енергија  и заштита на животната средина, рече Бојмацалиев.

Тој верува дека колегите од СВР Штип  ќе продолжат со несмален интензитет во полициското работење, а со цел одржување на поволна безбедносна состојба и гарантирање на фер и демократски Изборен процес што ни претстои наредниов период. 

Штип - Почна последната фаза од изградбата на полузатворениот Градски пазар во Штип, изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Посочи дека во пресрет на сезоната, пазарџиите ќе имаат соодветно место за продажба на градинарските и земјоделски производи, а купувачите услови за да пазаруваат.

-Почнуваме со последната фаза од изградбата на полузатворениот пазар кој го најавивиме пред неколку месеци. Станува збор за инвестиција на Општина Штип во вредност нешто повеќе од 12 милиони денари. Се очекува во наредните денови да се изврши бетонирање на самото плато, асфалтирање на пристапната улица за простор за паркирање со оглед на тоа дека станува збор за полузатворен тип на градски пазар кој ќе го користат пазарџиии купувачи, вели Јорданов.

Со новиот полузатворен пазар во Штип ќе се работи и на решавање на проблемот со дивите пазарџии. Целта е како што вели Јорданов, и пазарџиите и купувачите да се насочат кон едно место со што нема да се узурпираат јавните површини и паркинг места за продажба на производи.

-Надлежноста на комуналните инспектори, но и на пазарна инспекција и на СВР Штип е пресудна, за да се прекине оваа тенденција и да се насочат овие препродавачи и пазарџии да го користат просторот, платото на Градски пазар. Еден од условите и начините за да тие се канализираат овде е да се создадат подобри услови за да ги мотивираме купувачите да го посетуваат градскиот пазар, вели Јорданов.

Со новиот полузатворен пазар во Штип ќе се постават и нови сто тезги.

Делчево - Со пригодна свеченост, денеска делчевската гимназија го одбележа својот патронен празник и прослави 100- години од раѓањето на патронот, истакниот делчевски првоборец и организатор на НОБ, Методи Митевски-Брицо и 63 години од постоењето на делчевската гимназија. Одбележувањето на патронот започна пред споменикот на Брицо во школскиот двор, каде делегација од Општина Делчево, делегација од СОУ „М.М.Брицо“, како и делегации од институции од Делчево се поклонија и положија цвеќе. 

-Методија Митевски Брицо  е роден во Делчево на 15 април 1924 година, а загинува во водата на Охридското Езеро во 1962 г. Тој е првиот секретар на националниот комитет на Малеш и Пијанец, претседател на Штипската и Малешевската околија, секретар на околниот комитет на КПМ во Битола. Брицо зазема доста високи функции во владата на Македонија како секретар, а во 1960 год. е наименуван за државен секретар по земјоделие и шумарство, а истовремено и потпретседател на извршниот совет во Македонија и како член на Политбирото ЦК ЦКМ, и пратеник на Народното собрание на Македонија, беше кажан во пригодниот говор за патронот на училиштето.

Методи Митевски Брицо како што додаде градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој присуствуваше на настанот добивал и повеќе ордени.

-Најзначајни се: Орден за заслуги за народот од II ред и Орден братство и единстви од II ред. Брицо живеел 38 години од неговиот живот, но бил целосно посветен за Македонија. Тој несреќно загинува во водите на  Охридско Езеро. Честит патронен празник до сите вработени и ученици во СОУ „М.М.Брицо“, рече Трајковски.

Во чест на 100 години од раѓањето на Методи Митевски Брицо изминатата сабота се одржа Свечена академија со пригодна програма во изведба на ученицитге од гимназијата која го носи неговото име. 

Скопје - Градоначалникот Ѓорѓиевски од денес е член на возобновената библиотека "13 ноември" сместена во Домот на Култура „Билјана Беличанец”. Заедно со директорката на градската библиотеката “Браќа Миладиновци” во чиј состав функционира клонот "13 ноември", Снежана Стојчевска, го разгледаа просторот и книжевниот фонд од околу 8000 изданија кој им се нуди на читателите.

