• сабота, 18 мај 2024

Епископ г. Дамаскин од Романија во посета на Бигорски манастир

Епископ г. Дамаскин од Романија во посета на Бигорски манастир

Дебар, 20 октомври 2023 (МИА) – Во посета на Свештена бигорска Обител деновиве престојува Преосвештениот г. Дамаскин Дорниски, викарен Епископ на Архиепископијата на Сучава и Радауци, од сестринската Романска православна црква, заедно со својот архиѓакон, отец Ефрем.

- Нашиот старец епископ Антаниски г. Партениј му се обрати на ценетиот гостин, при што меѓу другото, кажа дека иако за првпат се среќава и го запознава својот гостин во живо, токму поради заедничката љубов кон Христа и кон монаштвото, како и поради мистичното единство во Божествената Евхаристија, го чувствува за мошне познат и близок, како вистински брат во Господа, информираа од Бугорскиот манастир.

Епископот г. Дамаскин, од своја страна благодарствено возвратил дека тоа чувство на духовно познанство и единство во Христа е обострано, дотолку повеќе што тој и неговиот архиѓакон редовно ги следеле видео-содржините од Бигорската Обител и особено биле воодушевени од документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“.

- Всушност, откако го изгледале ова јубилејно филмско остварување, тие конечно се решиле да дојдат и да ја посетат бигорската скинија на Чесниот Претеча. Владиката од Романија ја истакна и својата нескриена радост што со одлуката на Вселенската Патријаршија од месец мај минатата година, нашата Црква се наоѓа во литургиско и канонско единство со сите останати помесни православни цркви, додаваат од манастирот.

Заедно со владиката Партениј имале и сослужение во Бигорски а на крајот од Светата Литургија, во знак на благодарност за посетата и за сослужението, г. Партениј му подарил на гостинот владика архијерејски енколпион со ликот на Свети Јован Крстител од неговата чудотворна бигорска икона, изработен во чест на илјадагодишниот јубилеј од постанокот на Манастирот.

Ценети гости од Романија имале можност да ги посетат и да се запознаат со христијанските светињи во Ростуше, Битуше, Рајчица и Охрид, а вчера оствариле средба и со надлежниот Митрополит на Дебарско-кичевската епархија, неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј. вт/ир

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан