• петок, 21 февруари 2025

Онлајн „судири„ меѓу американските и украинските власти

Онлајн „судири„ меѓу американските и украинските власти

Мајами, 19 февруари 2025 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор без избори“, откако тој оцени дека Трамп бил под влијание на руски дезинформации во неговите напори да стави крај на руско-украинската војна, но под услови за кои Киев вели дека се премногу поволни за Москва.

- Да размислиме; умерено успешниот комичар Володимир Зеленски ги убеди САД да инвестираат 350 милијарди долари во војна што не може да се добие и која никогаш не требаше да почне, војна што тој никогаш не може да ја смири без САД и ТРАМП, напиша американскиот претседател, кој своето име го напиша со сите големи букви.

Трамп во објава на својата социјална мрежа Трут Соушл напиша дека Зеленски е „диктатор без избори“.

Откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, земјата ги одложува своите избори кои требаше да се одржат во април 2024 година.

Зеленски денеска го обвини Трамп дека живее во руски „простор за дезинформации“.

Трамп, пак, го обвини Зеленски дека ја злоупотребил американската помош за украинските воени напори и дека ја искористил администрацијата на поранешниот американски претседател Џозеф Бајден.

Размената на остри зборови меѓу Трамп и Зеленски дојде откако високи претставници од администрацијата на Трамп и Русија се сретнаа вчера во Ријад, Саудиска Арабија, и се согласија да преговараат за мир во руско-украинскиот конфликт. Сепак, украинските и европските претставници не беа вклучени во овие разговори и покрај инсистирањето на Зеленски на тоа.

Трамп, кој во кампањата вети дека војната ќе заврши брзо, го повтори својот став дека Зеленски требаше уште претходно да преговара за мир и му рече дека „подобро да дејствува брзо, или нема да му остане ништо од земјата“.

– Во меѓувреме, ние сме успешни во преговорите за завршување на војната со Русија, нешто што сите го признаваат дека можат да го направат само ТРАМП и администрацијата на Трамп. Бајден никогаш не се обиде. Европа не успеа да донесе мир, а Зеленски веројатно сака да го продолжи овој „брз воз до лесни пари“, напиша американскиот претседател.

Брзо по објавата на Трамп реагираше украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха кој на Х напиша дека никој не може да ја натера неговата земја да се откаже од своите права.

- Ќе го браниме нашето право да постоиме, напиша Сибиха на X.

- Украина го издржа најужасниот воен напад во модерната историја на Европа и три години тотална војна. Украинскиот народ и неговиот претседател Зеленски одби да попушти пред притисокот на Путин, додаде Сибиха.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан