• петок, 21 февруари 2025

Рамафоса на самитот на Г20 во Јоханесбург: Нема консензус меѓу светските сили за кризите

Рамафоса на самитот на Г20 во Јоханесбург: Нема консензус меѓу светските сили за кризите

Јоханесбург, 20 февруари 2025 (МИА) – Недостасува консензус меѓу големите светски сили за тоа како да се одговори на проблемите од глобално значење, изјави денеска јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса на отворањето на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г20 во Јоханесбург.

Во Г20 членуваат 19 земји, ЕУ и Африканската унија. Групата претставува околу 80 проценти од светското население и повеќе од 85 отсто од светската економска сила.

- Геополитичките тензии и растечката нетолеранција, конфликтите и војните, климатските промени, пандемиите и несигурноста во храната го загрозуваат овој и онака кревок соживот на глобално ниво, рече Рамафоса на почетокот на дводневниот форум.

Тој истакна дека предизвиците што ги наброја се меѓусебно поврзани и бараат инклузивни и координирани одговори од различни органи, вклучително и Г20.

Американскиот државен секретар Марко Рубио не присуствуваше на средбата која за прв пат се одржува во Јужна Африка. Неговото отсуство не е ниту „катастрофа“ ниту „бојкот“, изјави денеска Рамафоса.

- Тоа што американскиот државен секретар не е присутен не е катастрофа бидејќи САД се секогаш претставени овде, рече шефот на јужноафриканската држава на денешната прес-конференција, мислејќи на тоа дека Вашингтон на форумот го претставува вршителот на работи во амбасадата во Преторија.

Рубио ја одби поканата да присуствува со образложение дека Јужна Африка го одобрила законот за експропријација на земјиште со кој САД не се согласуваат. Покрај тоа, шефот на американската дипломатија критички се изјасни за политиката на Јужна Африка кон Израел. јт/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан