Кошта: Зборовите ги претвораме во дела и ја зајакнуваме безбедноста на Европа
- Европската унија живее во клучниот момент. Чувството на итност е пред нас. Геополитичките тензии се зголемија во последните недели. Мултилатерализмот е под огромен притисок, а исто така и меѓународниот поредок заснован на правила. Руската агресивна војна против Украина и заканата што таа ја претставува има пошироки импликации за Европа и меѓународната безбедност, нагласи Кошта во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на зајакнувањето на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.

Стразбур, 11 март 2025 (МИА) - Пред три години токму на денешен ден во Версај решивме да ја зајакнеме одбраната на Европа и да изградиме „Европа на одбраната“ и сега она што го ветивме го исполнуваме со минатонеделните брзи и амбициозни одлуки на Самитот на ЕУ за безбедноста и за Украина, истакна денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Европскиот парламент.
- Европската унија живее во клучниот момент. Чувството на итност е пред нас. Геополитичките тензии се зголемија во последните недели. Мултилатерализмот е под огромен притисок, а исто така и меѓународниот поредок заснован на правила. Руската агресивна војна против Украина и заканата што таа ја претставува има пошироки импликации за Европа и меѓународната безбедност, нагласи Кошта во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на зајакнувањето на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.
Тој истакна дека ЕУ зборовите да ги претвора во дела и во текот на последните три години, нејзините земји членки ги зголемија трошоците за одбрана за 30 отсто и оние 23 кои се дел од НАТО во 2024 година ја остварија целта за одбранбени издвојувања од два отсто од нивниот БДП.
- Сега одиме многу подалеку. За еден месец, работејќи заедно со Европската комисија, ја започнавме „Европа на одбраната“, изјави Кошта, потсетувајќи дека на специјалниот Европски совет во четвртокот беше решено ЕУ повеќе да инвестира во приоритетните области, како што се противвоздушната и противракетната одбрана, артилериски системи, проектили, муниција, дронови и системи за справување со дронови, во воена мобилност, вештачката интелигенција и кибер и електронската заштита.
Тој додаде и дека е решено да се мобилизираат повеќе јавни и приватни средства за одбраната и дополнителни трошоци за финансирање на потребните одбранбени капацитети, со цел земјите членки да инвестираат подобро и поефикасно заедно.
- Нашиот фокус е јасен. Следната недела, Комисијата и високиот претставник ќе ја претстават Белата книга за одбраната, а Европскиот совет ќе продолжи да ја унапредува работата. Да го изградиме нашето одвраќање и да ја зајакнеме безбедноста на нашиот континент, истакна Кошта, потенцирајќи дека паралелно со зајакнување на одбраната, мора да се зголемат индустриската и технолошката конкурентност на Европа и да се создадат нови работни места, со што ЕУ ќе стане посилна и ќе ги заштити своите граѓани и социјален модел.
Според него, од зголемените трошоци за европската одбрана корист ќе има и Украина, затоа што нејзината безбедноста не може да се одвои од безбедноста на Европа.
- Најдобрата безбедносна гаранција што можеме да ја дадеме е да ја зајакнеме самоодбраната на Украина и да изградиме кредибилна и робусна Европа на одбраната, рече претседателот на Европскиот совет.
Кошта нагласи дека покрај со задоволување на нејзините одбранбени потреби, ЕУ се подготвува да ја поддржи Украина и кога таа ќе одлучи да се вклучи во преговори и да и помогне да постигне сеопфатен, праведен и траен мир.
Тој потсети дека денеска е и годишнината од првиот состанок на Европскиот совет во март 1975 година, како и стотиот ден од неговото стапување на функцијата.
- Сто дена во кои стана јасно дека Европа на одбраната и Европа на заеднички просперитет се приоритетите во овој мандат. Сто дена во кои стана јасно дека градењето на улогата на Европа во светот е стратешки приоритет. Сегашниот контекст не тера да ја прошириме нашата мрежа на партнери. Веќе имаме импресивна мрежа, но потребно е таа да расте, рече Кошта.
Според него, за да може ЕУ да продолжи понатаму на зацртаниот пат, потребни и се поголема самодоверба, поголем доверба во сопствената колективна моќ и поголемо единство за соочување со новата геополитичка ера.
- Нема сомнеж дека испорачуваме побрзо, дека Европската Унија е посилна. За безбедност, мир и просперитет во Украина. За безбедност, мир и просперитет во Европа, додаде Кошта во обраќањето. сп/
Фото: ЕПА