• сабота, 04 мај 2024

Како дел од бранот студентски пропалестински протести, во Париз студенти блокираа универзитет поради војната во Газа

Како дел од бранот студентски пропалестински протести, во Париз студенти блокираа универзитет поради војната во Газа

Париз, 26 април 2024 (МИА) - Студентите во Париз повторно протестираа денеска, откако полицијата ги разби демонстрациите на пропалестинска солидарност во средата навечер во Sciences Po, еден од најпрестижните француски универзитети.

Студентите денеска го блокираа пристапот до престижниот париски универзитет поради војната во Газа, барајќи од универзитетот да ги осуди акциите на Израел.

Студентскиот протест во Париз доаѓа во време на бран слични демонстрации на американските универзитети. 

Извикувајќи пораки за поддршка на Палестинците, студентите истакнаа палестински знамиња на прозорците и над влезот во зградата на институцијата. Некои од нив носеа црно-белата марама „keffiyeh“, која стана симбол на солидарност со Газа.

- Кога ќе видиме што се случува во САД, а сега и во Австралија, се надеваме дека ќе заживее и овде во Франција, бидејки академскиот свет има својата улога, рече 22-годишниот Хичам, студент на програмата за човекови права и хуманитарни науки.

Полицијата ја отстрани првата група студенти кои го блокираа Sciences Po во средата навечер, потег што беше осуден од левичарските политичари.

Судири меѓу полицијата и студентите кои се противат на израелската војна во Газа повторно избувнаа вчера во американските кампуси, што повторно ја разгоре расправата за насилните методи што ги користат органите на редот за задушување на протестите кои се интензивираа по масовните апсења на Универзитетот Колумбија минатата недела.

Во меѓувреме, водечкиот калифорниски универзитет ја откажа својата церемонија на доделување дипломи, поради ширењето на пропалестинските протести по факултетите. Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC) во Лос Анџелес наведе „нови безбедносни мерки“ како причина за откажување на настанот, јави Би-Би-Си.

Стотици лица се уапсени во десетици кампуси каде што се избувнаа протести и демонстрации за поддршка на Палестинците во Газа.

Чисато Мимура, студентка по право и водач на протестите на Универзитетот Јеил во Конектикат, изјави за Би-Би-Си дека активистите се вознемирени од претседателот Џо Бајден, како и од нивните универзитетски власти за „буквално финансирање и опремување со оружје што се користи за геноцид“.

- Она што тие го прават е целосно застанување зад ова дело, рече таа. - Ние сме свесни за истакнатата улога што ја имаат, вели Мимура за Би-Би-Си.

Од друга страна, дел од протестите во американските кампуси беа обвинети за антисемитизам. Голем број еврејски студенти рекоа дека се чувствуваат небезбедни на Колумбија и на други универзитети, иако на демонстрациите се приклучија и други еврејски студенти. ссм/

фото: принтскрин/ЕПА

 

Остани поврзан