• недела, 12 мај 2024

Берово победник на конкурс за најеко општина

Берово победник на конкурс за најеко општина

Берово, 27 февруари 2024 (МИА) - Општина Берово е победник на конкурсот за најеко општина, објавен од компанијата „Пакомак“ во соработка со невладината организација „Балкан еко институт“.

Од страна на „Пакомак“ и „Балкан еко институт“, општината ќе добие детски реквизити, како награда и поддршка за сопствените вложувања во екологијата и заштитата на животната средина.

- Како победничка општина, Берово бележи значителни резултати кон еколошки придонеси, како во однос на еко-проектите во текот на изминатата година, така и во однос на соодветно менаџирање на вкупниот генериран отпад, на ниво на општина и унапредување на системот за селектирање отпад, пишува во соопштението на Општината по повод добиената награда.

Градоначалникот Звонко Пекевски изрази благодарност до „Пакомак“ и „Балкан еко институт“, за тоа што ги препознаваат еколошките вредности на Берово, како примат на еколошка општина и што по вторпат ја доделуваат титулата најеко општина.

- Пригодните награди што се обезбедени, треба да бидат од корист на сите луѓе од заедницата и да нѐ поттикнуваат кон активното учество во борбата за почиста околина, секојдневна грижа и заштита на животната средина и негување на еколошките вредности, истакна Пекевски.

Берово по вторпат го добива епитетот за најеко општина. Првпат „Пакомак“ ѝ го додели ова признание во 2020 година. вс/бд/

Фото: Општина Берово

Остани поврзан