• среда, 05 март 2025

Извештај за слободата на медиумите во Европа во 2024: Политички притисоци, дезинформации и ерозија на медиумската независност

Извештај за слободата на медиумите во Европа во 2024: Политички притисоци, дезинформации и ерозија на медиумската независност

Брисел, 5 март 2025 (МИА) - Не може да се гради демократија без заштита на новинарите и почитување на слободата на медиумите, беше порачано на денешната презентација на Извештајот за слободата на медиумите во Европа во 2024: Соочување со политички притисоци, дезинформации и ерозијата на независноста на медиумите на Платформата за безбедност на новинарите (СЈП). 

- Во 2024 година најголема загриженост и натаму предизвикуваше војната во Украина, каде украински и странски новинари секојдневно ги ризикуваа своите животи на првите борбени линии. Медиумските професионалци, како и другите цивили низ целата земја, ја издржа постојаната закана од руските бомбардирања. Суштинската улога на медиумите во покривањето на конфликтите беше дополнително предизвикана од кршењето на медиумската слобода во услови на актуелните кризи во Газа, на Западниот Брег и поширокиот регион на Блискиот Исток, се наведува во Извештајот. 

Во документот се посочуваат обиди за „заробување на медиумите“ од страна на државата и политичките партии преку регулаторно мешање, манипулации со сопственоста и финансиски притисок, што претставува „широко распространета загриженост за поткопување на слободата на медиумите и плурализмот. 

- За спротивставување на оваа растечка закана, потребни се итни мерки, вклучително и поголема транспарентност за сопственоста на медиумите, посилни законски заштитни мерки за да се спречи несоодветно влијание и создавање на независни регулаторни тела што ќе го поддржуваат интегритетот на уредувачките политики и ќе обезбедат разновиден медиумски пејзаж, се наведува во Извештајот. 

СЈП посочува дека изборите во повеќе земји членки на Советот на Европа и во САД укажаа на зголемено влијание на нелибералните и популистичките партии, кои честопати се „непријателски настроени кон критичните и новинарството од јавен интерес, што го покажаа преку својата реторика, правни ограничувања на медиумите и регулаторно мешање со кое беа поткопани јавните радиодифузни сервиси“. 

- Медиумите од јавните сервиси останаа бојно поле во борбата за независност, бидејќи некои влади продолжија да го искористуваат регулаторните и финансиските инструменти за контрола. Од недоволното финансирање, па до целосното мешање во уредувачката политика, овие тактики ја ослабнаа довербата на јавноста во медиумските институции, се наведува во документот. 

Извештајот документира „обемни злоупотреби“ во Европа, поради што ја нагласува итната потреба за обемни законодавни и практични реформи, по примерот на Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА) и Директивата на ЕУ за борба против Стратешките правни постапки против учеството на јавноста (СЛАПП). 

- Овие мерки поттикнаа поповолна средина за заштита на слободата на медиумите и гарантирање на безбедноста на новинарите. Сепак, имплементацијата на национално ниво останува неконзистентна и, во многу случаи, треба допрва да започне, се посочува во документот. 

Авторите на извештајот посочуваат дека технолошкиот напредок создава нови ризици за слободата на медиумите, преку кампањите за дезинформации со содржини генерирани од вештачката интелигенција и лансирање лажни видеа, кои се повеќе се користат за дискредитација на новинарите и за намалување на довербата на јавноста во медиумите. 

- Во 2024 година ги имаме првите документирани случаи на кампањи за дезинформации генерирани од вештачка интелигенција насочени директно кон новинарите. Како што овие технологии стануваат пософистицирани и лесно достапни, така уште поклучна станува улогата на новинарството во борбата против дезинформациите и проверката на фактите. Креаторите на политиките ќе мора да ја вклучат вештачка интелигенција во пошироките стратегии за заштита на медиумите, се додава во Извештај за слободата на медиумите во Европа. 

Како нова растечка закана за безбедноста на новинарите и за доверливоста на изворите на информации се посочуваат и следењето и користењето на софтвери за шпионирање, кои се се поприсутни и тешко се откриваат. 

- Покрај внатрешните притисоци, се зголеми и заканата од транснационална репресија, при што новинарите во егзил се почесто се изложени на следење, вознемирување и заплашување од нивните матични земји. Платформата документира неколку случаи кога новинарите во егзил беа цел на дигитален надзор, закани до членови на семејствата и постапки чија цел е да ги принудат на молчење, се посочува во Извештајот. 

