• сабота, 23 ноември 2024

Суспензијата на царините и квотите за увоз на храна од Украина во ЕУ продолжена до јуни 2025 

Суспензијата на царините и квотите за увоз на храна од Украина во ЕУ продолжена до јуни 2025 

Брисел, 20 март 2024 (МИА) - Белгиското претседателство со Советот на ЕУ и преговарачите на Европскиот парламент рано изутринава постигнаа договор за продолжување на суспензијата на увозните царини и квоти за украински прехранбени производи во Унијата за уште една година, до 5 јуни 2025 година. 

Како што соопшти Советот на ЕУ, ваквата одлука ја потврдува непоколебливата политичка и економска поддршка на ЕУ за Украина две години по почетокот на „неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Русија“.  

Со постигнатиот договор се преземаат и мерки за заштита од секое негативно влијание на оваа суспензија врз пазарот на една или повеќе земјите членки, а не само на пазарот на ЕУ во целина како што е случајот сега. Овие заштитни мерки се однесуваат на одредени производи, како живината, јајцата, шеќерот, овесот, пченката, житарките и медот. 

Според ЕУ, ваквата суспензија ќе и овозможи на Украина да продолжи да генерира сопствен приход од трговските текови со Унијата, што е особено важно за поддршка на нејзината економија во сегашните „многу предизвикувачки околности“.  

- Заедно со големата воена, финансиска и хуманитарна поддршка на ЕУ, ова ќе и помогне на Украина за нејзиното долгорочно закрепнување, како и за нејзина постепена интеграција на внатрешниот пазар на Унијата, се посочува во соопштението. 

Новата одлука, што ќе почне да се применува од 6 јуни 2024 година, вклучува и два механизми за заштита на пазарот на ЕУ – право на Европската комисија да воведе какви било заштитни мерки доколку постојат конкретни причини за тоа, како и постојан мониторинг на увозот на живина, јајца, шеќер, овес, пченка, житарки и мед и можност за автоматско воведување на увозни квоти доколку увозот на овие производи го надмине просекот од 2022 и 2023 година. 

Со новиот договор, рокот за активирање на автоматската заштита се скратува од 21 на 14 дена, а се предвидува и засилен мониторинг на увозот на пченица и другите житни култури и можност за преземање заштитни мерки во случај на нарушувања на пазарот. 

Постигнатиот договор сега треба и формално да го одобрат Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Според најавите уште во текот на денот договорениот текст ќе биде доставен на одобрување до Комисијата за меѓународна трговија на ЕП и до Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер). Се очекува Европарламентот да го одобри продолжувањето на суспензијата на една од априлските сесии, по што тоа ќе биде потврдено и од Советот на ЕУ.  

Предлогот за продолжување на суспензијата го иницираше Европската комисија на 31 јануари 2024 година, по што тој беше одобрен од Корепер без измени на 21 февруари. Потоа, на 7 март предлогот без измени беше поддржан и од страна на Комисијата за меѓународна трговија на ЕП, но на пленарна сесија шест дена подоцна европратениците го усвоија текстот на одлуката со неколку амандмански измени. Амандманите меѓутоа не беа поддржани од Советот на ЕУ, по што беше одржан нов круг на меѓуинституционални преговори што резултираше со денешниот договор. 

Инаку, укинувањето на суспензијата на увозните царини и квоти за украинските земјоделски производи беше меѓу барањата на протестите на земјоделците изминативе месеци, кои тврдат дека ваквиот слободен увоз им нанесува загуби и ги принудува да ги намалат цените на нивните производи. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан