• среда, 27 ноември 2024

Мицкоски: Посветено ќе работиме на одблокирање на евроинтеграциските процеси, но тоа не зависи само од нас

Мицкоски: Посветено ќе работиме на одблокирање на евроинтеграциските процеси, но тоа не зависи само од нас

Скопје, 27 август 2024 (МИА) – Ние сме за одблокирање на евроитеграциските процеси и ќе работиме посветено на таа агенда, но од другата страна треба да имаме партнер со кој ќе можеме да комуницираме. Во Бугарија на 27 октомври се закажани избори, до тогаш тие имаат техничка влада. После тоа се надевам дека ќе има политичка влада и се надевам дека со таа политичка влада ќе можеме да седнеме на маса и да најдеме заедничко решение со кое конечно ќе се тргне децениската блокада која ја имаме како држава во евроитегративниот процес, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека нивниот став е принципиелен – за се треба двонасочна улица.

-Остануваме посветени. Реформскиот план е она за кое денеска зборуваме и е дел од ЕУ-агендата. Продолжуваме понатаму да работиме за полноправно членство во Европската Унија, ќе ги решаваме домашните проблеми, ќе правиме реформи. Тоа што е до нас ние ќе го завршиме, но за жал тој процес не зависи само од нас, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање за процесот на уставните измени на денешната заедничка прес-конференција во Владата со министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Прашан дали има други креативни решенија доколку Бугарија не сака да репреговара за уставните измени, Мицкоски рече дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија и да се отвори дијалог со нив.

-Ние сме соседи и треба да градиме добри добрососедски односи. Впрочем имаме и таков Договор за добрососедство кој треба да биде основа за да можеме да продолжиме понатаму. Додатоците од типот на Француски предлог можат да имаат уште еден додаток – Француски предлог плус итн.. Убеден сум дека нашиот источен сосед ако го гледа и својот интерес ќе му стане јасно дека процесот на преговори мора да почне за нас ако сакаме да имаме една целина како Балкан која ќе биде дел од Европската Унија. Убеден сум дека таму има политичари кои тоа сакаат да го видат, потенцира Мицкоски.

Тој потсети дека граѓаните кај нас се соочија со барања и понижувања како ниедни други граѓани кои се дел од сите земји кои порано беа дел од источниот блок кога пристапуваа кон членството во Европската Унија.

-Скоро 20 години сме кандидати за членство во ЕУ, а скоро 25 години поминаа откако го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација, дури и пред некои земји кои сега се членки на ЕУ. За жал поради непринципиелни барања и поради домашни политичари кои, на сметка на сопственото богатење и корупција, прифаќаа се и сешто ние не сме во можност да продолжиме понатаму, рече Мицкоски.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани истакна дека уставните измени беа тема за која беше разговарано во текот на формирањето на Владата и додаде дека тоа се правеше без да биде ставена на маса како ултиматум, туку како грижа за да се забрза интеграцијата на земјава во Европската Унија.

-Сакавме да дадеме дополнителна динамика на почетокот на работата на Владата за сите заеднички да се фокусираме како да најдеме заедничко решение. Затоа има многу големи и чести средби помеѓу претставниците на Владата и пошироко. Сметам дека за проблемот на уставните измени, кој не зависи само од нас, ќе се најде решение кое дефинитивно ќе го одблокира патот на земјава кон Европската Унија, потенцира Муртезани.вј/лв/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан