• вторник, 24 декември 2024

Љутков: Формирана е комисија која работи на случајот со злоупотребите од службената картичка, злоупотреби има и кај капиталните инвестиции

Љутков: Формирана е комисија која работи на случајот со злоупотребите од службената картичка, злоупотреби има и кај капиталните инвестиции

Скопје, 27 август 2024 (МИА) - Жал ми е што претходната министерка за култура се дрзна да излезе и да ги негира наводите за злоупотреба на буџетски пари, бидејќи со ова ја негира институцијата со која раководела. Има премногу злоупотреби не само во делот на трошењето на народните пари на службената картица, туку има големи злоупотреби и незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции. Полека ќе излегуваат на виделина, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој за време на неговата посета во НУБ „Св. Климент Охридски“, одговорајќи на новинарско прашање во врска со наводните злоупотреби на буџетски пари од претходната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска за време на службени патувања, потенцираше дека е формирана работна група која работи на овој случај. Има извештај што и како е трошено.

- Формирана е работна група. Како министер за култура и туризам кога стапувам на позиција, барам отчетност од тоа што се работело во претходните години. Побарав отчетност во претходните две и пол години додека била таа министерка, бидејќи преземам функција, сакам да знам каква е состојбата. Имам направено многу работни групи, кои што работат на многу процеси, рече Љутков.

Една работна група е, како што посочи, да се откочат процесите во заштитата на културното наследство, бидејќи постоеле средства што не се трошеле. Според министерот, тешки последици може да има по одредени процеси кои што ги преземала министерката во последните две и пол години.

- Зошто тоа не се трошело? Зошто не се распишувале тендери? Тоа е страшно, ќе се појавам на посебна прес-конференција да откријам страшни работи во делот на нејзиното работење, но работните групи полека ги испитуваат случаите и го испитуваат случајот со трошењето на службената картица. Таму има извештај што е трошено и како е трошено. Како таа ја негира работната група, кога работела со тие луѓе. Тие луѓе со кои соработувала министерката се потпишани на извештајот и се дел од работната група, рече Љутков.

Како што посочи, она што го презентира ВМРО-ДПМНЕ, е само дел од информациите со коишто располагаат.

- Има премногу злоупотреби, не само во делот на трошењето на народните пари на службената картица, туку има големи злоупотреби и незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции, додаде Љутков.

ВМРО-ДПМНЕ од викендот почна со прес-конференции наречени „Бисера Антоанета“ на кои тврди дека поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на службени патувања трошела буџетски средства за приватни цели.  

По ова, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет по допрен глас за да се утврдат наводите за злоупотреба на буџетски пари од страна на поранешната министерка.  Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска во изјава за МИА вели дека денеска ќе го испратат барањето за обезбедувањето на документацијата.

Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција посочи дека ќе одговара ако се утврди неправилност, а во спротивно најави тужба против ВМРО-ДПМНЕ. бт/бак/

Фото: принтскрин

Остани поврзан