-Големо е моето задоволство што успеавме во уште една значајна цел која долго време беше наша визија за Домот на култура "Билјана Беличанец". Пред само еден месец, на ова место го возобновивме киното кое во минатото било симбол на овој дел од градот, но како што уште тогаш најавив, нашата задача е овој простор во целост повторно да го направиме центар на културниот живот во општина Кисела Вода. Ова секако подразбираше и да ја возобновиме библиотеката која тука функционирала обединувајќи ги вљубениците во пишаниот збор. Благодарение на соработката со градската библиотека “Браќа Миладиновци”, за што посебно сакам да се заблагодарам на директорката Снежана Стојчевска, жителите на општина Кисела Вода повторно го имаат овој простор за себе. Возобновената библиотека "13 ноември", која функционира во рамките на градската библиотека “Браќа Миладиновци” на читателите од Кисела Вода им обезбедува широк спектар на литературни дела, од класични до современи, од едукативни, стручни до забавни. Со богат библиотечен фонд од околу 8000 наслови, тука вклучувајќи лектирни изданија, стручната литература и светската популарна белетристика која постојано ќе се надополнува со нови наслови, за да ги задоволиме потребите и интересите на сите наши читатели. Посебно сакам да нагласам дека на располагање има и многу детска литература, бидејќи сме свесни дека љубовта кон читањето треба да се всади уште од најраните години. Дополнително, овој простор ќе биде искористен за друга културна програма-креативни работилници, литературни читања, промоции на книги, средби со автори, со што очекувам дека библиотеката ќе биде честа дестинација на сите наши жители. Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник продолжуваме со заложбите за доближување на локално ниво сите форми на култура и уметност до нашите жители, бидејќи културата е душата на општеството, неопходна за неговиот напредок и вредност-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

-Сакам да упатам огромна благодарност до Општина Кисела Вода и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој многу краток рок одговори на нашето барање што резултираше со повторното отворање на оваа библиотека. Се надевам дека и останатите општини ќе го следат овој пример и ќе ги подобрат условите на библиотеките во нивните општини или онаму каде што нема, ќе обезбедат простории соодветни за библиотеки и со тоа ќе излезат во пресрет на граѓаните. Нашата клучна заложба е доближувањето на книгите до читателите. Секако тоа го правиме преку нашите библиотекари и затоа е многу важно да имаме сооветни услови за работа-изјави директорката на ЈУ Градска библиотека “Браќа Миладиновци” Скопје, Снежана Стојчевска.

Повторното отворање на библиотеката „13 ноември“ после 15тина години претставува продолжување на библиотечната дејност на територијата на Општината или на традицијата долга повеќе од 50 години. Сместена е во Домот на култура “Билјана Беличaнец” и работи секој ден од понеделник до петок, од 08 до 16 часот. Годишното членство чини 300 денари, а членството за деца од предучилиштна возраст, како и на лица со посебни потреби или во социјален ризик е бесплатно. Денес библиотеката ја посетија повеќе првоодделенци од ООУ “Круме Кепески” кои добија членски книшки и имаа можност да разгледаат детски изданија кои би сакале да ги читаат. Неколку повозрасни читатели за читање избраа бестселери и му се зaблагодарија нa градоначалникот Ѓорѓиевски, бидејќи им го исполнил ветувањето дадено пред една година дека во близина на нивниот дом ќе имаат библиотека.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потпиша Меморандум за соработка со Националната установа „Театар за деца и младинци“ - Скопје со кој се проширува и зајакнува соработката во полето на културата и уметноста. Со овој Меморандум им се овозможува на децата и младите во Општина Центар, ученици во училиштата и градинките на подрачјето на Општина Центар, организирани посети на претстави реализирани од НУ Театар за деца и младинци - Скопје, користење на просториите на НУ Театар за деца и младинци – Скопје, за потребите на Општина Центар и консултации и соработка со вработените во Театарот за деца и младинци – Скопје, за потребите на децата во училиштата и градинките на територијата на Општина Центар, во областа на културата и уметноста. 

„Првите бесплатни билети во рамки на овој Меморандум се за посета на претставата „Како ќе го делиме мачорот“ за прво, второ и третонаградените учениците и наставници ментори од ООУ „11 Октомври“, „Киро Глигоров“ и „Коле Неделковски“ кои учествуваа во изведбите и подготовките на театарските претстави кои се одржаа минатиот месец, како и за учениците кои освоија награди на претставите за најдобра женска и машка улога од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ со менторот и од ООУ „Киро Глигоров“. Посетувањето на театарот и негувањето на културата и уметноста на децата уште во раната возраст носи висок степен на социјализација, креативност и самодоверба кај децата и учениците. Тоа е нов начин на културно изразување, нов креативен поглед на животот и високи амбиции за успех. И навистина ме радува што токму овие вредности ги обезбедуваме за нашите деца, ученици и млади“, изјави Герасимовски во НУ Театар за деца и младинци.

Главната цел на овој Меморандум е унапредување на мерките за општествена одговорност и хуманиот развој кај децата, развивање на општествена одговорност, солидарност и хуманост кај населението и децата, како и развивање на културата и уметноста. Соработката ќе вклучува заедничка работа на проекти во областа на културата и уметноста преку кои се развива филантропијата, општествената одговорност, хуманоста и емпатијата кај населението, културата и уметноста, а во исто време се работи на подобрување на квалитетот на живеење на децата и младите во Општината Центар.

Остани поврзан