• среда, 01 мај 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Во текот на вчерашниот ден (04.04.2024) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 190 возачи. Од нив 14 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 53 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 137 надвор од населено место. 

Денеска (05.04.2024) во 09.45 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека на магистрален пат Гостивар – Стража, на местото викано „Новоселски мост“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „мерцедес вито“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.К.(44) од Скопје и патничко возило „волво“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.С.(67) од Скопје. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот на возилото „волво“, додека возачот на „мерцедесот“ и неговиот сопатник Ф.М.(55) од Скопје се здобиле со телесни повреди констатирани во гостиварската болница „Ферид Мурад“. По овластување на јавен обвинител, увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Гостивар. 

На 04.04.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 16 прекршоци од кои, 9 надвор од населено место и 7 во населено место.  Санкционирани биле и 34 други видови на прекршоци, од кои 21 за непрописно паркирање. 

На 04.04.2024 во 23.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека во Куманово настанал пожар во паркирано патничко возило „ауди“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на М.С.(42) од Куманово. Екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово го изгаснала пожарот, а повредени нема. Увид бил извршен од екипа на СВР Куманово. 

На 04.04.2024 во СВР Штип, З.К.(60) од Штип пријавил дека на работното место во бурекчилница бил измамен од едно лице за сума од 50 евра. Според пријавеното, лицето му платило за нарачка со банкнота од 50 евра, за која подоцна се посомневал дека е фалсификувана. Полициски службеници ја подигнале банкнотата за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот. 

На 04.04.2024 во 14.20 часот на подрачјето на Гази Баба во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје привеле двајца малолетници од Скопје. Тие се сомничат дека околу 14.10 часот во автобус на ЈСП на подрачјето на Гази Баба со уште неколку други малолетници физички нападнале двајца други малолетници, исто така, од Скопје, при што оштетиле и стакло на автобусот. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 04.04.2024 во 23.55 часот на подрачје на Бит Пазар во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода М.Б.(31) и Џ.Б.(29), двајцата од с.Арачиново, скопско. Претходно, тие не застанале на знак за запирање даден од полициски службеници, по што со возилото „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, во кое се превезувале, удриле во службеното полициско возило и се обиделе да побегнат. При лишувањето тие фрлиле една јакна во која биле пронајдени два пиштоли и 20 куршуми различен калибар. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 04.04.2024 во 21.40 часот во СВР Скопје, С.С.(48) од Скопје пријавила дека околу 15.00 часот на подрачјето на Центар нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Денеска (05.04.2024) во 00.30 часот во СВР Скопје, Н.М.(31) од Куманово пријавил дека на 04.04.2024 околу 18.30 часот на подрачјето на Бит Пазар, по претходно случена сообраќајна незгода, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 
  
На 04.04.2024 во 15.30 часот во СВР Скопје, В.Ц.(56) од с.Љубанци, скопско, пријавил дека околу 09.00 часот на работното место во фирма на подрачјето на Гази Баба се здобил со тешка телесна повреда, констатирана во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје. За настанот бил известен бил трудов инспектор и се работи на расчистување на случајот.   

На 04.04.2024 во 19.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Гоце Делчев“ во Скопје, службен полициски мотоцикл удрил во велосипед управуван од Б.А.(38) од Скопје. Во незгодата со телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје. 

На 04.04.2024 во Полициската станица Виница, В.Н.(57) од Виница пријавила дека на ул.„Љупчо Сантов“ во Виница била касната од куче скитник. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против С.С.(48) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 04.09.2023 на регионален пат Кичево - Македонски Брод, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против С.Ј.(72) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. На 21.02.2024 во населба Оризари во Кочани, пријавениот го пуштил неговото куче во круг на фабрика, по што тоа нападнало едно лице и му нанело повреди. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Ј.(57) од Демир Хисар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „незаконит лов“, „загрозување на сигурноста“ и „кражба“. На 14.09.2023 на место викано „Топилница“, ловочувари го затекнале пријавениот како поставува замки за лов на дивеч, при што им се заканил и физички нападнал еден од нив. Истиот ден, кај каменоломот „Гранит“, пријавениот одзел камера од видео надзорот, сопственост на ловечко друштво. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.Н.(45) од с.Врапчиште, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени две кривични дела „предизвикување на општа опасност“. На 02.04.2024 во с.Пожаране, пријавениот предизвикал пожар во две викенд куќи, сопственост на А.Ќ. (74) и В.К.(74), двајцата од Тетово.

Остани поврзан