• четврток, 06 март 2025

Велика Британија, Франција и Германија го повикуваат Израел да се држи до обврските за Газа

Велика Британија, Франција и Германија го повикуваат Израел да се држи до обврските за Газа

Лондон/Париз/Берлин, 5 март 2025 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција и Германија го повикаа Израел да ги почитува меѓународните обврски за обезбедување хуманитарна помош за жителите на Газа.

„Ја повикуваме владата на Израел да ги почитува своите меѓународни обврски и да обезбеди целосен, брз и непречен проток на хуманитарна помош за населението во Газа“, се наведува во заедничката изјава на министрите.

Се додава дека „хуманитарната помош никогаш не треба да се користи како политичко средство“.

Хуманитарните претставници со денови предупредуваат дека резервите на храна и лекови, како и бројот на засолништа во Газа се ограничени, со ризик да се расипат залихите во камионите кои чекаат да влезат во енклавата, откако Израел забрани влез на помош во Појасот Газа.

Медицинската добротворна организација Лекари без граници предупреди дека суспензијата на помошта ќе додаде значителен притисок врз два милиона Палестинци во енклавата кои продолжуваат да страдаат од недостиг на основни добра по 16 месеци војна.

Израел претходно го обвини Хамас за кражба на помош, што групата го негираше. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан