• петок, 17 мај 2024

Војдан Стојановски: Покажавме карактер

Војдан Стојановски: Покажавме карактер

Скопје, 27 февруари 2023 (МИА) – Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски е задоволен од изданието на „црвено-жолтите“ во претквалификациите за Евробаскет 2025 и изборениот пласман во главните квалификации.

 Со пет победи и еден пораз, македонската репрезентација заврши на првото место од групата Д“ од втората рунда претквалификации.

Во одлучувачкиот натпревар одигран вчеравечер во Осло извојувана е убедлива победа.

- Имаше некоја доза на вознемиреност откако дознавме дека Словачка стигна до драматична победа во Данска, неспорно, но и ништо страшно. Но, искрено, се чини дека тоа беше и дополнителен мотив кај сите нас, дека се е во нашите раце на средбата во Осло. Влеговме во натпреварот како што и посакувавме, многу подобро од онаа средба во Левице, кога му дозволивме на противникот шутерски да се отвори и да ни даде 15 тројки. Норвежаните се познати по добриот шут за три поени, и интенција ни беше да ги спречиме нивните главни шутери. Можеби оваа средба во Осло заличи на онаа од Гевгелија, кога навистина ги исполнивме сите задачи во дефанзивата. Она што е извесно е дека оваа екипа покажа карактер. Ниту во еден момент не им дозволивме на Норвежаните да се надеваат на некое изненадување и ја оправдаме улогата на фаворит, изјави В. Стојановски.

Предводникот на нашата сениорска репрезентација, посакува да го направиме и оној друг, решавачки чекор, повторно да се обезбеди учество на едно големо натпреварување какво што несомнено е Европското првенство.

- Со една добра ждрепка, и системот за натпреварување кој вели дека три од четирите селекции учесници во групната фаза од квалификациите одат на Евробаскетот, имаме шанси, кои се реални. Имаме доволно време до следните активности, мислам дека ќе играме и олимписки претквалификации кои треба да бидат добра подлога за она што следува во оние вистински квалификации за Европското првенство. Битно е да сме комплетни, да бидеме здрави, во добра натпреварувачка форма, не се сомневам дека ќе го дадеме својот максимум на секој нареден натпревар, порачува капитенот Стојановски.

Многу извесно е дека олимписки претквалификации ќе бидат реализирани во август, а од ноември, треба да стартуваат и квалификациите за Европското првенство во 2025 година. зс/

Фото: КФСМ

Остани поврзан