• недела, 12 мај 2024

Најмалку 39 загинати, десетици исчезнати во поплавите во јужен Бразил

Најмалку 39 загинати, десетици исчезнати во поплавите во јужен Бразил

Бразилија, 4 мај 2024 (МИА) – Во поплавите во јужен Бразил по неколкудневните обилни дождови загинаа најмалку 39 лица, а уште 68 лица се водат како исчезнати, соопштија доцна синоќа властите за цивилна одбрана.

Повеќе од 24.000 луѓе се раселени од своите домови поради поплавите, кои погодија повеќе од 265 општини во бразилската држава Рио Гранде до Сул. Повеќе од 8.000 луѓе се сместени во засолништа за итни случаи.

Во Порто Алегре, главниот град на државата, езерото Гуаиба формирано од сливот на неколку реки, синоќа достигна рекордно ниво од 4,77 метри, соопштија градските власти за цивилна одбрана.

Ова го надмина за еден сантиметар претходниот рекорд поставен во 1941 година.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва ја опиша катастрофата како една од најлошите поплави во историјата на земјата.

- Никогаш во историјата на Бразил немало толку многу дожд на едно место, рече тој на прес-конференција со јапонскиот премиер Фумио Кишида во главниот град Бразилија.

Официјални лица рекоа дека се распоредени повеќе од 2.000 цивилни спасувачи, а Министерството за одбрана соопшти дека повеќе од 900 војници биле испратени заедно со девет воени авиони и 98 чамци за да помогнат во спасувачките операции.

Досега се спасени повеќе од 8.000 луѓе.

Дождот почна во понеделникот и предизвика големи поплави и свлечишта во некои области. Оштетени се куќи и мостови, а многу патишта се непроодни.

Во четвртокот делумно пукна и една брана, потсетува ДПА. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан