• петок, 21 февруари 2025

САД одбиваат да бидат коспонзор на резолуција на ОН за поддршка на Украина

САД одбиваат да бидат коспонзор на резолуција на ОН за поддршка на Украина

Женева, 20 февруари 2025 (МИА) – САД одбиваат да бидат коспонзор на нацрт-резолуција на ОН по повод три години од инвазијата на Москва на Украина, со која се поддржува територијалниот интегритет на Киев и се осудува руската агресија, изјавија три дипломатски извори за Ројтерс, во потенцијално значајна промена на политиката на најмоќниот западен сојузник на Украина.

Се чини дека овој потег го одразува растечкиот јаз меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, кој се обидува брзо да стави крај на војната во Украина и чиј тим разговара со Русија без учество на Киев.

Несогласувањата претставуваат голема политичка криза за Украина, откако таа употреби десетици милијарди долари американска воена помош договорена во текот на претходната американска администрација за да се спротивстави на руската инвазија.

Нацрт-резолуцијата на Генералното собрание на ОН, во која увид имал Ројтерс, ја осудува руската агресија и ја потврдува посветеноста на „суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.

„САД постојано спонзорираа такви резолуции во последниве години во корист на праведен мир во Украина“, изјави еден од изворите кој, како и другите, зборуваше под услов да остане анонимен за овеи чувствителни прашања.

Првиот дипломатски извор изјави дека резолуцијата е спонзорирана од повеќе од 50 земји, но одби да ги идентификува.

Портпаролот на американската дипломатска мисија во ОН во Женева се уште не одговорил на барањето за коментар.

Русија зазеде околу 20 отсто од територијата на Украина и полека но сигурно ги освојува териториите на истокот од земјата. Москва соопшти дека нејзината „специјална воена операција“ одговорила на егзистенцијалната закана од кандидатурата на Киев за членство во НАТО. Западот и Украина ги сметаат акциите на Русија како империјалистичко преземање на земјата.

САД досега беа коспонзори на речиси сите резолуции на ОН за поддршка на Украина против Русија во најголемиот конфликт на европско тло од Втората светска војна.

Не е познат рокот до кој може да се поддржи нацрт-резолуцијата, а Вашингтон сепак би можел да се премисли.

Гласањето во ОН, кое се смета за важен показател за глобална поддршка за Украина и покрај тоа што администрацијата на Трамп се сврте кон ставот на Русија за војната, сепак може да продолжи без американска поддршка, но е помала веројатноста да добие широка поддршка во Генералното собрание.

„Засега ситуацијата е таква што тие (САД) нема да го потпишат“, изјави друг дипломатски извор, исто така под услов да остане анонимен. сд/

 

Остани поврзан