Во него се нотира дека некои влади се повеќе ги таргетираат новинарите во егзил со злоупотреба на меѓународните правни инструменти, како што се „црвените потерници“ на Интерпол, со што се поткопува слободата на медиумите на глобално ниво.  

- Партнерите на Платформата повикаа на итни реформи за справување со овие злоупотреби и обезбедување дека земјите домаќини обезбедуваат соодветна заштита, вклучително и забрзување на постапките за азил и зајакнување на безбедносни мерки за овие новинари, се вели во Извештајот, при што се додава дека ваквите појави ја наметнуваат потребата од воспоставување на меѓународни механизми за заштита новинарите во егзил. 

Во документот се потенцира дека како одговор на сите овие предизвици, асоцијациите за слобода на медиумите и новинарските организации ги интензивираа своите кампањи за заштита на новинарството и демократските вредности, апелирајќи до земјите членки на Советот на Европа да се придржуваат до своите обврски и до меѓународните договори, вклучително и Европската конвенција за човекови права, како и да се спроведат реформи кои гарантираат независност и плурализам на медиумите. 

- Иако 2024 година ги истакна итни предизвици за слободата на медиумите, таа исто така ја покажа издржливоста и колективната акција. Напорите за застапување, правните реформи и меѓународната соработка нудат надеж за одржување на независното новинарството, се заклучува во Извештајот на Платформата за безбедност на новинарите, која ја нагласува важноста на координирана акција за заштита на слободата на медиумите. 

Во документот се наведува и дека лани Платформата регистрирала 266 закани врз новинарите во Европа, од кои најмногу, 40, во Украина, од кои повеќето на териториите под руска окупација, потоа 32 во Русија, 28 во Турција, 20 во Србија и 18 во Грузија, која воедно бележи нивно тројно зголемување во 2024 година.  

- Додека Џулијан Асанж конечно беше ослободен од затворот во Лондон, а на белорускиот режисер Андреј Гњот, приведен во Србија врз основа на „црвена потерница“ на Интерпол, му беше дозволено да замине во земја на ЕУ, голем број новинари и медиумски работници остануваат зад решетки, наведува Платформата. 

Во Извештајот се нотира дека на 31 декември 2024 година во затвор биле 159 новинари или медиумски работници во Европа, кои биле лишени од слобода поради активности поврзани со нивното работење, од кои 44 во Белорусија, 30 во Азербејџан, 29 во Русија, 28 на териториите под руска окупација во Украина, 27 во Турција и еден во Грузија. 

- Минатата година, исто така, беа забележани и случаи кога новинари и медиумски работници беа привремено притворени со цел да се попречи нивната работа и да се обесхрабрат други да преземаат слични истражување. На пример, во јуни, новинарка од француската независна информативна платформа „Бласт“ беше задржана 32 часа од полицијата откако одби да ги открие нејзините извори на информации, се наведува во извештајот. 

Платформата забележала и „вознемирувачки примери на наводен дослух“ помеѓу безбедносните агенции, судството и осомничени сторители на кривични дела, како и случаи на неказнивост поврзани со убиства на новинари. 

- Неказнувањето на убијците на новинарите и нивните спонзори, продолжи да биде една од главните закани по безбедноста на новинарите, бидејќи тоа е еднакво како и „дозвола за убивање“, се потенцира во Извештајот за слободата на медиумите во Европа во 2024: Соочување со политички притисок, дезинформации и ерозијата на независноста на медиумите, на Платформата за безбедност на новинарите (СЈП). 

Платформата за безбедност на новинарите е заеднички проект на Советот на Европа и мрежата на организации за слобода на медиумите, формирана во 2015 година, со примарна цел е да биде механизам во реално време за следење и справување со заканите против новинарите и медиумските професионалци, кои се движат од вознемирување и физички напади, па до правни и политички притисоци. 

Платформата работи на собирање и проверка на информациите за сериозни закани по слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и со нивно објавување се обидува да обезбеди одговорност за овие дела и да ги охрабри земјите членки на Советот на Европа да ги исполнат своите обврски согласно Европската конвенција за човекови права за заштита на слободата на изразување.  

Исто така, СЈП служи и како алатка за застапување и известување, нудејќи преглед базиран на докази за трендовите и предизвиците по безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Европа, обезбедувајќи основа за пошироки напори за спротивставување на заканите по медиумските слободи. сп/ 

Фото: МИА/Извештај на СЈП 

Остани поврзан