• сабота, 18 мај 2024

Меѓународната конфедерација на синдикати со поддршка за ССМ за одземањето на Работничкиот дом

Меѓународната конфедерација на синдикати со поддршка за ССМ за одземањето на Работничкиот дом

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) - Сојузот на синдикати на Македонија соопшти дека за Работничкиот дом добиле поддршка од Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC).

Во писмото упатено од генералниот секретар на ITUC Лук Триангл до претседателот на ССМ Слободан Трендафилов е изразена загриженост во врска со одлуката на Врховниот суд за одземање на објектот на ССМ.

Во писмото се нагласува дека според Комитетот за слобода на здружување (CFA) на Меѓународната организација на труд (МОТ), правото на соодветна заштита на имотот на синдикатите е една од оние граѓански слободи што се суштински за нормално остварување на правата на синдикатот и се посочува дека согласно превземени обврски од Конвенцијата бр. 87 за слобода на здружување и заштита на правата за организирање од 1948 година и Уставот на МОТ веднаш треба да се спречи преземањето на имотот на Синдикатот. 

- Во овој поглед, ние нема да се двоумиме да поддржиме каква било формална постапка што Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) ќе смета дека е соодветно да ја покрене – било во рамките на МОТ или пред други меѓународни тела, нагласува во писмото генералениот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC).

Во Меѓународната конфедерација на синдикати се обединети 340 сојузи на синдикати од 169 држави во светот кои заедно бројат 191 милиони работници.

Врховниот суд донесе пресуда со која зградата на ССМ позната како Работнички дом му се одзема на синдикатот. ССМ побара оставки од тројцата судии Шпенд Деваја, Наке Георгиев, Исамедин Лимани кои ја донеле ваквата пресуда, а поднесе и преставка до Судскиот совет за нивно разрешување. бак/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан