Една недела до одржување на изборите, партиите продолжуваат со предизборните активности
- На една недела до одржувањето на парламентарните избори и вториот круг на претседателските избори, продолжуваат препукувањата меѓу партиите, а во фокусот се и условите на партиите за постизборните коалицирања.
Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - На една недела до одржувањето на парламентарните избори и вториот круг на претседателските избори, продолжуваат препукувањата меѓу партиите, а во фокусот се и условите на партиите за постизборните коалицирања.
И од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ повикуваат на масовна излезност. ВМРО-ДПМНЕ очекува двојна победа, а од СДСМ порачуваат дека со иднината на државата нема тргување и дека единствениот пат е евроинтеграцијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашните митинзи рече дека пораката од граѓаните е јасна и дека државата ќе биде горда, достојна и трансформирана. Очекува убедлива победа на Гордана Силјановска-Давкова како претседателски кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“.
За коалицирањето со албанската опозиција „Влен“ и за уставните измени рече дека ќе се разговара по изборите. Посочи дека тој и неговата партија не функционираат врз основа на уцени и закани и дека засега ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на изборите, а по нивното завршување ќе се седне на маса со опозициските партии.
За ДУИ и за ставот на лидерот на партијата Али Ахмети кој се повикува на Мајскиот договор, Мицкоски вели дека оваа партија мора да оди во опозиција.
- Демократијата се темели на принципот - кој има мнозинство во Палраментот ја формира владата. Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило „победник со победник“. Имаше едно правило во минатото „победник со победник“ кое е резултат на договор од минатото, тој договор и тоа правило самите го прекршија во 2017 година и повторно би потсетил дека политиката не смееме да ја гледаме како „шведска маса“, настрана што ако ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство, како што се очекува, нема ниту елементарна доверба да соработува со ДУИ. Така што, тие мора да одат во опозиција, подвлече Мицкоски.
Од ДУИ, пак, велат дека не може никој да го оспорува нивниот легитимитет и дека пратениците од Европскиот фронт се вистински претставници на сите народи претставени во оваа платформа.
- Секоја таква политичка авантура ќе биде ризична за европската иднина на оваа држава и за сите политички околности што ќе се случуваат после 8 мај. Бидете сигурни дека никоја политичка гарнитура – владејачка гарнитура нема да се формира без пратениците на Европскиот фронт, затоа што пратениците на Европскиот фронт се вистинските претставници на албанскиот народ, на турскиот народ, на бошњачкиот народ, на ромскиот народ и на сите народности кои се претставени во оваа платформа, во оваа изборна програма Европа 2023-2030 година. Бидете сигурни дека политичките авантури неславно ќе завршат, а народот на крај ќе победи, вели Наим Бајрами од ДУИ.
Од здружената албанска опозиција „Влен“ очекуваат разликата во гласови од првиот круг од претседателските кандидати во албанскиот блок да се намали на парламентарните избори затоа што велат гласовите на ДУИ не се само од Албанци, туку од девет политички партии. Чисто албански концепт, како што вчера изјави лидерот на Демократското движење Изет Меџити, е „Влен“ и тие ги имаат гласовите само од Албанците.
- Ахмети првпат беше во ситуација да се спасува со гласовите од другите помали заедници. Ако на тоа се додаде и поткупот на гласови и притисоците, полнење на кутии од шоферот на Садула Дураку... Сето тоа ќе се процесуира од новата власт. Ако се изземат тие гласови, тогаш нивниот резултат е под нашиот. ДУИ не е чист албански концепт и тоа е спротивно на Мајскиот договор, рече Меџити за телевизија „Сител“.
Меџити посочи дека има разговори со ВМРО-ДПМНЕ, а во однос на распределбата на секторите рече дека редно е сектори што досега не се водени од Албанци како Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност, Управата за јавни приходи и Царината да бидат раководени од Албанци.
И од Движењето ЗНАМ-За наша Македонија вчера ги изнесоа условите за постизборно коалицирање. Лидерот на партијата, кој беше и претседателски кандидат Максим Димитриевски, на прес-конференција упати пораки до раководствата на двете најголеми партии од македонскиот блок.
Го повика раководството на СДСМ во наредните 24 часа да поднесе неотповикливи оставки од функциите во партијата, како и носителите и ко-носителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати и истите да ги преземат кандидатите кои следуваат на листите по нив.
– Нашите работни групи се подготвени за разговори и евентуална соработка со некое преодно техничко ново раководство на СДСМ кое ќе изрази политичка волја за ревидирање на досегашните нивни политики, за најважните национални прашања, но и целосна одговорност за сите поединци кои без исклучок по законот без никаква можност за амнестија, рече Димитриевски.
Тој упати порака и до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека се согласува со нивните програмски определби за неприфаќањето на уставните измени, како и неприфаќањето соработка со ДУИ.
– Барам да потврдите дека не е точно дека дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев, преку неговите фикс кандидати за пратеници, како што е Венко Филипче и други, за обезбедување на 2/3 мнозинство во идниот собраниски состав, што доколку навистина постои, имплицира дека селективната правда ќе ја имаме и во идната Влада, како што беше и досега. Во спротивно доколку немате таков став, најдобро е самите да си продолжите и јавно да соработувате, а ние ќе продолжиме заедно со народот, рече Димитриевски.
Од СДСМ порачаа дека не прифаќаат условувања и политички договори со никого бидејќи, како што велат, нема тргување со иднината на државата.
- Да одговорам на она писание кое го има напишано субјектот ЗНАМ до јавноста. Прво, раководството на СДСМ го бираат членовите на СДСМ, кои се наследници и на НОБ и на АСНОМ и на Киро Глигоров, а не вазали кои се предале и отишле да шуруваат со наследниците на Ванчо Михајлов. Второ, носителите на пратеничките листи и сите кандидати на пратеничките листи на СДСМ и на коалицијата се излезени на избори за да ја претстават програмата на СДСМ и на политичките партии кои ја сочинуваат коалицијата и со таа програма, со тие луѓе, со тие претставници на социјалдемократската идеја ние го бараме гласот на граѓаните, изјави вчера лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски на митингот во Драчево.
Тој посочи дека се фокусирани да го постигнат најдобриот резултат на претстојните избори на 8-ми мај и ги повика на мобилизација сите демократски и прогресивни сили за да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние не се откажуваме од Македонија во ЕУ! Верувајте, тоа не е цел сама за себе! Нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма, рече Ковачевски.
Од „Левица“ вчера порачаа дека нудат македонска платформа, со која, како што велат, ќе биде запрено уценувањето од албанското малцинство при формирањето на идната влада.
- На избор пред граѓаните се три платформи, на нив останува за која ќе се определат на престојните Парламентарни избори на 8 мај. Првата е веќе познатата „Тиранска“ платформа. Независно дали се нарекуваат Европски фронт или Вреди, тоа е иста необалистичка матрица која тежи кон разградување на државата. Втората е „Софиската“ платформа што ја поддржуваат македонските буржујски партии, одродената македонска елита – СДС и ДПМНЕ, од кои едните ја поддржуваат отворено, другите латентно. Нашите информации говорат дека во првите сто до 200 дена е договорено внесување на Бугарите во Уставот. И третата, тоа е платформата што ја застапува Левица, а тоа е македонска платформа во пет точки, со цел конечно да запре уценувањето при составувањето влада од албанското малцинство, изјави лидерот на партијата Димитар Апасиев во Охрид. бак/дма/
Фото: МИА архива