• сабота, 23 ноември 2024

УЈП: Преку „меки“ мерки и соработка кон подобрување на даночната усогласеност

УЈП: Преку „меки“ мерки и соработка кон подобрување на даночната усогласеност

Скопје, 27 јули 2024 

Управата за јавни приходи заедно со Регионалните Стопански комори во Битола и Кавадарци, оваа седмица оствари работни средби со претставници на различни трговски дејности и претставници од туристичко угостителскиот сектор.

На средбите претставниците на УЈП ги потсетија даночните обврзници на одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања, Законот за данокот на додадена вредност и Законот за данокот на личен доход, со цел зголемување на доброволната усогласеност и градењето на партнерскиот однос на УЈП со даночните обврзници.

Раководителот на Сектор за даноци и услуги на даночни обврзници во УЈП, Мухедин Авдиќ, даде кратко објаснување и потсетување во делот на регистрирањето на готовинскиот промет, обврските кои произлегуваат од издавањето под закуп на недвижен имот и доходот кои го остваруваат физичките лица од времен карактер, а се со цел позитивно да се влијае на зголемувањето на доброволната усогласеност кај даночните обврзници.

Авдиќ истакна дека во ек на туристичката сезона, Управата за јавни приходи, преку вакви средби врши потсетување на даночните обврзници за нивните даночни обврски, а преку објавени Соопштенија на веб страната на УЈП, медиуми и социјални медиуми, учество на локални телевизии и радија, советодавни посети индиректно влијае врз подигање на даночната свест кај даночните обврзници. На средбите се даде и кратко објаснување од УЈП и се пренесе искуството при неправилната примена на Законот за регистрирање на готовинските плаќања од страна на даночни обврзници во тек на даночната контрола, и како треба да се постапи заради правилна примена на Законот и надминување на проблемите при регистрирањето на готовинскиот промет.

Присутните на средбите  побараа изнаоѓање на решенија за формализирање на оние физички лица кои во домашни услови произведуваат производи (торти, колачи, изработка на накит, украси и др) а не го пријавуваат доходот од истите, решавање на проблемот со кафематите бидејќи се влијае на нелојалната конкуренција на оние кои служат кафе во угостителските објекти, контрола на паркинзите каде не се издаваат фискални сметки а фирмите треба да го пријават како трошок, дел од присутните упатија и предлог за праг на толеранција за неслагање на каса, формализирање на дивите таксисти и други предлози од кои имаат потреба.

Самата средба ја означија како состанок кој ќе даде плодни резултати и предложија во иднина да се организираат заеднички состаноци на Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и јавни претпријатија за надминување на спорни прашања и создавање можност за меѓу институционално решавање на проблемите.

Вакви работни средби во вторник на 30 јули, ќе се остварат во Кичево, а во соработка и со Комората на Северозападна Македонија, ќе продолжат и во други градови за што Управата за јавни приходи ќе ја извести јавноста дополнително.

УЈП

фото: УЈП

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан