• недела, 22 декември 2024

Истражување: Германците сметаат дека се мали шансите Шолц да ја задржи власта

Истражување: Германците сметаат дека се мали шансите Шолц да ја задржи власта

Берлин, 13 ноември 2024 (МИА) – Повеќето Германци го сметаат конзервативниот лидер Фридрих Мерц како фаворит пред федералните избори во земјата што се очекуваат следната година, покажа истражување спроведено од YouGov за ДПА објавено денеска.

Од речиси 2.200 испитаници, 44 отсто го гледаат Мерц, шефот на партијата Христијанско-демократска унија пред канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократите (СПД), кој беше поддржан од шест отсто од анкетираните.

Мерц е водечки избор кај сите возрасни групи, особено кај постарите гласачи, каде што 57 отсто од оние над 70 години го поддржуваат, во споредба со само три проценти за Шолц.

На Шолц, исто така, му недостасува силна поддршка од сопствената партиска база. Само осум проценти од гласачите на СПД од 2021 година веруваат дека тој има шанса за втор мандат.

Министерот за економија Роберт Хабек од Зелените доби поддршка од седум отсто.

Лидерката на десничарската Алтернатива за Германија (AfD) Алис Вајдел ја сметаат за потенцијална кандидатка за канцеларка 13 отсто од испитаниците, и покрај неверојатноста таа да ја добие главната политичка функција во Германија, бидејќи ниту една друга партија нема да соработува со AfD во коалиција.

YouGov анкетираше 2.193 луѓе од 8 до 12 ноември и ја стави маргината на грешка на +/-2,1 процентен поен. јт/

Остани поврзан