• четврток, 05 декември 2024

ХРВ: Саудиска Арабија не може да биде домаќин на СП2034 без заштита на правата на странските работници

ХРВ: Саудиска Арабија не може да биде домаќин на СП2034 без заштита на правата на странските работници

 

Женева, 4 декември 2024 (МИА) – Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ) ја повика денеска Светската фудбалска федерација (ФИФА) да не и ја додели на Саудиска Арабија организацијата на Светското првенство во 2034 година, доколку оваа земја не обезбеди заштитата на работниците мигранти ангажирани на големи градежни проекти.

Во извештајот насловен „Прво умри, ќе ти платам подоцна“, ХРВ ги детализира наводните злоупотреби откако разговараше со повеќе од 150 сегашни и поранешни работници и семејства на оние кои загинаа во Саудиска Арабија во текот на двете години од изготвувањето на извештајот.

Организацијата наведе злоупотреби, вклучително и плаќање на нелегални и високи такси за регрутирање, принудна работа, кражба на плати, работа во екстремни жештини и недостаток на правна заштита. Истражувачите разговарале со работници во градежништвото, угостителството, приватните здравствени услуги и малопродажбата.

„Саудиските власти систематски не успеваат да ги заштитат од овие злоупотреби и истите да ги отстранат. Овој очигледен неуспех да ги заштити работниците мигранти прави речиси сигурно дека Светското првенство во 2034 година ќе биде нарушено со широко распространето кршење на човековите права“, се вели во соопштението.

Саудиска Арабија е единствениот кандидат за домаќин на Светското првенство во 2034 година на онлајн состанокот на 211 членки на ФИФА следната среда.

ФИФА ја пофали кандидатурата на Саудиска Арабија во внатрешната проценка минатата недела, истакнувајќи дека кралството мора да вложи значителен напор и време за усогласување со меѓународните правни стандарди, кои беа широко критикувани оваа година во Советот за човекови права на Обединетите нации.

Според извештајот на ХРВ, во Саудиска Арабија се ангажирани вкупно 13,4 милиони работници мигранти или околу 40 отсто од вкупната популација во земјата.

Најголем дел од нив се од Бангладеш (15,8 отсто), а околу 14 отсто доаѓаат од Индија, Пакистан и Јемен. ег

ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан