• понеделник, 19 август 2024

Рускиот апелациски суд ја потврди пресудата на американскиот војник Гордон Блек во случајот за кражба и закани за убиство

Рускиот апелациски суд ја потврди пресудата на американскиот војник Гордон Блек во случајот за кражба и закани за убиство

Moсква, 19 август 2024 (МИА) - Рускиот апелациски суд ја отфрли жалбата на пресудата на првостепениот суд во случајот против постариот наредник од вооружените сили на САД, Гордон Блек, јавија руските медиуми.

„Апелацискиот суд одлучи: казната на Окружниот суд во градот Владивосток треба да остане непроменета. Жалбата на адвокатот треба да се отфрли“, наведе судијата во одлуката во врска со случајот.

Гордон Блек, 34-годишен постар наредник, беше прогласен за виновен во Русија под обвинение за кражба и упатување закани за убиство. Но, пред тоа, тој прекршил и голем број воени правила на САД со тоа што отпатувал во Русија без дозвола и летал низ Кина за да стигне таму.

Блек имал и вонбрачна врска, која е забранета во вооружените сили на САД. Вонбрачната врска била со Русинката Александра Вашчук, која ја запознал додека бил стациониран во Јужна Кореја. Блек ја следел до градот Владивосток на рускиот Далечен Исток, каде по расправија го пријавила во полиција.

Мајката на Блек, Мелоди Џонс, рече дека тој ја следел својата девојка во Русија. За време на судењето во Русија, тој призна дека украл 10.000 рубли (116 долари) од чантата на Вашчук, но негираше дека и се заканил дека ќе ја убие. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан