• вторник, 27 август 2024

Ѓуровски: Треба да сме под едно исто знаме за да се справиме со пожарите

Ѓуровски: Треба да сме под едно исто знаме за да се справиме со пожарите
Скопје, 7 август 2021 (МИА) - Воспоставен e систем на координација во услови на кризна состојба согласно Законот за управување со кризи со што се овозможува соодветна субординација и едностарешинство во носењето и во спроведувањето на одлуките во борбата против катастрофата, оценува за МИА универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, кој учествува во работата на Главниот штаб за управување со кризи на ЦУК, давајќи оперативна поддршка на битка на Армијата, пожарникарите, МВР, ЦУК, ДЗС и другите институции во справувањето со пожарите. Според него, плански се искористуваат расположливите ресурси, при што особено е значајна поддршката од воздух од Армијата и помошта добиена од соседните земји, како и ЕУ и НАТО механизмот за цивилна заштита. - Научените лекции од прогласената кризна состојба, јаките и слабите страни, како и евентуалните недостатоци во справувањето со пожарите, ќе го направат пофункционален системот и надминување на слабостите преку градење на нов концепт на систем за управување со кризи и заштита и спасување,но сега не е време да се зборува за тоа, важно е успешно да се справи постојниот систем на државата со пожарите, вели Ѓуровски, кој е доктор по безбедносни и одбранбени науки. Тој најави дека тим на универзитетски професори ќе излезе со посебни препораки по справување со пожарите и завршување на кризната состојба. - Во овие тешки времиња, најважно е сите да сме под едно исто знаме и да се справиме со пожарите,кои се последица на природни и на технички причини, како и нивно подметнување од економски и други различни побуди, порача Ѓуровски. сп/

Остани поврзан