
6 март 2025
Куманово - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски изврши увид во реконструкцијата на спортската сала, информираа денеска од Општината.
- Целта беше да констатирам дека процесот за целосна реконструкција на овој монументален спортски објект кој е во завршна фаза, се одвива беспрекорно. Според предвидената програма, работните активности во сите фази се одвиваа уредно и со утврдена динамика на работа, информираше Димитриевски.
Куманово - Кумановци вечер ќе имаат можност да ги проследат делата од изложбата на уметничката фотографија ,,Жените и фотографијата". Изложбата на Фото клуб Куманово ќе биде отворена вечерва во 19:00 часот во изложбениот салон на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
-Фото клуб Куманово со гордост ја претставува 12-тата национална изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“, традиционален настан кој ја слави креативноста, талентот и визијата на жените во светот на фотографијата. Изложбата, која секоја година се одржува во чест на 8-ми март – Светскиот ден на жената, станува сѐ поважна платформа за афирмација и поддршка на женското фотографско творештво во Македонија, информираат од клубот.
Скопје - Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски вчеравечер приреди ифтарска вечера во чест на рамазанскиот пост за припадниците на исламската вероисповест.
Во обраќањето пред присутните градоначалникот Стефковски истакна дека за него голема е радоста и убаво е чувството што оваа година е домаќин на оваа ифтарска трпеза. - Овие трпези се симбол на заедништвото, меѓусебното почитување и толеранција, кои со векови наназад ги собираат на едно место граѓаните без разлика на нивната вера, истакна Стефковски.
Скопје - Општина Центар распиша јавен повик за поддршка на проекти кои обезбедуваат социјални услуги за ранливи групи граѓани. Повикот е насочен кон подобрување на пристапот до социјални услуги, со акцент на три клучни области: психосоцијална поддршка за жртви на насилство, услуги за млади во ризик од зависности и индивидуализирана поддршка за деца со попречености.
„Живееме во време кога младите се изложени на различни предизвици, меѓу кои агресијата, дрогата, отуѓувањето. Инцијативата е насочена кон обезбедување стручна поддршка за нив, но и за другите ранливи групи, како што се деца и жени жртви на родово насилство и деца со попреченост. Преку ваквата помош имаме за цел да ја поттикнеме социјалната вклученост и инклузивност на сите на кои им е потребна“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Кавадарци - ,,Женско писмо" е насловена изложбата на дела, што синоќа беше отворена во галеријата на Домот на културата, ,,Иван Мазов - Климе,, во Кавадарци, во пресрет на денот на жената, 8 Март.
Директорката на културниот дом, Јулијана Туриманџова појасни дека на изложбата со свои дела учествуваат 20 жени уметници, академски сликари, жени - уметници аматери, млади девојки, уметници од цела држава, од Прилеп, Кочани, Скопје, Битола и Кавадарци.
Скопје - ЈП Водовод и канализација – Скопје информира дека денеска поради промена на два затварача (Шибеи) Ф 150мм. и Ф 100мм. на улица „Руџер Бошкович“ 4, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улиците „Руџер Бошкович“ на потег од бул. „8-ми Септември“ до улица „Никола Тесла“, дел од бул. „8-ми Септември“ на потег од бул. „Партизански одреди“ до бул. „Илинден“ и дел од улицата „Орце Николов“ на потег од бул. „8-ми Септември“ до улицата „Никола Тесла“.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Скопје - Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без напојување со електрична енергија ќе останат неколку улици од општините Аеродром, Сарај, Центар и Ѓорче Петров.
Од 08:00 до 15:00 часот, без струја ќе бидат корисниците од ул. „Богомилски поход“, во Општина Аеродром. Од 08:30 до 13:00 часот, без струја ќе останат корисниците од дел од село Кондово, Општина Сарај.