Отворањето канцеларија на ЕП за Рама многу добар момент за меѓународната позиција на Албанија, која, на 16 мај, ќе ги пречека лидерите од целиот континент освен Русија
- Албанскиот премиер Еди Рама одлуката за отворање канцеларија на ЕП за Западен Балкан во Тирана ја смета за извонредна процена и многу добар момент за меѓународната позиција на Албанија, која, на 16 мај, ќе ги дочека лидерите од целиот континент освен Русија.

Тирана, 11 март 2025 (МИА) – Албанскиот премиер Еди Рама одлуката за отворање канцеларија на ЕП за Западен Балкан во Тирана ја смета за извонредна процена и многу добар момент за меѓународната позиција на Албанија, која, на 16 мај, ќе ги дочека лидерите од целиот континент освен Русија.
-Ова е извонредна процена, уште еден многу добар момент за нашата меѓународна позиција, бидејќи ги започнавме подготовките за големиот самит на 16 мај, првиот самит на ЕУ, а лидерите на ЕУ решија да дојдат на 15 мај на работна вечера овде со мене и со другите лидери од нашиот регион. Така, на 15-ти ќе бидеме домаќини на лидерите на Европскиот совет, а на 16-ти ќе дојдат лидерите од целиот континент, со исклучок на Русија, рече Рама, во редовна комуникација со граѓаните на Фејсбук.
Рама вели дека Албанија е на вистинскиот пат да стане членка на Европската унија и тоа освен него никој друг не може да го постигне. Според него сè додека Албанија се уште не е дел од ЕУ, од големо значење е кој е на власт во Албанија.
-Сè додека не станеме членка на ЕУ, многу е важно кој владее овде денес, а тоа го знаат и тие што не сакаат да признаат, дека никогаш не сме имале ваков однос што јас и Социјалистичката партија го воспоставивме со Европа и светот и знам како се работи оваа работа и како завршува овој процес. Никој друг не може да го направи тоа, посочи Рама.
Тој и денеска во својата Фејсбук-комуникација во живо не ја штедеше својата иронија за опозицијата, и му порача на Сали Бериша дека нема и не треба да се случи СПАК да се распушти, што беше најавено од Бериша доколку победи на изборите на 11 мај. вт/рп/