Превентивна активност на СВР Куманово за заштита од кражби
- ВР Куманово денеска во центарот на градот спроведе теренска превентивна активност во централното градско подрачје, насочена кон заштита на граѓаните од имотни деликти, информираа од полицијата.
Куманово, 15 јули 2025 (МИА) - СВР Куманово денеска во центарот на градот спроведе теренска превентивна активност во централното градско подрачје, насочена кон заштита на граѓаните од имотни деликти, информираа од полицијата. Акцијата ја реализираа полициските службеници од отсекот за превенција, кои ги советуваа граѓаните како да се заштитат од кражби, разбојништва, џебни и дрски кражби, особено во летниот период кога е зголемена фреквенцијата на патувања.
Од СВР Куманово ги повикаа граѓаните да не објавуваат фотографии на социјалните мрежи дека се заминува од домот, пред излегување да се проверат вратите и прозорците, а посебно внимание да се обрне на прозорците во приземјето и на отворените тераси. Полицијата потсети и на важноста од внимателно чување на личните предмети, пари и банкарски картички, како и да не се оставаат вредни предмети на видно место во возилата.
-Превенцијата е првиот чекор кон спречување на кривични дела. Затоа СВР Куманово постојано реализира активности и кампањи со цел подигање на свеста кај граѓаните и намалување на бројот на ваквите дела, велат од полицијата.
Оттаму апелираат до граѓаните дека заедничката одговорност и соработка со полицијата се клучни за создавање побезбедна средина за сите. ам/
Фото: СВР Куманово