Дебрани изразија почит за загинатите во несреќата во Кочани и за нивниот Андреј „ДНК“ со мирен собир во центарот на градот
- Ученици и професори од Гимназијата „28 Ноември“ и граѓани на Дебар попладнево во центарот на градот оддадоа почит на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу кои беше и Андреј „ДНК“, нивен поранешен сограѓанин.

Дебар, 19 март 2025 (МИА) – Ученици и професори од Гимназијата „28 Ноември“ и граѓани на Дебар попладнево во центарот на градот оддадоа почит на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу кои беше и Андреј „ДНК“, нивен поранешен сограѓанин.
Дека болката и тагата не разликуваат национална и верска припадност потврди големото присуството на граѓани од сите етнички заедници кои живеат тука, кои рекоа дека „од дното на душата не посакуваат да се случи ваква трагедија и никогаш и никаде да не се повтори“.
По триминутниот молк, пред присутните се обрати Анѓелина Василевска, педагог, која меѓу другото рече дека „овој собир е потсетник дека во најтешките мигови сплотеноста и човечноста се најважни“.
-Ве повикувам сите тука присутни, независно од национална и верска припадност да се помолиме за сите жртви, меѓу кои е и нашиот естраден уметник - дебранецот Андреј Ѓорѓиевски, во знак на сочувство и солидарност, за покој на душите на загинатите и побрзо закрепнување на повредените, додаде Василевска.
Учениците носеа плакати на кои и на македонски и албански јазик меѓу другото пишуваше „И Дебар тагува во тебе Андреј“, „Пепел и солзи останаа само“, „Убивањето на младите е убиство на иднината“... Потоа положија цвеќе и запалија свеќи околу фотографијата на Андреј во центарот на Дебар, на плоштадот „Скендербег“, каде пред два дена почит му оддадоа претставници на коалицијата „Вреди“.
-Беше горд на тоа дека е од Дебар, а ние пак горди дека го имавме него. Го познавав лично, неговото срце беше планина, голем другар, уметник, хуманитарец. Повеќе од жално за сите изгубени млади животи, рече низ солзи негова соученичка.
Сите кажаа дека се дојдени да „оддадат почит за нашиот Андреј и сите млади души загубени во кобната трагедија во Кочани, трагедија која Македонија ја завитка во црно“.
-Не можам да искажам колку ми е тешко како родител и како граѓани за оваа трагедија. Тажни сме што го изгубивме Андреј, кој каде и да се појавеше гордо кажуваше дека е од Дебар. Утеха ќе ни бидат неговите хитови што ги остави зад себе. Сочувство до неговото и до семејствата на починатите, царство небесно, рече друг граѓанин.
Црквата „Света Петка“ неколку дена е отворена за сите верници кои сакаат да се помолат за Андреј и за душите на трагично загинатите, а в сабота (22) март ќе се служи света литургија за упокоение на нивните души.
Андреј беше роден во Скопје во 1982 година. Неговите родители, татко му Јован, дебранец и мајка му Ана, од Скопје, живееја во Дебар. Детството и шест години од основното образование ги мина во Дебар. Секогаш кога беше во можност го посетуваше Дебар и езерото, каде, како што велеше, ги поминал најубавите денови од животот. вт/мд/
Фото: МИА