• четврток, 13 јуни 2024

Во Гостивар одбележани 100 години од раѓањето на народниот херој Чеде Филиповски-Даме

Во Гостивар одбележани 100 години од раѓањето на народниот херој Чеде Филиповски-Даме

Гостивар, 16 ноември 2023 (МИА) – Со пригодна манифестација на градскиот плоштад во Гостивар се одбележаа 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски – Даме народен херој и учесник во Народно ослободителната војна.

Зборувајќи за овој борец, кој потекнува од гостиварско, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во говорот потсети на неговиот придонес во ослободувањето на земјата и Гостивар по фашистичката окупација.

-Даме на 20 години имал непогрешливо чувство за војување и неизмерна храброст за јуришање во сите борби. Со таков јуриш, во првите редови, на денешен ден пред 79 години, влегол и во завршната битка за ослободување на Гостивар. Во неговата борба за слобода и во неговата претстава за слободна Македонија сите граѓани биле еднакви без разлика на нивната етничка припадност. И во тоа е големината, и тоа е што ги прави луѓето големи, рече министерката, Костадиновска-Стојчевска.

Таа меѓу другото посочи дека Владата и Министерството за култура негуваат посебен однос кон нашето антифашистичко минато и кон сите наши борци, народни херои, ослободители и дека работат на обновување на сите споменици од Народно ослободителната војна.

Покрај обраќањата на внуката на Чеде, Мира Филиповска Бојковска, претставници на општината и боречката организација, беше прикажан и документарен филм за народниот херој со сведоштва на негови соборци, роднини.

Манифестацијата беше заокружена со културно уметничка програма и настапите на женското трио „Шербет“ и ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.

Одбележувањето на годишнината од раѓањето на Чеде Филиповски е влезено во програмата на општина Гостивар за одбележување и значајни датуми. Споменик со бронзена статуа е поставен на градскиот плоштад во чест на неговиот придонес во борбата против фашистичката окупација.

Чеде Филиповски е роден во 1923 година во село Ниќифорово. Тој е еден од организаторите на НОВ во Мавровско-гостиварскиот крај. Прекарот Даме го користи по славниот илинденец Даме Груев. Бил делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загинува кај Радовиш на 26 јуни 1945 година во сообраќајна несреќа, возејќи мотоцикл од Штип за Струмица. За народен херој прогласен постхумно во 1949 година. згм/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан